1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Украина смее да ја напаѓа Русија со американско оружје

ЖА
31 мај 2024

Владата на САД дала дозвола за користење на американско оружје во ограничен обем против цели на руска територија.

https://p.dw.com/p/4gTiZ
Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо БајденФотографија: Chris Kleponis/ZUMA Wire/Imago Images

Американскиот претседател Џо Бајден ги укинал ограничувањата кои досега на Украина и` оневозможуваа да го користи оружјето добиено од САД на руска територија, но ова важи само за одбрана на регионот Харков, кој е изложен на перманентни руски напади, соопштил претставник на американската влада во четвртокот во Вашингтон.

„Претседателот пред кратко време му наложи на својот тим да се погрижи Украина да биде во состојба да го користи американското испорачано оружје за контранапади во регионот на Харков.  Украина треба да биде во можност да возврати на нападите на  руските сили или  да подготвува напади врз нив“,  изјавил американскиот владин претставник кој инсистирал да остане анонимен.

Но, нема никаква измена во забраната за употреба на ракетите АТАЦМС или ракети со долг дострел во внатрешноста на руската територија, истакнал владиниот претставник, алудирајќи на  ракетите кои Вашингтон неодамна и` ги испорача на Украина.  Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен претходно навести дека по ова прашање може да следи промена на курсот на претседателот Џо Бајден.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во текот на минатите недели засилено вршеше притисок врз  западните партнери  да му дадат  зелено светло за напади  со нивното испорачано оружје врз цели во Русија. Руската армија во средината на мај започна офанзива во регионот Харков и во североисточниот дел од Украина и ги стави под притисок украинските трупи, при што изврши и освојување на територии.

Дебатата за  користење на западно оружје против цели во Русија  во минатите недели е посебно интензивирана. Францускиот претседател Емануел Макрон при неговата посета во Германија во вторникот изјави дека Украина мора да има можност да ги „неутрализира“ позициите кои Русија ги користи за напади.

Германскиот канцелар Олаф Шолц  меѓутоа и натаму е воздржан по ова прашање, постојано истакнувајќи дека сака да спречи „да дојде до војна меѓу Русија и НАТО“. Тој повторно укажа на „јасните правила“ за германските испораки на оружје, кои се договорени со Украина и кои функционираат.