1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Доналд Трамп вети почеток на „златно доба“ за САД

БГ /АП
20 јануари 2025

Старо-новиот американски претседател Доналд Трамп најави серија изврши одлуки со кои, меѓудругото, ќе ја испрати армијата на границата со Мексико, ќе го освојува Панамскиот канал, но и ќе признава само два пола.

https://p.dw.com/p/4pOZz
Доналд Трамп САД
Доналд Трамп полага заклетва како 47 претседател на САДФотографија: Morry Gash/REUTERS

Втората инаугурација на Доналд Трамп донесе сличен говор како и првиот: жестока осуда на состојбата во која се наоѓа државата и големи ветувања дека проблемите ќе се решат. Пред осум години, Трамп зборуваше за „американски масакр“ и вети дека тоа веднаш ќе заврши. Во понеделникот, тој рече дека пропаста на САД ќе престане веднаш и земјата ќе влезе во „златно доба“.

Трамп најави серија претседателски декрети со кои сака да стави крај на „пропаѓањето на САД“ и да ја направи „Америка повторно голема“.

Жестоко против имиграцијата

Во инаугурацискиот говор во Капитол, на истото место каде неговите приврзеници пред четири години се обидоа да извршат насилен државен удар, Трамп најави дека првата мерка ќе биде објавување на состојба на национална катастрофа на јужната граница кон Мексико.

„Илегалните влегувања веднаш ќе бидат запрени, и ќе започнеме со процес на враќање на милиони и милиони криминални странци назад од каде што дошле“, рече Трамп, дополнувајќи дека ќе ја испрати армијата на границата. Следните чекори на новата администрација се очекува да бидат укинување на правото на азил, но и укинување на можноста за добивање американско државјанство врз основа на раѓање на територијата на САД. 

Доналд Трамп
Трамп најави дека од 20 јануари во САД ќе има само два пола: машки и женскиФотографија: Saul Loeb/CNP/ABACA/picture alliance

Враќање на Панамскиот канал, економски царини и тарифи

Слично како и во месеците по изборите, Трамп повторно најави дека ќе го „врати Панамскиот канал“, иако не изнесе детали како ќе го стори тоа.

Трамп најави дека ќе формира „служба за надворешен приход“ која ќе воведе царини и тарифи за странски држави, со цел „да се збогатат Американците“.

Од денеска само два пола 

Со мерка која има за цел да ги збрише сите достигнувања на претходната администрација, Трамп исто така најави дека ќе потпише декрет со кој ќе се признаваат само два пола: машки и женски.

„Ќе и ставиме крај и на владината политика и обидите за социјално инженерство на расата и полот во секој аспект од јавниот и приватниот живот. Оттука, од денеска официјалната политика на САД ќе биде дека постојат само два пола, машки и женски“.

Повлекување од Парискиот договор 

Новиот претседател, исто така, повторно ќе ги повлече САД од Парискиот климатски договор, и тоа по вторпат. Повлекувањето се поднесува до ОН, и влегува во сила по една година. Тоа значи дека САД ќе се повлечат од меѓународно преземените обврски за намалување на емисиите на штетни гасови и битката против глобалното затоплување.

Трамп го опиша договорот како катастрофа и измама за САД, и најави дека новата администрација ќе започне со масовно дупчење за нафта и гас. Трамп и во претходниот мандат се повлече од договорот, но администрацијата на претседателот Џо Бајден ја врати земјата назад.