1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една резолуција, многу навреди на сметка на Македонија

16 април 2024

Покрај вербалните критики од српски политичари на резолуцијата за Сребреница, од Република Српска доаѓаат и други најави.

https://p.dw.com/p/4epbo
Србија Белград Одбележување на годишнина од геноцидот во Сребреница
Одбележување на годишнина од геноцидот во Сребреница - Белград, 10.07.2020 годинаФотографија: DW/U. Sabljakovic

Дрскост, бесрамност, неблагодарност, бесченост, се дел од епитетите на адреса на Северна Македонија откако шефот на македонската дипломатија Бујар Османи вчера (15.04) изјави дека земјата ќе биде еден од коспонзорите на резолуцијата за геноцидот во Сребреница.

Шефот на српската дипломатијата, Ивица Дачиќ, тој чин го оценил како „дрскост“ и упатил прашање до Османи - дали сака да поднесе резолуција за геноцидот на Србите во Јасеновац, заедно со Србија?

„Тоа е цинизмот што постои на нашите простори, дека е важно да се води антисрпска политика и уште на сето тоа нѐ повикуваат да учествуваме во тоа. Дали треба да бидеме на страната на нацистите за да бидеме почитувани?, изјавил Дачиќ на ТВ Б92, пренесе МИА.

Бујар Османи вчера најави дека Северна Македонија е еден од коспонзорите на резолуцијата со која се бара 11-ти јули да се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница во 1995 година, и ги повика земјите членки на ОН, а особено Србија да ја поддржат таа резолуција.

Дачиќ, пак, оценил дека тој документ ќе го предложат „најголемите геноцидни земји“.

„Зошто нема резолуција за германскиот геноцид врз Србите или за турскиот врз Ерменците или врз Србите во Независната држава Хрватска“, прашал Дачиќ, наведувајќи дека „Германија, Холандија и Белгија извршиле геноцид врз милиони луѓе во Африка“.

Според шефот на српската дипломатија, оние кои го извршиле „злосторството во Сребреница“ треба да одговараат за тоа, но за Србија е „неприфатливо муслиманите да се единствените жртви на војната“. Според Дачиќ, резолуцијата што ја поднесуваат Германија и Руанда и треба да биде претставена во ОН, има поддршка од уште 15 земји вклучително и од Босна и Херцеговина, која имала лажна легитимација со оглед дека српскиот дел ниту бил прашан ниту консултиран за тоа прашање.

Тешки зборови

Вчера министерот Османи рече дека не очекува оти поддршката на резолуцијата може да ги наруши односите со Србија.

„Не мислам дека односите со која било земја можат да бидат нарушени, зашто осудуваме геноцид и бараме да се одбележи убивањето на над 8.000 цивили“, рече Османи.

Северна Македонија Министер за надворешни работи Бујар Османи
Министерот Бујар Османи рече дека не очекува оти поддршката на резолуцијата може да ги наруши односите со СрбијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Сепак, најтешките зборови на сметка на РСМ стигнаа од Александар Вулин, поранешен српски министер за одбрана, за внатрешни работи и директор на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) до ноември 2023 година.

„Србија е единствената земја која граничи со Северна Македонија, а која никогаш не побарала таа да го смени името, историјата, Уставното уредување или официјалниот јазик“, изјавил Вулин.

„Кога ги нарекуваа Поранешна Југословенска Република Македонија и Скопје, ние ги нарекувавме Македонија. Делевме со нив лекови во текот на Ковид-пандемијата, им отстапувавме од нашите резерви на жито, брашно и шеќер, а Српската православна црква (СПЦ) на Македонската црква ѝ овозможи независност и име. Северна Македонија за сето тоа на Србите им се заблагодари со признавање на т.н. Косово, а сега и со полетно учество во резолуција која треба Србите да ги прогласи за геноциден народ. Знаат Северните Македонци дека нивниот глас не значи ништо, ни кога се одлучува за нивното име или јазик, а уште помалку за Србите, па затоа можеле барем да се воздржат доколку не можат да ја поддржат Србија. Северна Македонија навистина треба покрај името и историјата да го смени и јазикот, како што и бараат Бугарите, навистина е глупаво да користат речник во кој немаат зборови за чест, благодарност, пријателство, слобода, срам“, ја пренесе „Новости“ изјавата на Вулин.

Додик: Одговорот е - мирна поделба!

Покрај изјавите упатени од српски политичари до РСМ, она што во регионот привлече особено внимание е најавата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик дека ќе покрене „постапка за самостојност“ како одговор на предложената резолуција.

„Српскa, како одговор на резолуцијата за Сребреница, ќе покрене постапка за самостојност. Горд сум на владејачката коалиција која покажува решителност да ги спроведе овие мерки за самостојност. Политичката елита на босанските муслимани со резолуцијата за Сребреница себеси си неправи сериозен „автогол“. Геноцид во Сребреница не се случил, да се случел, не би имало потреба постојано да се споменува таа тема. Судовите што пресудиле, тие пресуди се однесуваат на поединци, не на народ“, објави Додик на Инстаграм.

Младите треба да разговараат за Сребреница

Според него, на просторот на Сребреница од 1992 до 1995 година „загинале“ 4.100 муслимани, а никаде не се спомнувале меѓу 2.500 и 3.500 Срби кои таму биле „убиени“. Тој предупредува дека „геноцидот е измислица што ќе ги раздели, бидејќи се обидуваат да ги принудат да останат и покрај фактот дека ги валкаат“.

„Република Српска е стабилна и способна да се заштити од сите напади. Никакви разговори за прифаќање на т.н. резолуција за Сребреница нема да постојат. Мирната поделба е единственото решение за сите народи во БиХ“, напиша Додик.

Тој беше санкциониран од САД и Обединетото Кралство поради неговите напори да го поткопа Дејтонскиот мировен договор со кој заврши војната во таа балканска земја во 1995 година. Масакрот на повеќе од 7.000 мажи и момчиња Бошњаци, извршен од страна на силите на босанските Срби во јули 1995 година, се смета за најголемото злосторство во Европа по Втората светска војна.

#dw_BalkanBooster: Другото лице на Сребреница