1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Природа и животна срединаСоединети Американски Држави

Ураганот „Милтон“ пред Флорида: „Екстремно сериозна закана“

Тагесшау | ЕМФ
9 октомври 2024

Инструкции за евакуација, недостиг на гориво, целосно резервирани хотели: Ураганот „Милтон“ се очекува вечерва да ја погоди Флорида. Метеоролозите предупредуваат на историско невреме. Бајден ги прилагодува своите планови

https://p.dw.com/p/4lYoq
Сателитска снимка на ураганот „Милтон“
Сателитска снимка на ураганот „Милтон“ Фотографија: NOAA via AP/picture alliance

Во американската сојузна држава Флорида, подготовките за ураганот „Милтон“ се во полн ек: од милиони луѓе е побарано да се засолнат на безбедно. Многумина ги забарикадираа своите домови и се подготвуваат за најлошото.

Бурата, која се очекува да го погоди западниот брег на Флорида во среда навечер по локално време, може да биде една од најопасните во историјата на државата. Американската влада иницираше сеопфатни мерки за помош.

По минувањето на „Милтон“ пред брегот на полуостровот Јукатан во Мексико, имаше прекини на струја во околу 90.000 домаќинства и поплави во регионот. Има и паднати дрвја, но нема жртви, изјави гувернерот на мексиканската држава Јукатан, Хоакин Дијаз.

Подготовки на Флорида пред доаѓањето на ураганот „Милтон“
Подготовки на Флорида пред доаѓањето на ураганот „Милтон“Фотографија: Octavio Jones/REUTERS

Колони, недостиг на гориво и целосно резервирани хотели

Бурата, која е класифицирана во највисоката категорија на урагани - 5, претставува голем предизвик за службите за итни случаи во Флорида. Според прогнозите, ураганот најверојатно ќе ослабне пред да удри на копно, но неговата огромна широчина сè уште има значителен потенцијал за уништување - особено во регионот околу крајбрежната метропола Тампа. Американскиот национален центар за урагани вчера (8.10) соопшти дека „Милтон“ има брзина на ветрот до 270 километри на час.

Населението на Флорида се снабдува со храна пред ураганот „Милтон“
Населението на Флорида се снабдува со хранаФотографија: ELIZABETH RUIZ/AFP/Getty Images

Пентагон соопшти дека се мобилизирани илјадници војници на Националната гарда. Хеликоптери и возила за поплави се подготвени за спасувачки операции. Центрите за итни случаи низ државата се снабдени со залихи за да се обезбеди брзо помош веднаш по невремето.

Гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис апелираше до населението сериозно да ги сфати наредбите за евакуација. Сепак, многумина кои сакаа да ја напуштат областа наидоа на тешкотии: телевизијата Си-Ен-Ен известува за колони на патиштата, недостиг на гориво и целосно резервирани хотели.

Голем број аеродроми престанаа со работа. Американската влада издаде предупредување до авиокомпаниите по извештаите за огромни цени на билети кои кружеа на социјалните мрежи. Министерот за транспорт Пит Бутиџиџ најави дека тоа внимателно ќе се следи. Затворање најавија и забавните паркови Дизни Ворлд, Универзал и Сиворлд во Флорида.

САД | подготовки пред ураганот Милтон
Колони возила на автопатите во Флорида - евакуацијата е во полн екФотографија: Spencer Platt/Getty Images

Бајден: Прашање на живот и смрт

„Милтон“ има потенцијал да биде еден од најразорните урагани што некогаш биле регистрирани во регионот, предупреди американскиот национален центар за урагани, истакнувајќи дека вообичаено сувите крајбрежни области може да бидат поплавени од зголемувањето на нивото на морето. Се очекуваат напливи опасни по живот со бранови високи до пет метри, разорни ветрови и силен дожд. Постои и ризик од торнада.

„Тоа е прашање на живот и смрт“, предупреди американскиот претседател Џо Бајден. Во градот Тампа, градоначалничката Џејн Кастор, исто така упати сериозно предупредување до населението: „Можам да кажам без никаква драматизација: Ако изберете да останете во една од областите за евакуација, ќе умрете“, рече таа за Си-Ен-Ен.

САД | Градоначалничката на Тампа, Џејн Кастор
Градоначалничката на Тампа, Џејн Кастор, упати сериозно предупредување до населениетоФотографија: Dave Decker/ZUMA Press Wire/IMAGO

Видео од метеоролог кој се бори со солзи на американската телевизија Ен-Би-Си 6 е прегледано илјадници пати на интернет. „Тоа е еден неверојатен, неверојатен, неверојатен ураган“, рече видно потресениот Џон Моралес во директен пренос. Со растреперен глас, тој даде метеоролошки податоци за невремето, а потоа рече: „Се извинувам. Ова е едноставно ужасно“.

Неколку часа по емитувањето, Моралес зборуваше за Ен-Би-Си 6. Рече дека го променило екстремното време предизвикано од глобалното затоплување. „Искрено, и вие треба да бидете шокирани.“ Тој ги повика луѓето да преземат акција против климатските промени.

Изборна кампања во екстремни временски услови

И изборната кампања во САД е под влијание и на екстремните временски услови: Флорида и други сојузни држави продолжуваат да се борат со уништувањето што го остави бурата „Хелен“ пред една и пол недела. Таа зад себе остави силен пустош и поплави. Според медиумски извештаи, загинале повеќе од 200 луѓе.

САД | Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден ја одложи планираната посета на Германија за да се фокусира на кризата со ураганотФотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп брзо ја искористи катастрофата за својата изборна кампања и ги критикуваше Бајден и потпретседателката Камала Харис дека не реагирале адекватно. Харис, кој се кандидира против Трамп на претседателските избори на 5-ти ноември, отпатува со Бајден неколкупати во погодените области за да ја процени ситуацијата на лице место и да ги увери жртвите дека ќе им биде пружена поддршка.

„Хелен“ беше повик за будење, ја цитира Си-Ен-Ен градоначалничката на Тампа, Џејн Кастор. Но, за споредба, потенцијалната закана од ураганот „Милтон“ е „буквално катастрофална“.

Бајден во меѓувреме ја одложи својата планирана посета на Германија за да се фокусира на кризата. Во Берлин беа планирани разговори со сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и канцеларот Олаф Шолц. Бајден требаше да присуствува и на самитот за Украина што го свика во американската воздухопловна база Рамштајн.