Понекогаш изгледа вчудоневидувачки како одредени анкети наместо да бидат лакмуси за политичкото расположение на граѓаните се претвораат во концепти за политичко дејствување, па дури и идеолошки стожери на партиите. Поттикнати најмногу од дебатните емисии на телевизиите по некои анкети партиите се претвораат во тркачи по сопствената сенка во еден облак од темјан, кој носи воскреснување за некого, а литургија за друг. Нема ништо страшно во анкетите, тие би требало да бидат отсечка за одреден период. Или за политиките што би требало да се поправат (кај власта) или дополнително да се калибрираат (кај опозицијата). Но да бидат стожери во идеолошката концепција е претерано. Па дури и аматерски.
Особено што последните две анкети, на ИРИ и на „Евротинк“, покажуваат некои неочекувани спротивставености, па дури и нелогичности, иако се сметаат како некакви репери во политичките поделби. И двете се спроведени од „Брима“ во период кој е разделен со два месеци и недела-две. Двете анкети се правени на сличен број испитаници (онаа на ИРИ на 1.207, а на „Евротинк“ на 1.006). Разликата е поголема во објаснувањата за примерокот – ИРИ, на пример, наведува дека за оние што ги анкетирале ги користеле податоците од последниот попис, дека во урбаните области го користеле методот на секоја трета куќа од левата страна на улицата каде што граѓаните ќе бидат интервјуирани за истражувањето, па дека бил користен „методот за следниот роденден“. ИРИ информира дека маргината на грешка е +/- 2,8%. Анкетата на ИРИ била спроведена од 23 септември до 13 октомври 2022.
Ништо од тоа го нема во официјалното претставување на анкетата на веб-страницата на „Евротинк“ спроведена во рамките на нивното повеќегодишно истражување „Европметар“. Освен податокот дека истражувањето било спроведено до 12 до 27 декември 2022 на 1.006 испитаници нема никакви други податоци за начинот на кој е тоа спроведено. Освен реченицата – „Методолошката исправност на анкетата е одговорност на ‘Брима’ додека прашалникот беше подготвен од тимот на ‘Евротинк’“. Дури не е ни спомената маргината на грешка, што е неизбежен пропратен податок за секоја анкета.
Повеќе од авторот: На макадамот на реставрацијата
Ова е објаснувањето за методологијата, но да погледнеме дел од резултатите во двете анкети на исти или слични прашања кои предизвикаа силна врева во јавноста и станаа едни од клучните орудија на партиите за политичка пресметка. А и за поентирање на одредени аналитичари. Без да одредуваме која анкета е попрецизна. Тоа не е ни задача на овој текст.
На пример, на прашањето што е речиси исто во двете анкети: „Дали Македонија се движи во правилна насока“ во анкетата на ИРИ негативно одговориле 58 отсто, додека во анкетата на „Евротинк“ многу повеќе – 72 проценти. Оние што одговориле потврдо во анкетата на ИРИ се 13 проценти, а кај „Евротинк“ - 9. Според толкувањата на социолозите, расположението на граѓаните секако е подложно на промени, но дека тие големи промени не се случуваат за толку кратко време, како два месеци меѓу двете анкети. Кај една од овие анкети (не би можеле да кажеме кај која) податоците се или претерани или потценети.
Во анкетата на „Евротинк“ има прашање „Која држава или меѓународна организација е најголем пријател на Македонија“. На врвот на листата убедливо е Србија со 37 отсто, а после неа се САД со 11,4, Турција со 8,5, ЕУ со 8,1 и Германија со 4 отсто. На сличното прашање на ИРИ – „Која од овие земји (вклучувајќи ја ЕУ) помага најмногу на националните интереси на Македонија“ резултатите се многу поинакви. Во ова прашање на ИРИ ја нема Србија, но на врвот на листата е Турција е 22 отсто, по неа следи ЕУ со 21, Германија со 15 и САД со 10 отсто. Загадочно е како во едната анкета поддршката и пријателство на ЕУ е 21, а во другата само 8,1 процент. Но не само за неа, туку дискрепанцата е голема и кај Турција и кај Германија.
Или, пак, околу прашањето во анкетата на ИРИ – „Дали поддржувате Македонија да стане членка на ЕУ“. На ова 73 отсто одговориле потврдно, а 24 негативно. На сличното прашање – „Генерално, членството на Македонија во ЕУ би било добра работа“ во анкетата на „Евротинк“ позитивно одговориле 49 отсто, а негативно 34 проценти. Тоа во јавноста се протолкува како драматичен пад од претходното истражување на „Евротинк“ во 2021, кога позитивно се изјасниле 69 отсто. Па сепак, во другото прашање на „Евротинк“ – Дали ако има референдум би поддржале влез на Македонија во ЕУ – 58 отсто би гласале „за“, а 22 „против“, што е во дискрепанца со одговорите од претходното прашање.
Возможно ли е за само два месеци таква огромна разлика околу членството во ЕУ од дури 24 проценти во двете анкети? Секој што професионално се занимава со истражувања ќе ви одговори дека таква промена не е можна. Двете анкети ги правела иста организација – „Брима“, а резултатите се драматично различни. Нешто изгледа не е во ред – дали изборот на примерокот во обете истражувања, дали тоа што во анкетата на „Евротинк“ не е наведена маргината на грешка или, пак, нешто друго.
Повеќе од авторот: Дали се врати Крајот на историјата?
Едно прашање во анкетата на „Евротинк“ е специфично – „Каков е односот на ЕУ спрема Македонија“ и огромни 65 отсто одговориле дека е „нефер, надмен и уценувачки“. Чувството на анкетираните веројатно е такво (особено поради сите маки што ги има Македонија на патот кон ЕУ и усвојувањето на преговарачката рамка), но за да ја добиеме целокупната слика за оваа интригантска ситуација ќе беше добро испитаниците да одговореа барем на уште едно прашање, на пример, каков е односот на Франција спрема Македонија (апропо францускиот предлог). Многу предвидливо е дека процентот во одговорите би бил сличен, но не би можеле да се обложиме за нешто што не е прашано.
Она што лани цела година беше лајтмотив за ситацијата во правосудството (судовите и обвинителството) беше резултатот од анкетата на „Евротинк“ за 2021 во кое довербата беше 8 отсто. И резултатите за 2022 се во слична рамка (обвинителството 7, а судството 6 отсто). Во анкетата на ИРИ податоците се поинакви – целосно или делумно во судството веруваат 23 отсто, а во обвинителството 21 процент. Во двете анкети недовербата кон овие два институционални сегменти е на слично ниво – просечно 80 отсто. Разликата во довербата меѓу двете анкети не е мала, туку сигнификантна.
Ова се само некои сегменти од двете анкети кои покажуваат дека креирањето политики врз основа само на истражувања не е добра работа. Дека партиите кои се во власта или во опозицијата треба повеќе да внимаваат на идеолошките постулати, а не на податоците од истражувања кои можат да бидат индикатори, а не премиси. Особено што ако се земаат податоци од една анкета, а не се виделе или не се прочитале добро податоците од друга. На пример за оценката за судовите и обвинителството – кај ИРИ тие се над 20 отсто, а кај „Евротинк“ - 7. А и двете истражувања ги правела „Брима“. Во кое би требало да имаме повеќе доверба е прашање на кое тешко може да се најде одговор.
Повеќе од авторот: Зошто во Бугарија пак ечи „Македонијаааа!“
Во јавноста двете институции се бомбардирани со оценки дека се некомпетентни, корумпирани, дека штитат партиски или бизнис интереси и во таа лавина на обвинувања која носи со себе конечни пресуди ќе се спомене дека има и „чесни и одговорни судии и обвинители“. Нормално е опозицијата ваквите податоци да ги искористи за напад врз власта дека ништо не прави да ја крене довербата во првосудството, но самото диференцирање на чесни и нечесни е стигматизирачко. Колку се тие што се чесни – 5, 20, 50 или 80 отсто; или нечесните се во толкави проценти.
Генерализирањето на моменти му прави непоправлива штета на општеството, а и на некои институции. Четири-пет месеци главна мантра на опозицијата и на огромниот број експерти беше дека Македонија е толку заглавена во корупција што веќе не може да дише. По сета таа реторика се очекуваше дека Македонија ќе пропадне длабоко во рангирањето на „Транспаренси интереншенал“ и тоа ќе биде потврда за сето она што беше зборувано. Но резултатите за перцепцијата годинава беа сосема поинакви од очекувањата – Македонија не пропадна надолу туку се искачи за две места погоре. Тоа е малку, но е многу различно од дискурсот околу корупцијата што ја окупираше јавноста. Овој резултат ѝ овозможи на владата да земе малку здив, а за опозицијата изгледаше како да е истурена кофа студена вода врз неа.
Што би можеле да кажеме – дека работите не се онакви како што изгледаат. Или дека работите се полоши отколку што изгледаат. Но едно е многу важно – анкетите не се главниот клуч за креирање политики.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.