Што ќе донесат измените на изборното законодавство?
3 мај 2023Во среда (03.05) во 10 часот во Клубот на пратеници ќе се одржи конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство. Оваа работна група ќе треба да ги имплементира препораките на ОБСЕ/ОДИХР и паралелно ќе работи и нов Изборен законик. Во процесот ќе бидат вклучени претставници на политички партии, невладини организации, синдикати, министерства и надлежни органи за спроведување на изборниот процес. Претседател на работната група ќе биде Александар Новаковски, експерт и поранешен претседател на ДИК. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе се вклучи во утврдување на конечниот текст на изборниот законик, но под услов да биде прифатен предлогот за изборен модел со една изборна единица.
Повик за решение
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во вторникот на прес-конференција ја повика власта да излезе со решение. „Владата на СДСМ и ДУИ седум години ги манипулира и јавноста и помалите политички партии за менување на моделот во една изборна единица како подемократски изборен модел. Втората манипулација беше дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го попречи ваквото менување на изборниот модел. Ние уште пред две години кажавме дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа изборен модел со една изборна единица и дека тоа ќе донесе еднаквост на гласот во секоја општина и на цела територија на земјата и ја повикуваме власта да излезе со вакво решение“, рече Милошоски.
Доколку власта излезе со решение за една изборна единица, опозицијата ќе се вклучи и ќе го даде нивниот придонес во утврдувањето на конечниот текст на Изборниот законик.
„Доколку власта не е подготвена за суштински измени за поголема демократизација на изборниот модел, а измените се однесуваат само на некои технички, важни, но сепак технички забелешки дадени од ОБСЕ и од ОДИХР ги поддржуваме, немаме ништо против, но не би учествувале во тој процес само за да му дадеме политички легитимитет без да имаме суштинско подобрување на изборниот модел“, рече Милошоски.
Претседателот на работната група адвокатот и поранешен претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски за МИА изјави дека приоритетите треба да ги утврдат сите заедно. „Приоритетите кои се ќе треба да ги утврдиме заедно сите. Јас само ќе ја предводам таа работна група, транспарентно мислам да се работи, за да се дојде до одредени усогласувања, прво со забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, кои се провлекуваа низ изборни циклуси и многу се исти, но секако не се преземаат навреме промени за да се усогласат. Исто така таму има и една забелешка во која се бара да се размисли и да се направи нов Изборен законик“, вели Новаковски.
Неопходна реформа
Прашањето за менување на изборниот модел се отвара во пресрет на изборите коишто треба да се одржат наредната година. Оваа дебата најмногу се фокусира на бројот на изборните единици, изборниот праг, изборната формула и избирачкиот список, како и за бројот на пратеници.
Министерот за правда Кренар Лога на 14 март ги повика сите политички партии да дадат свој придонес и со консензус да биде донесен новиот Изборен законик. Лога порача дека неговата јасно зацртана цел е Изборниот законик да биде изготвен пред следните избори, а преку инклузивен процес да се гарантира правната сигурност со тоа што ќе се слушнат мислењата на сите политички партии.
Изборниот законик треба да се ревидира сеопфатно и да стапи на сила најмалку шест месеци пред изборите. Во последниот извештај за предвремените парламентарни избори, Специјалната мисија за проценка на изборите на ОДИХР нотираше дека сè уште има голем број прашања во законската рамка за изборите што треба да се решат. Поради тоа, надлежните сметаат дека Изборниот законик треба да се ревидира сеопфатно со цел да се усогласи во рамки и со другите релевантни закони, да биде во согласност со целите на ОБСЕ, меѓународните обврски и добрите практики.
Генерално, дискусијата за можни измени на изборниот модел најмногу се води од страна на помалите партии, кои застапуваат воведување отворени листи и една изборна единица без изборен праг. Тие сметаат дека една изборна единица може да промовира подобра демократија, плурализам и инклузивност, а и дека ќе ја поткопа доминацијата на двете главни политички партии и ќе им даде на помалите политички актери повеќе простор за дејствување.
Неодамнешната анализа на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ укажа дека изборниот модел не може да биде магично стапче за забрзување на демократизацијата на државата, вклучително и за надминување на маѓепсаниот круг на двопартискиот систем уште од осамостојувањето. Во комбинација со високото ниво на клиентелизам и низок степен на политичка култура, постојат многу покрупни пречки за поразновиден партиски систем во Северна Македонија од изборниот модел, чија дополнителна пропорционализација би можела да има други сериозни негативни последици за македонската демократија, беше посочено во анализата на ИДСЦС.