1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови дојави за бомби, се трупаат часови за надокнадување

ДТЗ
11 ноември 2022

МОН апелира дека наставата мора да продолжи, но поради честите прекини, за училиштата ќе биде вистински предизвик како да ја надокнадат пропуштената настава до крајот на годината.

https://p.dw.com/p/4JNHc
дојави бомби ученици
Образовните институции во земјата веќе две недели се под константен притисок од закани коишто во шест наврати се покажаа дека се лажни, но предизвикаа тензијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Нови закани за поставени бомби пристигнаа во четири училишта во Скопје. Станува збор за училиштата „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Никола Карев“ и „Орце Николов“, каде учениците се евакуирани, а наставата повторно е во застој.

„Денеска во СВР Скопје околу 9:30 часот е пријавено дека на електронската адреса на четири училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР. 

Образовните институции во земјата веќе две недели се под константен притисок од закани коишто во шест наврати се покажаа дека се лажни, но предизвикаа тензија во училиштата и го попречија нормалниот тек на наставата. Министерството за образование апелира дека наставата мора да продолжи, но поради честите прекини за училиштата ќе биде вистински предизвик како да ја надокнадат пропуштената настава до крајот на годината. 

„Наставата во средните училишта во Скопје каде во изминатите денови имаше повремени прекини, мора да продолжи, а училишните раководства кои се најодговорни за квалитетен и безбеден воспитно – образовен процес, согласно позитивните правни прописи, имаат должност да изнајдат начин и до крајот на првото полугодие да ги надоместат пропуштени часови“, велат од Министерството за образование и наука.

Според МОН, местото на учениците е во училишните клупи и секој прекин на наставата го попречува нивниот правилен развој. „Осудуваме секаков обид за наштетување на воспитно-образовниот процес на учениците. Создавањето страв и паника кај младите и одвлекување на вниманието од секојдневни училишни обврски, подразбира и наштетување на иднината на државата. Се надеваме дека оние кои во повеќе наврати ја попречуваа работата на неколку училишта во Скопје час поскоро ќе бидат пронајдени и соодветно санкционирани“, укажуваат од МОН. 

полиција дојави за бомби
„Во неколку правци одат истрагите. Имаме веќе добри сознанија од каде доаѓаат мејловите, на кој начин се испраќаат“, вели Оливер СпасовскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Истрагите водат во повеќе правци

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски ги оцени лажните дојави за бомби како „монструозен чин на хибридни закани“ и рече дека многу е важен брзиот и ефикасен одговор на државата со своите партнери. Во интервју за Алсат тој кажа дека се започнати сите истраги и дека се вклучени сите институции кои се грижат за националната безбедност заедно со меѓународните партнери.

„Во неколку правци одат истрагите. Имаме веќе добри сознанија од каде доаѓаат мејловите, на кој начин се испраќаат. Ќе ни треба и меѓународна правна помош за да можеме да ги потврдиме доказите и тоа е клучно кај вакви хибридни напади, да се обезбедат доказите”, рече Спасовски.

Во врска со справувањето со хибридните закани и сајбер криминалот кој зема замав и на глобално ниво, Спасовски рече дека веќе со години преку донесување на Стратегијата за борба со сајбер криминалот, која е во процес и на усогласување со НАТО стандардите, има силна основа за ефикасна борба со овој вид криминал кој постојано се усовршува со развојот на информациските технологии. 

Северна Македонија како членка на НАТО и дел од регионот на Западен Балкан кој е изложен на сајбер закани беше прифатена во НАТО центарот за извонредност за сајбер одбрана и е во процес на полноправно членство. Во рамките на процесот, Северна Македонија ќе може да ги користи алатките на Центарот за да ја засилува сопствената отпорност од хибридни напади и да ја зајакне заштитата на критичката инфраструктура.