Екологисти му ја „зацрнија“ куќата на британскиот премиер
3 август 2023Еколошки акгтивисти од Гринпис ја покрија куќата на британскиот премиер Риши Сунак со црн штоф во знак на протест против енергетската политика на неговата влада. Тие, како што потврди полицијата, на покривот на куќата се искачиле изутринава (3.08). Во објектот не упаднал никој. „Премиерот и неговотот семејство не се дома“, соопшти полицијата. Уапсени се пет лица.
Гринпис објави и фотографија од активисти кои пред покриената куќа на британскиот премиер го прашуваат Сунак што е поважно: „Профит од нафта или нашата иднина?“ На Твитер тие напишаа: „Науката е недвосмислена: за да има сигурна клима не смее да има нафтени и гасни проекти.“
Британската влада неодамна објави дека и покрај острите критики од заштитниците на климата ќе издаде стотици лиценци за производство на нафта и гас во Северното Море. Премиерот Сунак пред три дена, при посетата на Шкотска, најави дека со тоа ќе се отворат илјадници работни места. Критичарите го обвинуваат конзервативниот политичар дека со тоа постепено ги поткопува целите на неговата сопствена влада за заштита на климата.
Четворица активисти се качија на покривот на неговиот имот во Кирби Сигстон. Тие претходно утврдиле дека семејството не е дома, туку на одмор, цитираше британската агенција ПА еден претставник на Гринпис. Според неговата изјава, тие тропале на вратата и најавиле мирен протест, но никој не одговорил. Сунак во радио емисија вчера зборуваше за тоа дека со своето семејство ќе се одмора во Калифорнија.
Повеќе конзервативни политичари ја критикуваа протестната акција на домашна адреса на премиерот. „Ова е неприфатливо“, напиша пратеничката Алиша Кирнс на Твитер. Политичарите со право се следат внимателно, но нивните приватни домови не треба да се напаѓаат, смета таа.
На прашањето дали таргетирањето на нечиј дом е претерано, претставник на Гринпис за ПА вели: „Тоа е премиерот“. Тој е оној кој во Шкотска призна дека се дупчи до последна капка нафта додека светот гори како резултат на глобалното затоплување. „Тој е лично одговорен за оваа одлука и сите ние ќе платиме висока цена доколку тој го спроведе тоа.“