1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Една година од битката меѓу Давид и Голијат

18 февруари 2023

Јасно е дека досегашниот тек на војната е голем дебакл за Русија. Но таа е далеку од нејзиниот крај. Давид не е без шанси против Голијат, но му треба многу оружје а не само библиска праќа. Пишува Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/4NgFB
Ukraine Krieg | Bachmut
Фотографија: Yevhenii Zavhorodnii/REUTERS

Вчера, во петокот, на отворањето на Минхенската безбедносна конференција, украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше на панелот наречен „Давид на Днепар“. Насловот на панелот беше заснован на библиската парабола од приказната кога Давид го победи далеку понадмоќниот Голијат со праќа. Обраќајќи ѝ се на публиката во која седеа и Олаф Шолц, Емануел Макрон и Камала Харис, Зеленски преку видео линк рече дека размерите на сегашната битка не одговараат на пресметката помеѓу помалиот и поголемиот. „Не е загрозена само Украина, туку и целиот континент. Во опасност не е само реката Днепар, туку и Темза и Шпреја. Мораме да го победиме Голијат. Давид може да биде пример за западната алијанса“.

На неколку дена пред годишнината од руската брутална агресија врз Украина неколку работи се сигурни: дека Украина доживеа уништување од катастрофични размери, дека тешко некој со сигурност би можел да се клади во победа на Украина, дека враќањето на анектираните окупирани територии во овој момент изгледа невозможна задача; и дека Владимир Путин пред 24 февруари лани направи неверојатно погрешна проценка, мислејќи дека Киев ќе падне за неколку дена и дека Западот тоа ќе го проголта исто како анексијата на Крим.

Кога пред една година во истово ова време светските лидери се собраа на конференцијата во Минхен, главните разговори беа дали Русија навистина ќе изврши инвазија на Украина, како што тврдеа Американците снабдени со исклучителна мрежа на разузнавачки податоци. На другата страна страна беа европските лидери кои претходно се редеа на долгата бела маса во Кремљ на разговори со Путин и кои, сепак, веруваа дека ќе преовлада разумот кај рускиот претседател.

Повеќе од авторот: Што ако победи Украина?

За неколку дена се покажа дека не само што биле во длабока заблуда, туку и дека не успеале да ги разберат намерите (ако не можеле мислите) на Путин по толку многу блескави пречеци што му се приредуваа во европските престолнини.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски имаше видео обраќање на Минхенската безбедносна конференција во петок на 17 февруари 2023
Украинскиот претседател Володимир Зеленски имаше видео обраќање на Минхенската безбедносна конференција во петок на 17 февруари 2023Фотографија: Michael Probst/AP Photo/picture alliance

Повеќето од нив и натаму мислеа дека трупањето на 180.000 руски војници на границата со Украина е само блеф. Малкумината што беа убедени дека тоа не е блеф мислеа дека Западот не може да го спречи брзиот пораз на Киев. Тоа размислување беше на истата фреквенција како она на Путин. Подоцна, кога излегоа деталите за првите неколку драматични денови се покажа дека Западот не успеал да ја разбере непоколебливата решеност на украинскиот народ да ја брани својата држава и дека Зеленски и неговата армија не се уплашија од Голијат на истокот, како што изгледа се плашеа западњаците. Некои од европските лидери му понудија на Зеленски да го евакуираат од Киев пред руските војски да влезат во претседателската палата.

„Ми треба муниција, а не превоз“, им одговори тогаш Зеленски.

Ланските погрешни проценки

Лидерите во Минхен лани гледајќи во неизбежната пропаст на Украина ако дојде до инвазија, се обѕрнуваа и на документот што го потпишаа неколку недели претходно Путин и Ши Џинпинг, во кој беше наведено новото големо партнерство „без ограничувања“ меѓу Кина и Русија. Тие двајцата изгледаа апсолутно самоуверено дека Истокот се крева, а Западот пропаѓа. И дека е дојден моментот таа евроазиска оска да го зграпчи глобалното лидерство – двете земји се со нуклеарни капацитети, едната со неисцрпни енергетски ресурси, а другата во голем технолошки и трговски подем. Дури и прокламацијата на Џо Бајден – „Америка се врати“ – им изгледаше како блед слоган.

И двајцата погрешија. Путин драматично, а Ши во погрешна калкулација. Ниту  Украина се покажа толку слаба во спротивставувањето на руските трупи, ниту пак Пекинг го подметна својот грб за да застане зад Путиновите колонијалистички амбиции. Уште повеќе што под раководство на Бајден (а во голема мерка и на тогашниот британски премиер Борис Џонсон) Западот формираше заеднички фронт за одвраќање на намерите на рускиот претседател прво преку санкциите, а потоа и преку вооружување на храбрите Украинци.

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Пред некој ден, познатиот шведски дипломат и поранешен министер за надворешни работи, Карл Билт, напиша една проценка за можната ситуација ако Русија победеше во војната што ја започна пред една година. Еве неколку сегменти од неговите согледувања:

„Преку брза, решителна акција на специјалните сили - а можеби и со помош на соработниците на теренот - Русија би ја добила контролата врз Киев во рок од ден или два, би продолжила со инсталирање марионетска влада и би одржала победнички паради. Во ова сценарио, легално избраниот претседател на Украина, Володимир Зеленски, најверојатно би бил убиен од руски специјални сили или затворен по брзо судење. Во најдобар случај, тој би ја предводел владата во егзил од Варшава или некаде на друго место.

Повеќе од авторот: Дали се врати Крајот на историјата?

Освен неколку одметнати земји, никој не би ги признал марионетските власти во Киев. Во догледно време, тие веројатно едноставно ќе исчезнеа бидејќи Украина ќе беше инкорпорирана во Русија како дел од новите федерални окрузи. Украина како политички ентитет би престанала да постои, враќајќи се на статусот што го имаше под рускиот империјализам од деветнаесеттиот век - што се чини дека е модел на Путин. Сепак, поголемиот дел од остатокот од светот би продолжил да ја признава украинската влада во егзил, а многумина би биле подготвени да ѝ дадат поддршка за повеќе или помалку отворени воени операции против руските окупатори.

Во оваа ситуација, санкциите против Русија веројатно би биле уште пообемни отколку што се веќе, бидејќи ќе беше многу потешко за земјите како Индија или Јужна Африка да ја оправдаат нивната континуирана трговија со агресорот. Покрај тоа, директните трошоци поврзани со окупацијата на Украина би биле огромни. Минатиот септември, Путин нареди масовна мобилизација на руски регрути по неуспехот на почетната инвазија - и очигледно мобилизира многу повеќе за можна пролетна офанзива. Но, ова ќе беше неопходно дури и во случај на успешна операција, само за да се контролира земјата.

За остатокот од Европа - особено оние земји поблиску до Украина - успешна руска инвазија би донела непосредна закана од натамошна агресија против Молдавија, Полска или балтичките земји. Сите овие земји би биле во целосен веоен режим, а значителен број американски и други европски сили ќе бидат трајно распоредени за да ја зајакнат нивната одбрана. Останатите украински сили би се повлекле преку границите со Полска и другите соседни земји, каде што би останале целосно решени да ја продолжат борбата. Европа денес би била на работ на многу, многу поголема војна“.

Овие согледувања на Билт не се далеку од вистината, особено по примерот што го гледаме во окупираните и анектирани региони Донецк и Луганск. Голем дел од луѓето таму можеби мислат на Украина, но тие се веќе под руска управа. Дали ќе останат и во наредните години тешко дека некој би можел да знае.

Солидарност со Украина ширум светот

Следните чекори на Путин

Какви би можеле да бидат следните чекори на Владимир Путин кога ќе помине годишнината од инвазијата, во која Русија, според западни воени и разузнавачки податоци има околу 200.000 мртви и ранети. Повеќе од бројот на војниците што беа собрани на границите на Украина за да ја изврши инвазијата. Независните руски медиуми цитирајќи извори од претседателската администрација најавуваат дека Путин за време на закажаното обраќање на Федералното собрание (Думата и Сенатот) на 21 февруари може да предложи промена на статусот на воената кампања во Украина. Наместо „специјална воена операција“ со нејасен правен статус, Путин би можел да објави „контратерористичка операција“ опишана со руските закони. Наводно, за таа преквалификација навестуваат средбите што Путин ги одржа со лидерите на системските партии. Такви средби Путин не одржува пред да испрати важна порака. Потоа, на 22 февруари е закажан концерт-митинг со учество на Путин. Сепак, никој не знае каква ќе биде конечната одлука, освен претседателот и неговиот близок круг.

За многумина во руската политичка елита ова би било оптимистички знак бидејќи транзицијата од „специјална воена операција“ во контратерористички режим би можела да значи деескалација на конфликтот, затоа што тој, според законот, се воведува на територии каде што потенцијално може да се случат терористички напади или воени судири. Режимот се прекинува со исчезнување на заканата. 

Повеќе од авторот: Империјални и други сништа

Во овој момент е целосно непознато дали тоа навистина ќе се случи. Сето тоа изгледа ќе зависи од ситуацијата на фронтот. А таму Русија подготвува нова голема офанзива, главно во Донбас за да го заокружи освојувањето на териториите во Донецк и Луганск кои не се под нејзина контрола. Увертирата на оваа офанзива веќе трае неколку недели со слаби резултати. Особено беше болен тешкиот пораз на елитната морнаричка дивизија кај Вухледар.

Политичкиот стратег Абас Галјамов (кој беше пишувач на говорите на Путин од 2008 до 2010 кога беше премиер, а сега е во егзил затоа што оквалификуван како „странски агент“) е убеден дека рускиот претседател ќе донесе одлука за форматот на војната ако собере доволно човечки ресурси за да постигне некои поубедливи успеси; ако не, тој ќе наслика победа од она што е на теренот. „Сега ништо не може да се исклучи - претседателот демонстрира целосна несоодветност, но не е јасно дали тој е навистина несоодветен или само се преправа дека е таков со надеж дека ќе ги убеди Украинците да му ги отстапат барем оние територии што тој ги контролира“, вели Галјамов.

Во ситуација во која Путин и генералите можат да фрлаат војници колку што сакаат да гинат како во „мелница месо“ и да не се обѕрнуваат на загубите, изгледа целосно нејасно уште колку би можела да трае војната. Пет месеци, година, две. Путин, како Голијат, не може да си дозволи пораз, каков и да бил. Главниот негов облог е дека западните земји најпосле ќе се уморат од поддршката на Украина во пари и оружје. Францускиот претседател Макрон вчера во Минхен изјави дека неговата земја е подготвена да издржи подолг конфликт, дури и ако никој не го сака тоа. Дали навистина ќе биде така ќе покажат следните месеци кои изгледа ќе бидат клучни. Во трката со времето за Украина е важно да ја одбие руската офанзива додека не стигнат западните тенкови, а украинските војници да се обучат да ракуваат со нив. Ако Русите во својот неоимперијализам постигнат поголеми успеси на бојното поле ќе биде многу тешко да се повратат загубени територии. Но, сепак, Давид не е без шанси во борбата со Голијат, но за тоа нема да му биде потребна праќа туку многу, многу оружје и муниција. Храброст и воена стратегија не им недостасува.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар