Снимките од поворката автомобили како го носат Доналд Трамп да се „предаде“ затоа што е обвинет за корупција, заговор против државата и прекршување на изборниот закон на државата Њујорк, ќе остават неизбришлива трага врз американската историја.
Доналд Трамп се соочува со 34 точки од обвинението за фалсификување деловни досиеја од прв степен, обвиненија за кривично дело што може да го одведат во затвор до четири години по секоја точка. Но, уште повеќе, се отвора една опасна авантура со нејасен исход, која ќе ги обедини републиканците и Трамповата електорална база, додека за демократите облогот е дека судскиот процес ќе ја намали или ограничи неговата популарност правејќи го непретставителен за мнозинството избирачи.
Станува збор за опасна опклада, како што е опасна најновата фаза во политички поларизираната Америка да се обвини Трамп, од причина што никој нема одговор на прашањето: Дали станува збор за политизирано обвинение, односно, добро подготвена стапица за да се спречи претседателската кандидатура на Трамп во 2024-та, или пак, за подеднакво ризична операција на автопропаганда, каде Трамп очекува да се претстави како жртва и така да ја поврати Белата куќа?!
Како и да е, ова е првиот чин од изборната кампања за 2024-та година.
Како што е познато, случајот гравитира околу 130.000 долари, во екот на изборната кампања 2016-та, каде Трамп му наредил на својот тогашен адвокат Мајкл Коен премолчено да ги исплати на актерката од филмови за возрасни Сторми Даниелс, за да не открива дека имала сексуална средба со Трамп една деценија порано, со цел тоа да не му наштети во неговиот дуел со Хилари Клинтон.
Исплатата сама по себе не е нелегална. Обвинителите велат дека исплатата била дел од незаконска шема за потиснување на приказните и дека ги фалсификувал сметките со цел да ги прикрие трошоците. Нормално, лажното сметководство не е кривично дело, но според законот на државата Њујорк, станува кривично дело ако служело да се прикрие друго дело. Во овој случај Трамп ги прекршил изборните закони кои бараат транспарентност за секој трошок. Парите за Сторми Даниелс („hush money“ во американскиот новинарски жаргон) би се третирале како нелегална донација во претседателската кампања.
Случајот не бил изолиран, туку дел од поголема шема. Шемата била меѓу Трамп, Коен и Дејвид Пекер, издавачот на таблоидот National Enquirer, кој ги купи правата на неколку приказни и никогаш не ги објави. Како дел од шемата, велат обвинителите, Пекер, долгогодишен пријател на Трамп, направил две други плаќања, едно на поранешна манекенка на Плејбој и друго на поранешен вратар на Кулата Трамп, кој наводно имал информации околу вонбрачно дете на Трамп.
Окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег, искористи атомска бомба против Трамп. Прво, успеа искусно и итро да ја сокрие работата и темпизмот на Големата порота во Њујорк. Второ, наместо да го обвини Трамп за само едно дело, плаќањето на Даниелс од 130.000 долари, тој изработи далеку подетално досие од 34 точки со обвинението за фалсификување деловни досиеја од прв степен. Идејата на Брег е дека Трамп не купувал молк поради личен срам или поради страв дека така се наштетува на семејството или на неговата трета сопруга, туку за да не бидат попречени неговите изборни надежи за Белата куќа. Повеќе од фискални или финансиски манипулации, станува збор организирана измама преку мрежа на политички и економски нелегалности, со цел да се прелаже електоратот, односно, смислен заговор против државата. Трамп свесно и незаконски подмитувал користејќи ги сметките на неговата фирма, за изборни цели, така прекршувајќи ги законите за финансирање на изборната кампања.
Исходот од случајот не е очигледен. Ќе биде тешко да се докаже криминалната намера на Трамп, односно дека Трамп не делувал во заштита на својата приватност, туку со намера да ги заштити своите изборни шанси. Потоа, тука е проблемот со географијата и хиерархијата на моќта во САД. Ова е првпат законот на државата Њујорк да се искористи во случај кој се однесува на федерални избори. Ниеден судија од „Empire State“ никогаш не определил дека државно обвинителство може да ги базира своите обвиненија за фалсификување деловни книги или правење „лажен запис во деловните книги на претпријатие“ за дело направено на федерално ниво.
Случајот од тој аспект е преседан и би можел да ги отвори вратите за политизација на државните истраги и обвиненија против федералните нивоа. Во иднина, секој окружен јавен обвинител би можел да следи федерални кандидати или функционери, на основа на некој сојузен државен закон и така да се меша во националната политичка арена. Станува збор за голем проблем во една Америка каде локалните институции се ригидно поделени помеѓу партиите. Веќе се случува натпревар помеѓу конзервативците и прогресивците за контрола на државните парламенти и државните врховни судови, со цел да ги афирмираат своите национални агенди.
Но, и покрај тоа во актуелниот случај видливо е дека ниедна од страните не сака премногу да го спектакуларизира случајот. Судот од Менхетен не сакаше да прави преголеми драми, па така немаше лисици, „mugshot“ или камери во судницата. Целта е јасна - да не се подигнат тензиите со поддржувачите на Трамп и да не му се даде шанса да изигрува жртва. Дури и Трамп беше изненадувачки воздржан, барем во судница, и токму неговите адвокати барале отсуство на камери, со цел да не се прави политички циркус. Трамп се обрати само од Флорида, од каде сепак не се воздржа да не ги нападне судијата и обвинителот од Њујорк. Го нападна семејството на судијата Хуан Мерчан, а обвинителот Алан Брег го нарече криминалец.
Така Трамп ја потврди својата дволичност и ја издаде пониженоста која ја чувствува. Во судницата беше со спуштени раменици, зборувал тивко, па дури и судијата го опоменал да го повиши гласот, но тоа го направи само еднаш откако избега од Њујорк. Тоа е однесување на човек кој веројатно знае дека нештата не одат во негова полза. Во јавноста изигрува смиреност, додека кај својот електорат испраќа насилни пораки и моли за донации. Сепак и во тирадата од Флорида тонот му беше тажен, небрилијантен и без енергија.
И да биде осуден, Трамп најверојатно нема да добие затворска казна, ниту пак пресудата би му оневозможила да ја извршува функцијата претседател. Неговите противници, што демократите, што естаблишментот, веруваат дека обвиненијата повеќе ќе му наштетат отколку што ќе му одат во прилог. Веруваат дека така ќе остане ограничен на својата антисистемска агенда и дека одговорните гласачи ќе го изолираат. Првите анкети одат во таа насока. 29% од републиканците обвиненијата ги гледаат како сериозни, додека неопределените се поделени: за 43% се сериозни, за 41% не. Можеби тоа не е доволно за да ја загуби републиканската кандидатура, но доволно е за да ги изгуби изборите. Но, времето ќе каже.
Републиканците очекувано се обединуваат околу Трамп, разликата со противкандидатот Рон ДеСантис порасна од 8 на 26%, но поддршката од партијата ќе зависи од тежината на аргументите на обвинителот. Сепак, кампањата на Трамп ќе зависи и од другите истраги во тек, кои може да доведат до многу посериозни обвиненија од она во Менхетен. Покрај специјалната комисија за нападот врз Конгресот и за тајните документи кои Трамп ги чувал и криел, најопасната истрага е онаа за обидот на Трамп да влијае врз промена на изборниот резултат од 2020-та во Џорџија.
Републиканската база нема никогаш да го остави, но судбината на Трамп ќе зависи од неопределените, умерените и гласовите на жените. Дури и да се спаси од Судот, на Трамп евентуално ќе му пресуди судот на „народот“. И пред правдата да делува и откако ќе дејствува, пресудата ја изрекува народот кога гласа, одлучувајќи за секој моќник кој претендира неказнивост, и повеќе од кој билo суд или судија.