Долго заборавените жртви на нацизмот
27 јануари 2023„Ти геј свињо сега си остана без мадиња" - со овие зборови Ото Гиринг во август 1939 година бил исмеван од управникот на концентрациониот логор Заксенхаузен по неговата присилна кастрација. Уште пред неговата депортација во концентрациониот логор, тогаш овој 22-годишник два пати бил осудуван поради хомосексуални контакти и бил испратен во работнички логор.
Потресната приказна на кројачот од Хамбург може да се прочита во книгата „Медицина и криминал“. Издавач е фондацијата „Бранденбуршки меморијали”, на која меѓу другото и припаѓаат спомен куќата на концентрациониот логор и музејот Заксенхаузен.
Жртвата Гиринг никогаш не добил отштета
Ото Гиринг ги преживеал тортурите, но со нарушено здравје: „Во концентрациониот логор имал проблеми со срцето, желудникот и страдал од главоболки и мигрени. Додека го поднесувал барањето за отштета, одново му се вратиле сите слики и преживеаната траума. Кога добил одговор дека барањето му се одбива, со денови не се вратил дома и дури бил пријавен за исчезнат. Полицијата го пронашла избезумен и дезориентиран.“
Неколку месеци пред неговиот 60 роденден, во 1976 година, Ото Гиринг починал. Тој е еден од 10 до 15 илјади хомосексуалци кои до крајот на нацистичкото владеење во 1945 биле испратени во концентрациони логори. Само во Заксенхаузен биле околу 1000, повеќе од било кој друг логор. Тие покрај Евреите, Синтите и Ромите биле најмногу злоставувани од стражарите.
Има податоци дека нацистите во 1942 година системски убиле 200 хомосексуалци кои биле на принудна работа во фабрика за оружје во близина на Заксенхаузен. Докажани се вкупно повеќе од 600 смртни случаи на хомосексуалци затвореници во концентрациониот логор северно од Берлин.
Иако судбината на мажите хомосексуалци во времето на националсоцијализмот е документирана илјадници пати, речиси со децении никој не ги споменува овие жртви – барем не јавно. Иако првите обиди да се одбележи споменот на овие мажи жртви бил уште во поделена Германија, кога припадници на хомосексуалната заедница од Западен Берлин положиле венци со розови панделки, тие биле веднаш отстранети од Министерството за државна безбедност (Штази). Спомен плоча во нивно сеќавање за прв пат беше поставена во Заксенхаузен дури по падот на Берлинскиот ѕид и обединувањето на Германија на почетокот на 1990те.
Постојат неколку причини за доцниот почеток на одбележување на овие жртви и нивната морална рехабилитација. Од една страна ова е поврзано со фактот што практикување хомосексуалност по 1945 година и во двете Германии се сметало за кривично дело, при што либерализацијата во источна одеше многу поспоро отколку во западна Германија.
Други групи на жртви - приоритет
Дополнително, фокусот бил ставан на други групи на жртви, вели Зеференс посочувајќи на разликите меѓу Истокот и Западот. „Во источна Германија сосема во духот на антифашистичката доктрина, тоа биле политичките затвореници, а во западна Германија конзервативниот отпор и подоцна прогонуваните Евреи."
Со децении други групи кои биле жртви на нацистите, прогонувани како „асоцијални”, Синти и Роми и хомосексуалци, биле исклучувани од споменувањето и не добивале финансиска отштета. „Тоа покажува континуитет во механизмите за стигматизирање и исклучување, кои досегаат и многу подалеку од 1945 година", вели Зеференс за долгиот период на молчење и „туркање под тепих”.
Членот 175 потекнува од 1871 година
Корените на таквата општествена клима датираат од многу поодамна. Уште долго пред националсоцијалистите да ја преземат власта во 1933, хомосексуални дејствија биле казниво дело според член 175 од Кривичниот законик на германскиот Рајх од 1871, годината на основањето на Првиот германски Рајх. Како дел од т.н. „кривични дела против моралот" меѓу другото и „противприродните односи” меѓу мажи спаѓаа во таквиот член.
Нацистите во 1935 многу го заострија кривичното дело и го воведоа и член 175а. Со тоа веќе не беа опфатени само “дејствија налик на односи” меѓу двајца мажи, туку секакви „непримерни дејствија” меѓу мажи. И лезбејките биле понижувани заради нивната “настрана” сексуалност и биле во визирот на полицијата.
Лезбејската љубов забранета само во Австрија
Од кривичен аспект останаа во најголем дел поштедени бидејќи хомосексуални дејствија меѓу жени речиси во целиот германски Рајх биле неказниви. Ситуацијата се разликувала само во Австрија која во 1938 година со поддршка од големи делови на населението се приклучи кон нацистичка Германија и каде што правно погледнато не се диференцирало меѓу машката и женската хомосексуалност.
Сѐвкупно помалку е истражувана судбината на лезбејките во концентрационите логори отколку на мажите бидејќи за нив не постоела посебна затвореничка категорија. За да ги пикнат во логор користени се различни етикети, како “асоцијални”, бездомни, проститутки или жени кои се отскокнуваат заради „неморален животен тек”.
Антисемитизам, расизам, хомофобија
Притисокот од прогон пред сѐ за мажите перманентно се зголемувал. Откако нацистите во 1933 веднаш ги затворија сите кафулиња на хомосексуалната и лезбиската субкултура, истата година го уништија и Институтот за сексуални науки во Берлин основан во 1918 година од Магнус Хиршфелд. Нивниот гнев не бил насочен само против тоа што бил пионер во хомосексуалното движење, туку врз него ги изживувале и антисемитизмот, расизмот и хомофобијата истовремено.
Во годината на Олимписките игри во Берлин 1936 националсоцијалистите ја формираа „Централата на Рајхот за сузбивање на хомосексуалност и абортуси”. Со помош на собраните податоци, тие пред сѐ ги прогонувале геј мажите. На тој начин за време на нивното владеење се отворени околу 100 илјади предистражни постапки. Околу 50 илјади мажи се осудени.
Квир жртвите дури во 2002 рехабилитирани
Кога заврши нацистичкиот терор, остана на сила заострениот член 175 како во западна, така и во источна Германија. Укинат беше дури во 1994 година, 4 години по обединувањето. Германскиот Бундестаг пак дури во 2002 година ги рехабилитираше осудените од страна на нацистички судии. Повеќето во тоа време веќе беа починати. Кога парламентот на 27 јануари 2023, годишнината од ослободувањето на логорот Аушвиц, ќе се потсети на сите жртви од нацистичкото владеење, групата на прогонуваните сексуални малцинств ќе се најде во средиштето - 90 години по почетокот на нивната дискриминација каква што немало до тогаш, прогонот и убиствата. Ова е премиера во рамки на комеморацијата која од 1996 година се одржува во парламентот.
Соработка со музејот на хомосексуалците
Во рамки на 50-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Заксенхаузен во 1995 година за прв пат хомосексуален маж зборуваше јавно за животите на хомосексуалците. На пресвртницата кон новиот милениум спомен куќата и Музејот за хомосексуалци од Берлин заеднички организираа голема изложба на темата. Во срцето на Берлин од 2008 година во близина на Бундестагот е поставен споменик во чест на хомосексуалците кои биле прогонувани за време на националсоцијализмот.
Во септември 2022 година претседателот на Меѓународниот комитет Заксенхаузен, Дик Де Беф, потсети на 80-годишнината од убивањето на хомосексуални затвореници во тогашниот концентрационен логор. „Да се памети не е само да се фрли поглед назад во минатото, тоа се отсликува и во сегашноста - во правата и местото на хомосексуалците и лезбејките, ЛГБТ заедницата на денешното време."