Енергетски заедници: струјата тешко се дели и со соседите
2 март 2024Граѓанската заедница за обновливи извори на енергија во Зигбург, западна Германија, сака да постави нов соларен парк на неодамна изнајмено земјиште. Повеќе од 350 луѓе ги здружија силите од 2011 година за да ја финансираат следната генерација на еколошка електрична енергија.
Германија може да се пофали со речиси 900 такви „енергетски заедници на граѓани“, кои вкупно ги има околу 9.000 низ ЕУ, а повеќето од нив се на северот на Европа.
Секој може да се приклучи на една од овие заедници со купување на една или повеќе акции“. Во задругата во Зигбург една акција чини 250 евра, а за возврат членовите добиваат камата на својот удел и дивиденди од струјата што ја испорачуваат во јавната електрична мрежа.
Томас Шмиц, волонтер директор на задругата, сака да дистрибуира и продава колективно произведена електрична енергија во регионот користејќи модел познат како „споделување енергија“.
Европски интерес за различноста
ЕУ смета дека споделувањето на енергијата влијае на децентрализацијата на европскиот пазар на електрична енергија. Брисел пропишува дека сите земји-членки на ЕУ мора да овозможат заедници за чиста енергија и да обезбедат дека тие можат да ја трошат, складираат и продаваат енергијата што ја произведуваат. Сето тоа, прецизира ЕУ, мора да биде утврдено со националното законодавство низ Унијата.
Но, тоа не е случај во Германија, вели Шмиц за ДВ: „Енергијата што сами ја произведувате не смеете да ја делите дури ни со соседот“.
Како одговор на прашањето на ДВ, германското Министерство за економија и заштита на климата толкува дека одредбите на ЕУ не предвидуваат никаков „повластен третман“ на колективно произведената енергија, туку само забрануваат дискриминација во трговијата со енергија од такви граѓански иницијативи.
Главниот проблем е далноводната мрежа: електричната енергија произведена од колектив на граѓани не може едноставно да се спроведува преку постоечката мрежа. Но, токму ова е основата на успехот на ваквите заеднички електрани: „Во основа, ова сè уште не е можно во Германија“, вели Валери Ланге од Граѓанската енергетска асоцијација (BBEn), чадор организација за енергетски проекти на граѓаните.
(Пре)скапо користење на мрежата
Уште повеќе: во Германија, дури и ако таквата енергија би добила дозвола за пренос преку мрежата, било до сосед или до регионален дистрибутер на електрична енергија, едвај би била профитабилна, објаснува Феликс Шафер, ко-основач на Bürgerwerke, задруга и трговец со електрична енергија произведена во германските заедници за обновливи извори на енергија.
„Во Германија, секој што нуди електрична енергија преку мрежата автоматски се смета за трговец со електрична енергија и мора да плаќа даноци и такси на операторите на мрежата“, објаснува Шефер. Сето ова би барало огромен организациски напор од малите енергетски задруги кои обично ги водат волонтери.
Заклучокот е дека за крајните потрошувачи струјата од регионот би чинела барем колку енергијата од норвешките хидроцентрали, вели Шефер. Во моментов, норвешките хидроцентрали снабдуваат со електрична енергија околу 3,6 милиони германски домаќинства.
Исклучоци за енергетските заедници?
Кога станува збор за „приватната сончева енергија од покривот на вашиот дом“, сопствениците на куќи можат многу евтино да користат електрична енергија од сопствениот, често субвенциониран соларен систем, објаснува Шефер. „Но, за граѓаните кои би сакале да користат зелена струја од соседниот комунален соларен парк, струјата би била значително поскапа“.
Затоа организацијата на Шефер бара значително намалување на надоместоците за ваквите комунални електрани.
BBEn исто така смета дека германската влада мора да обезбеди вистински финансиски стимулации за споделување на енергијата. Германија вети дека до 2030 година 80% од потребната електрична енергија ќе доаѓа од обновливи извори. Во моментов е околу половина.
„За да ја постигнеме таа цел, потребни ни се уште многу, многу фарми на ветер и соларни централи. Тие соларни панели ќе бидат многу повидливи од големите електрани со фосилни горива. Сите ќе ги имаме во близина на нашите домови“, вели Валери Ланге од BBEn, посочувајќи на потенцијалниот извор на противење на обновливите извори на енергија.
Најдобар аргумент
Ланге вели дека луѓето кои се залагаат за енергетска транзиција кои ќе се соочат со такви приговори „мора да имаат можност да учествуваат во производството и да имаат корист од тоа“. За да се постигне ова, нивните електрани мора да имаат финансиска смисла.
BBEn предлага сите заинтересирани граѓани во радиус од 50 километри да можат да учествуваат во проектот. Исто така, државната поддршка за електрична енергија треба да им овозможи на ваквите кооперативни паркови за чиста енергија да ја продаваат својата струја по атрактивни цени. Ова ќе создаде поттик за користење обновливи извори на енергија.
За да се постигне ова, потребно е да се знае колку електрична енергија тече од регионалните постројки, а колку од други извори - во кои временски периоди. Овие податоци можат да се обезбедат со „паметни броила“, дигитални броила за електрична енергија кои ја мерат потрошувачката во реално време.
Во Германија, само околу 3% од потрошувачите на енергија имаат такви броила. BBEn предлага броилата прво да се инсталираат во згради и домаќинства кои се заинтересирани за споделување на енергијата.
Стремежот за самодоволност
Томас Шмиц од задругата Зигбург истакнува дека поддршката за големите ветерни електрани или соларните фарми во соседството исто така се зголемува кога луѓето имаат корист од нив.
„Луѓето сфатија дека се многу зависни од увоз на енергија од земји со кои повеќе не сакаат да имаат работа. Постои голема желба да не зависиме од никого“, вели Шмиц. „Ако не можат локално да произведуваат чиста енергија, тогаш сакаат таа да биде барем од регионот“.
За да се случи ова, Германија мора да создаде услови кои заедничкото користење на енергија ќе го направат главна компонента на енергетската транзиција на Германија.
Оваа статија е дел од серијалот од пет земји за енергетските заедници во ЕУ, произведен со поддршка на Journalismfund Europe.