1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дрвокрадци ги сотреа шумите

ДТЗ
21 декември 2023

Штетите од кражбите во македонските шуми се огромни ако се има предвид дека шумите се непроценливо богатство и природен ресурс кој не се обновува брзо.

https://p.dw.com/p/4aRKv
дрвокрадци
Дрвокрадци ги сотреа шумите - за три години поднесени 6.000 пријавиФотографија: DW/J. Beck

Дрвокрадци ги сотреа македонските шуми - само за три години, од 2020 година досега од страна на Шумската полиција се поднесени над 6.000 прекршочни и кривични пријави до надлежните служби и изречени се над 3.100 правосилни пресуди. Привремено се одземени над 10.000 метри кубни дрвна маса од огревно дрво, трупци и друго техничко дрво, а над 1.100 метри кубни дрвна маса е останата на лице место поради неможност за транспорт. Одземени се и 248 товарни возила, 1.009 патнички моторни возила, 112 трактори, над 400 приколки и запреги, 471 моторни пили, 122 рачни пили и над 400 секири и друга опрема за сечење дрва.

Заеднички патроли

Надлежните институции пред неколку месеци започнаа координирани активности со цел борба против бесправна сеча на шумите. Подготовките за заедничко делување започнаа летово, при што најпрво беа разгледани критичните точки на бесправни сечи. Во август е извршен теренски увид, по што беа спроведени повеќе акции со заеднички патроли на Шумската полиција, МВР и ЈП Национални шуми.

„Од страна на Шумската полиција од јануари-ноември  вкупно се поднесени 1.258 прекршочни пријави и 197 кривични пријави“, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој имаше  работен состанок со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и претставници на Шумската полиција.

Една од поголемите полициски акција која беше организирана на 19 и 20 септември 2023 година на место викано Рамно- Скопска Црна Гора, каде што беа уапсени 10 лица затекнати при бесправна сеча. На лице место се пронајдени и четири товарни возила натоварени со огревно дрво. Неколку дена подоцна, повторно на истата локација се пронајдени три товарни моторни возила и 35 метри кубни бесправно исечено дрво.

Шума
„Ловот“ против бесправна сеча на дрва откри дрвокрадци во речиси сите планински предели во земјата.Фотографија: Fotolia/Martin Thum

Лов на крадци

„Ловот“ против бесправна сеча на дрва откри дрвокрадци во речиси сите планински предели во земјата. Притоа се нанесени огромни штети, ако се има предвид дека шумите се непроценливо богатство и природен ресурс кој не се обновува брзо.

Според министерот Спасовски, од 2017 година досега од страна на МВР се поднесени вкупно 943 кривични пријави до Основните јавни обвинителства, за сторени вкупно 1.176 кривични дела за кои пријавени се вкупно 1.473 сторители, меѓу кои најзастапени се „кражба“, „вршење јавен превоз без поседување лиценца“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „пустошење шума“.

Шумската полиција има клучна улога во сузбивањето на организираниот криминал во делот на пустошењето на шумите. Се размислува за обезбедување на бенифициран стаж за шумските полицајци, со оглед на тежината на работата и ризиците со кои тие се соочуваат во борбата со органзирани криминални групи кои вршат бесправна сеча на шумите.

Според надлежните, во многу такви акции, животите на шумските полицајци биле доведени во опасност и тоа не само во акциите против безправна сеча, туку и при гаснењето на шумските пожари во кои шумската полиција редовно им помага на единиците на МВР.

Проценки

Податоците од истражувањето „Истоштени шуми – мапирање на организиран криминал во форма на нелегална сеча“, спроведено од Центарот за европски стратегии – Евротинк покажаа дека околу 25.000 кубни метри дрва се бесправно исечени во четири општини (Струмица, Гевгелија, Прилеп и Велес) воСеверна Македонија во последните шест години, со што е направена штета од над еден милион евра. 

Извештајот на „Глобал форест воч“ објавен пред неколку години покажа дека над 35 илјади хектари шума се загубени во Македонија во последните 17 години, поради бесправна и прекумерна планска сеча на дрва. Проценките се дека шумската мафија заработува и до 25 милиони евра годишно од нелегалното сечење дрва.  

До кога ќе шумат шумите?