1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Експлозии на автобуски станици во Ерусалим

Улрике Кваст
23 ноември 2022

Едно лице загина, а повеќемина се повредени во две експлозии во регионот на Ерусалим. Позадината на нападите сѐ уште не е јасна.

https://p.dw.com/p/4JwoM
Ерусалим напад експлозии
Израелски полицајци на место на едниот од двата напади во ЕрусалимФотографија: Mahmoud Illean/APpicture alliance

Експлозиите на две автобуски станици се случиле во утринските часови. Прво бил детониран експлозив на станица на излезот од градот. Непосредно потоа се случила и втората експлозија на станица во Рамот, северно од Ерусалим. Двете експлозии, според информации на агенциите, се случиле во временско растојание од половина час.

Во експлозиите загина едно лице, а најмалку 18 се повредени. Полицијата смета дека се работи за координиран напад. Според првичните сознанија, експлозивот бил целно сместен на местата на детонацијата. Портпаролот на полицијата, Ели Леви за армиското радио изјави дека првата експлозија, која се случила на автобуска станица полна со луѓе, била предизвикана од големо количество експлозив. „Вакви координирани напади во Ерусалим немало со години“, оцени Леви.

Според медиумски извештаи, полицијата претпоставува дека се работи за распрснувачки бомби детонирани од далечина.

Во Ерусалим во минатото имаше постојано напади од страна на милитантни палестински организации. Детонациите на автобуските станици потсетуваат на постапки на милитантни Палестинци во текот на Интифадата од 2000 до 2005 година. Радикално исламистичкиот Хамас, кој е на власт во Појасот Газа, ги поздрави нападите, но не презеде одговорност за нив.

Израелскиот премиер во заминување Јаир Лапид за денеска (23.11) закажа итна седница со врвот на полицијата и армијата.

- повеќе: Источен Ерусалим - тест за односите на Израел и арапскиот свет

Во Израел од март досега во терористички акти се убиени 18 лица. Исто така годинава во напади на Западниот брег беа убиени неколку израелски цивили и припадници на безбедносните сили. Од пролетта, израелската армија спроведува зголемени рации на окупираниот Западен Брег по серија напади од страна на Палестинците. Во воени операции, при судири или сопствени напади годинава се убиени над 130 Палестинци. Според тврдења на израелската армија, кај повеќето од убиените Палестинци се работи за милитанти.