1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дрим-тим или задоволување на партиски апетити

19 јуни 2024

Мамутската влада на Мицкоски не е предуслов за успех, туку само е знак дека власта е слатка дури и во сиромашна држава како Македонија. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4hE40
Северна Македонија Христијан Мицкоски
Христијан Мицкоски треба да научи дека постапките зборуваат посилно од зборовитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонија доби влада од 24 членови. Но тоа не е најголемата влада во историјата на државата. Рекордот го држи Љупчо Георгиевски, кој во 1998 формираше влада со 27 членови и Груевски во 2014-тата, чија влада броеше 26 членови, вклучително и седум министри без ресор, што е своевиден рекорд, како и владата на Заев во 2017-тата, која исто така беше гломазна и броеше 25 членови со дури шест министри без ресор. Најскромен беше Црвенковски во 2002 година, чија влада броеше 18 члена, вклучително и двајца вицепремиери со посебни задолженија и само еден министер без ресор и Бучковски кој во 2004-тата состави влада од вкупно 19 членови, во која влегоа тројца вицепремиери со задолженија и еден министер без ресор.

Генерално, досегашните влади според бројноста варираа меѓу овие бројки, а заклучокот што може да се изведе е дека тие никогаш не беа составени за да се задоволат менаџерските проекции, туку за да се излезе во пресрет на партиските барања или апетити да се грабне дел од колачот на власта. Судејќи според големината на владите, Македонија досега требаше да биде во редот на најбогатите и најпросперитетните држави. Кога повеќе луѓе се ангажираат да управуваат со државата и резултатите треба да бидат поголеми и позначајни. Меѓутоа, тоа не само што не се случи, туку нашата земја бележи и стагнирање, па дури и назадување во некои области.

Сите влади ги почнуваа мандатите со големи ветувања, а ги завршуваа со пораз и барање изговори зошто не ги исполниле ветувањата. Така и по повеќе од 30 години од независноста Македонија сѐ уште се вбројува меѓу сиромашните држави, со слаба економија и ниски плати, со висока стапка на миграција кон западните земји, висока стапка на корупција, незадоволително владеење на правото, и паднат здравствен и образовен систем. Нашето општество Фридом хаус во најновиот извештај од април го опиша како „цикличен хибрид“ во кој има редовни промени на владејачките елити, но кои што не дозволуваат да дојде до суштинска структурна промена.

Ветувања и амбиции

Ветувањата на премиерот во доаѓање Христијан Мицкоски се дека ќе водат бескомпромисна битка со криминалот и корупцијата, дека ќе дадат брзи резултати во економијата, ќе го запрат егзодусот на младите и на медицинскиот кадар, ќе ги зголемат пензиите и ќе ги зајакнат општините. Премиерското експозе кое наскоро ќе го претстави во парламентот ќе даде и подетален увид во тоа што планира новата влада и во колкав обем се тоа амбиции, а колку се остварливи ветувања.

Соња Крамарска
Соња КрамарскаФотографија: Privat

Она што, меѓутоа, се гледа на прв поглед е дека како и во претходните мамутски влади и во оваа влада биле големи барањата на партиите сателити околу ВМРО-ДПМНЕ. Првичните најави кои излегоа од ВМРО-ДПМНЕ по победата на изборите беа дека владата што ќе ја формираат ќе брои 16 министерства. Но очигледно е дека домашниот есап не излезе на пазар, па компромисот кој во старт го обележа формирањето на новата влада е најден во зголемување на бројот на министерствата со измислување нови министерства и сето тоа спакувано како „реформа“. При обелоденувањето на изборната „Платформа 1198“ во март Мицкоски најави и намалување на бројот на пратеници во парламентот од 120 на 90. „Тоа што најмногу ги интересира граѓаните е намалување на институциите и намалување на луѓето кои имаат и измислени улоги во рамките на тие институции“, рече тогаш Мицкоски. Но подоцна попушти под притисокот на коалициските партнери и се случи токму тоа што тој го критикуваше. Мораше да измислува улоги и министерства за сите да бидат задоволни.

Мицкоски при промовирањето на партиската програма рече и дека „жената е во центарот на нашето внимание“. Меѓутоа во владата со 24 министри издвои место само за три жени министерки. Тоа е во контраст и со феминистичките ставови на претседателката Гордана Сиљановска Давкова што ги манифестираше при заклетвата отворено залагајќи се за повеќе жени во политиката.

Големи и мали влади

Оттука, премиерот во доаѓање Мицкоски треба да научи дека постапките зборуваат посилно од зборовите. Сојузниот кабинет во Германија има 16 министри плус премиерот, Хрватска има 18, Бугарија 19, Албанија 15, Словенија 18 со сѐ тројца без ресор, Франција и Австрија по 15 и.т.н. Само држави како Србија со 34 министри и Црна Гора со 23 се во нашата група, поради што може да се извлече заклучок дека колку е посиромашна државата, толку е погломазен државниот апарат. Или, колку повеќе сме мали, толку ни е поголема владата. Наместо да биде обратно. Поголемиот апарат ги зголемува шансите и за корупција и лошо владеење бидејќи тешко се менаџира, при што особени тешкотии се појавуваат при коалициски влади во кои примарен интерес е да се испрати противникот во опозиција, а не идеолошко обединување за прогрес во државата. Како што е впрочем и новата влада што ќе стапи на сцена идната недела, а и претходните досега.

Мамутската влада на Мицкоски, може да заклучиме, не е предуслов за успех, туку е само знак дека власта е слатка дури и во сиромашна држава како Македонија. Освен тоа, вицепремиерските места и министрите без ресор во новата влада откриваат тежок пазар и сложен компромис со цел ВМРО-ДПМНЕ да го сочува приматот во владата, но и образот. Особено образот, бидејќи една од главните основи на кои ја артикулираа критиката кон владата на СДСМ беше дека дозволиле албанскиот партнер да завладее со власта и да ја остави во сенка партијата на премиерот. Тоа донекаде беше точно, меѓутоа и ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе ја учи тешката лекција дека во компромисот има добивка, но и цена. Македонија е пред нова ера на владеење, но што ќе донесе допрва ќе видиме.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар