1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиПакистан

Драма на жичарница во Пакистан – деца висат над провалија

ЖА / агенции
22 август 2023

Специјални единици во Пакистан вршат високо ризична спасувачка мисија на шест деца и двајца возрасни кои висат во кабина над провалија.

https://p.dw.com/p/4VRTN
Пакистан жичарница
Воен хеликоптер во Пакистан се обидува да спаси патници во кабина на жичарница која виси на една сајла над провалијаФотографија: AFP/Getty Images

Воен хеликоптер кружи во близина на кабина, која виси на само една сајла на височина од 300 метри и во која се заробени шест деца и двајца возрасни, во обид да ги спаси.

Инцидентот со кабината на жичарницата, како што соопшти полицијата во регионот Батаграм, се случил во планинскиот крај на провинцијата Кибер Пактунква, над длабока планинска клисура.

Според извештај на весникот „Доун“, рано утрото се скинала сајла на кабина на жичарницата,која е отворена од две страни, во момент кога со неа децата биле на пат кон училиште. Заробени на височина од 300 метри, патниците во кабината со часови чекаат на помош. „Секоја и најмала погрешна калкулација може да доведе до катастрофа“, изјави спасувачот Билал Фаизи за германската новинска агенција ДПА.

Дваесетгодишен човек кој се наоѓа во кабината на жичарницата за ТВ Гео сведочи за драматичните часови: „Немаме дури ни вода за пиење, ако знаете за Господ, ве молам помогнете“, вели тој. 16-годишен патник во кабината, кој имал срцеви проблеми, колабирал и со часови бил во несвест. Тој утрото бил на пат за во болница.

Пакистанскиот вршител на должноста премиер Анварул Хак Какар им дал инструкции на спасувачите да ги мобилизираат сите расположливи ресурси во спасувачката акција.

Во планинските региони на Пакистан жичарницата често е единствена можност за да се стигне до зафрлените села.