До февруари ќе се знае - избори или „како досега“
17 јануари 2023До крајот на јануари или почетокот на февруари ќе се знае дали предвремените парламентарни избори ќе бидат неизбежност или ќе се спроведат во редовниот термин. Според наводи од повеќе партии (од власта и опозицијата) исходот би зависел од одлука на незадоволни пратеници од владејачката коалиција.
„Не е во прашање само незадоволството на ‘Огнената група' од ДУИ. И во СДСМ има незадоволни, кои праќаат сигнали дека сѐ за предвремени избори. Ако не останат само на ‘вербалното незадоволство', туку повлечат и конкретен потег за изразување недоверба кон власта, изборите ќе бидат неизбежни", велат соговорниците.
Групата на незадоволни претежно ја лоцираат во пратеници од изборните единици 3 и 4, доведувајќи ги во корелација со тоа под чие „влијание и контрола“ се тие, а во врска со наводите за постоење сценарио за поткопување на позициите на Димитар Ковачевски.
Според истите извори, тоа била причината што Ковачевски се откажал од наводен план за реконструкција на неколку министри од редовите на СДСМ, за да го амортизира противењето на таков чин, кој би се одразил врз стабилноста на мнозинството заради „диригирано“ незадоволство преку одреден број пратенци.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од средба во Гостивар испрати порака до сценаристите за уривање на мнозинството и за одржување предвремени избори, а според чиј план, по изборите во власта би влегле двете најголеми политички партии, но со друг партнер од албанскиот блок, со цел ДУИ да биде елиминирана од власта.
„Создавањето на мнозинство меѓу СДСМ и ВМРО е неприфатливо и нема да се случи (...) Можеби има сили што мислат така, но има и прогресивни сили во оваа земја. СДСМ е на чело, нема ново мнозинство, без разлика на акробациите за ново мнозинство. Ви велам дека коалицијата работи и е стабилна и ќе има избори во 2024 година, или ќе бидат заедно со претседателските или после нив", порача Ахмети.
Аршинот на Ахмети
Но, во политичките кулоари се говори дека обидите за обезбедување ново мнозинство ќе се засилат токму во следните две недели. Се шпекулира дека постои линк/триаголник меѓу незадоволни од СДСМ и од „Огнената група" со опозициските партии, но дека тоа досега било на ниво на „сигнали“. Дали може да прерасне во нешто повеќе?
Во моментов Ахмети е во офанзива за стабилизирање и зацврстување на состојбите во партијата, односно во мнозинството. Откако од „Огнената група" му беше упатена забелешка дека „треба да биде претседател на партијата, а не да фати страна“, тој вчера ги потсети незадоволните дека досега кон сите имал еднаков аршин.
„Грешат, и јас им кажав. Две години ги молев, треба да се мисли на крајот а не на почетокот, затоа што се памети крајот. Сега не можам да ја направам куќата на Настрадин, кој како што бара. Десет години бараа да го тргнам Муса Џафери од вицепремиер. Јас не го тргнав, затоа што ја почитувам волјата на мнозинството. Инсистираа Абдилаќим (Адеми- н.з.) да биде сменет од вицепремиер. Но јас не го тргнав затоа што ја испочитував волјата на мнозинството. Сега повторно бараат, отстранете го Артан Груби. Но, не го отстранувам, затоа што тоа е одлука на мнозинството“, порача Ахмети од средба во Гостиварско.
Засега не е познато каков ќе биде одговорот на незадоволните кои инсистираат на смена на Груби, но извесно е дека теренскиот натпревар ќе продолжи, со оглед дека „огнените“ за утре ја најавија следната средба со граѓани во Скопје.
Да се одреди тајмингот
Во овој момент останува енигма дали и „кога“ Алијанса за Албанците би можела да се приклучи на владејачкото мнозинство, бидејќи временскиот тајмниг се смета за важен елемент во сегашниот контекст.
„Ако тоа се случи сега, подразбира дека актуелните коалициски партнери треба да отстапат места во извршната власт за АА. Таа реконструкција би можела да биде повод да се ‘формализира’ одлука на незадоволните во СДСМ, доколку тоа го прочитаат како ‘покритие‘ за смена на некој од министрите на СДСМ, за кои тие се противат. Тоа, во пакет со незадоволство на ‘Огнената група', може да заврши со губење на поддршка за мнозинството, која не е сигурно дали би можела да биде надоместена со бројката на пратеници на АА. Ако актуелното мнозинство го одложи проширувањето на коалицијата и ги преживее ризиците од осипување на мнозинството до следниот месец, тогаш предвремени избори ќе отпаднат како опција бидејќи натамошните рокови не се соодветни. Влезот на АА потоа би можел да биде полесен и без поголеми внатрешни реперкусии“, велат упатени во состојбите.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари вчера на ТВ 21 изјави дека нема конкретни преговори за влез на Алијанса во Владата, но дека има разговори.
„Постои можност за влез во Владата. Конкретна понуда нема, но ние сме во постојана комуникација. Гледате како е во Собранието. Мислам дека сме 60-60. Собранието не може да создаде мнозинство без помош на Алијансата“, рече Таравари.
Според него, таа можност постои затоа што тоа го бара меѓународниот фактор, и доколку и граѓаните го бараат тоа, АА може да биде дел од Владата.
„Ако не станеме дел од Владата, тогаш одиме на избори. Нема друго решение. Сепак, приоритет за нас се уставните измени и затоа сме подготвени да станеме дел од Владата за да го помогнеме процесот“, рече претстадатлот на АА, додавајќи дека „2023 ќе биде доста интересна година и дека може да биде слична на 2016 година".
Спасовски: Состојбата во СДСМ е нормална
Говорејќи на оваа тема, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека за влез на која било партија во владината коалиција мора се отвори дебата во рамки на СДСМ и на актуелното парламентарно мнозинство. Во гостување на ТВ 24 тој потенцираше дека има конгресна одлука за градење на коалициските капацитети и дека треба да се оценат сите аспекти - што е тоа што се добива, што е тоа што се губи, кои се придобивките за државата... Во однос на можна реконструкција, во која се спомнува и неговото име, посочи дека „ниту една политичка кариера на кој било во државата, макар и на Оливер Спасовски, не е многу поважна од граѓаните и од државата“.
А во однос на состојбите во партијата, по наводите за тајни средби за пуч во СДСМ, нагласи дека лично ќе се бори за зачувување на единството.
„Состојбата во СДСМ е нормална. Можам да ви кажам дека јас не сум присуствувал на ниту една од тие средби и не сакам да коментирам средби кои биле во тесен круг, ниту знам за причините, ниту кои биле целите. И укажувам дека одлуките се носат од органите. Така што, во тесни кружоци може да се разговара за одредена тема, но тоа не се одлуки кои стратешки треба да се определат во делот на СДСМ. Јас лично како човек, како долгогодишен функционер (...) цврсто ќе се борам за сочувување на единството и за задржување на принципите за кои оваа партија се залага. И од тоа отстапување нема. И за тоа ќе се дебатира и разговара во рамки на партијата и мислам дека нема човек во СДСМ, без разлика дали е на позиција или не, кој ќе може да се охрабри да ги руши овие принципи на кои сме застанале во оваа битка што ја водиме“, порача Спасовски.