1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата изеде 220 милиони евра од проекти

1 ноември 2023

Владата жртвувала капитални проекти во вредност од најмалку 170 милиони евра, а локалните власти во вредност од 50 милиони евра.

https://p.dw.com/p/4YGwP
далновод
За покривање на растечките трошоци од енергетската криза во 2022 година, жртвувани и без реализација останале капитални проекти во вредност од најмалку 220 милиони евраФотографија: Christian Ohde/CHROMORANGE/picture alliance

За покривање на растечките трошоци од енергетската криза во 2022 година во централниот буџет на државата, како и во општинските буџети, жртвувани и без реализација останале низа капитални проекти во вредност од најмалку 220 милиони евра, кои требало да придонесат кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Ова го покажуваат истражувањата на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), Здружението на даночни советници и Центарот за активни граѓани „Активо“, во врска со последиците од зголемените буџетски трошоци од кризата во 2022 година, врз области кои влијаат врз животот на граѓаните - и на национално, и на општинско ниво.

Ако Владата жртвувала капитални проекти во вредност од најмалку 170 милиони евра, локалните власти жртвувале проекти во вредност од 50 милиони евра. Станува збор за неизградени и нереновирани здравствени установи, неизградени домови за стари лица, неизградени детски градинки, неизградени улици и патишта, нереализирани реконструкции и реновирања на здравствени објекти, намалени инвестиции во образованието, намалени вложувања за унапредување на животната средина, некупени опрема и машини (медицинска опрема, мониторинг-станица за мерење на квалитетот на воздухот, филтер-станици за хидросистеми и.т.н).

Кратења во здравство и образование

Областите, кои најмногу се чувствуваат во секојдневието на граѓаните - здравството и образованието, исто така се нашле под удар на кратење. Во здравството во 2022 година најмногу биле засегнати буџетските ставки од програмите за реконструкција и доградба на јавни здравствени установи, за изградба на општа болница во Кичево и за изградба на нов клинички центар во Скопје и во Штип. Од првично планираните 14 милиони евра, се потрошиле само 3,5 милиони евра, што претставува потфрлање во реализацијата за цели 75%. Во однос на реконструкција и доградба на објекти на јавните здравствени установи, истите проекти биле планирани за реализација и во 2023 година и се дел од тековниот План за јавни набавки на Министерството за здравство за 2023 година. Но, за ниту еден од планираните објекти, заклучно со јули 2023 година не била отпочната постапка за јавна набавка.

Северна Македонија Скопје луѓе
Зголемените буџетски трошоци од кризата во 2022 година оставија последици врз области кои влијаат врз животот на граѓаните - и на национално, и на општинско нивоФотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Во областа на социјалната заштита, не се реализирале, ниту пак почнале да се реализираат 7 градежни проекти во вредност од 5,5 милиони евра, а станува збор за објекти наменети за стари лица, за лица со посебни потреби, градинки.

Инвестициите во образованието букавално биле преполовени и од првично буџетираните 20 милиони, биле реализирани само 10 милиони евра. На најголем удар биле планираните проекти за студентските домови. Потпрограмите „Изградба на средни училишта“ и „Изградба и реконструкција на студентски домови“ се сведени на нула, додека, пак, најголемите буџетски кратења, но и потфрлања на реализацијата се случиле во потпрограмата „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови“.

Нема за сигнализација на железнички премини...

Програмата за унапредување на животната средина од 30 милиони евра била сведена на реализација од само 13 милиони евра и тоа во најголем дел со трансфер на средства од Владата до АД Електрани на Северна Македонија за реализација на проектот на фотонапонски електрани Осломеј. Од планирани две мониторинг-станици (20.000.000 денари), набавена била само една.

Инвестициите во патната инфраструктура со буџетот за 2022 година првично биле проектирани на 96 милиони евра, за потоа целосно да се укинат, а намалување на средствата имало и за проекти за водоснабдување и одведување отпадни води.

„Гледано од аспект на планирани, а нереализирани проекти на Министерството за финансии - функции на државата кои се значајни за квалитетот на животот на граѓаните, може да се издвои откажаниот проект за набавка и поставување сигнализација на железничките премини од 51.620.800 денари (839.363 евра) од буџетска ставка 482, како и планираната изработка на проектна документација за подобрување на инфраструктурата за собирање и третман на отпадни води и водоводна мрежа во Општина Арачиново, со вредност од 7.145.600 денари (116.188 евра), која исто така е исклучена од плановите на Министерството“, се вели во истражувањето.

Арачиново Северна Македонија
Еден од нереализираните проекти - изработка на проектна документација за подобрување на инфраструктурата за собирање и третман на отпадни води и водоводна мрежа во Општина АрачиновоФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Она што ге смета како загрижувачки податок, е дека кај значаен дел од проектите кои Министерството за финансии требало да ги реализира, а се во доминантен дел добиени од средства од ИПА-програмата на ЕУ, имале исклучително низок процент на реализација, од само 37,78 %. Станува збор за буџетските ставки 480 (купување опрема и машини) и 482 (други градежни објекти), за кои биле планирани реализација на проекти во вредност од 29,9 милиони евра, а биле реализирани само 11,3 милиони евра.

Се стопија средствата за КПУ

Големо кратење на средствата е евидентирано и во реформите на казнено-поправните установи. Според истражувачите, ова е значајно да се нагласи, имајќи предвид дека еден од големите проблеми во остварувањето на фундаменталните права во Република Северна Македонија се правата на лицата што престојуваат во казнено-поправните установи, на што укажуваат Народниот правобранител, релевантните невладини организации во земјата, како и извештаите на Стејт департментот на САД и Советот на Европа.

Во Буџетот на РСМ за 2022 година, потпрограмата Реформи на казнено-поправните установи била проектирана на 283.801.000 денари (4,6 милиони евра). Со ребаланс на Буџетот, средствата за оваа потпрограма биле намалени за 51,11 % и биле проектирани на 2,2 милиони евра. Дополнително кратење од 13,42 % било направено со одлуки за прераспределба на средства, па тие биле сведени на 1,9 милиони евра. На крајот, биле реализирани само 6,50 % од проектираните, односно само 127 илјади евра.

Северна Македонија затвор Идризово
Големо кратење на средствата е евидентирано и во реформите на казнено-поправните установиФотографија: Petr Stojanovski

Кризата ги прераспредели средствата

Капиталните расходи во 2022 година се реализирале за 163 милиони евра помалку од првично проектираните 621 милион евра, а од вкупно реализираните капитални расходи во вредност од 465 милиони евра, дури 28 отсто (131 милион евра) биле потрошени за исплати кои не може да се сведат под категоријата „капитални“ и се директно или индиректно поврзани со енергетската криза. На тој начин се создава нереална слика дека поголем дел од буџетот е искористен за капитални инвестиции.

„Станува збор за дел од исплатите кон АД Електрани за надминување на енергетската криза во вредност од 97 милиони евра, плаќања гаранции по рати за кредити на АД за државни патишта и на Железници Транспорт АД Скопје (30 милиони евра), како и за исплатите кон АД Пошта (2 милиони евра) и АД Водостопанство (1,8 милиони евра), исто така поврзани со енергетската криза“, се вели во истражувањето.

Инаку, вкупната буџетската поддршка на АД Електрани во кризната 2022 година изнесува 230 милиони евра. Ако кон тој износ се вклучи и буџетската поддршка од 86 милиони евра за истата намена, исплатена кон ЕСМ во последниот квартал од 2021 година, како и 62 милиони евра исплатени во првите девет месеци од 2023 година, произлегува дека вкупната поддршка на домашното производство поради енергетската криза изнесува 378 милиони евра.

„Кризната 2022 година се рефлектира во Буџетот низ пораст на трошоците за греење, зголемување на задолжувањата, намалување на способноста на институциите да ги плаќаат навреме своите обврски и низ пораст на потребата од поголеми интервенции од централниот буџет на државата. Вкупните пријавени обврски на буџетските субјекти на крајот од 2022 година изнесувале 800 милиони евра и во однос на 2021 година се зголемени за нови 186 милиони евра, односно за цели 30%“, наведуваат авторите на истражувањето.