1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕрменија

Ерменија и Азербејџан: Војна во сенка

Силвија Штебер / Тагесшау
15 септември 2022

Покрај војната против Украина, повторно ескалира конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан. Раководството во Баку се потпира на воена сила, но се повинува на меѓународниот притисок.

https://p.dw.com/p/4Gp1X
Повторно разгорување на конфликтот меѓу Ерменија и Аџербејџан
Повторно разгорување на конфликтот меѓу Ерменија и АџербејџанФотографија: Karen Minasyan/AFP/Getty Images

Ноќни артилериски напади, употреба на дронови и големокалибарска муниција – она што звучи како извештај од фронтот од Украина, ноќта кон вторникот се случуваше во Јужен Кавказ.  Азербејџански оружја погодија населби во Ерменија,  нова ескалација на конфликтот меѓу двете држави со трагични последици.  Ерменскиот премиер Никол Пашинјан  денеска зборуваше за најмалку 49 загинати. Вечерта во Баку министерот за одбрана јави за 50 мртви на азербејџанска страна. Нивната смрт е „последица на далекусежните провокации на Ерменија“, изјави тој. Наводите на двете страни е тешко независно да се проверат.

Провокација, а потоа борби

Случувањата се вклопуваат во образецот кој може да се набљудува во повеќе наврати од почетокот на примирјето меѓу двете држави на крајот на 2020 година:

Се засилува агресивната реторика од страна на Азербејџан, неговото раководство ја обвинува Ерменија за провокации и концентрира дополнителни трупи. Во битките кои следат, азербејџанската војска освојува територии, кои ерменските трупи се обидуваат да ги задржат. Таму стационираните руски војници не се воопшто активни или доцна се активираат, додека владата во Москва принудува на примирје. Други посредници, како ЕУ, изразуваат загриженост или голема загриженост и бараат прекин на борбите. САД и Франција го нарекуваат Азербејџан агресор.

Во следната фаза, на Русија и ЕУ им успева да ги седнат на маса претставниците на двете страни. Неодамна, на крајот на август Пашинјан и азербејџанскиот претседател Илхам Алијев се сретнаа во Брисел, по трет пат годинава, овојпат дури ракувајќи се. Под руско посредништво преговараат двата тима, но досега не се објавени конкретни резултати.

Нова состојба од 2020 година

Обидот да се оживее Минската група на ОБСЕ, основана во 1990 година, под водство на Москва, Франција и САД, досега не е успешен. Улога игра и разнишаниот однос меѓу Русија и Западот. Освен тоа, Аџербејџан го отфрла форматот како про-ерменски и од војната во 2020 година смета дека постои нова ситуација за која Минската група нема мандат.

За време на 44-дневните борби тогаш на азербејџанската војска ѝ успеа да поврати големи делови од од Ерменија контролираните области на своја територија. Русија спречи целосно освојување на Нагорно Карабах и со тоа  прогон на Ерменците  кои живеат таму. Рускиот претседател Владимир Путин издејствува прекин на огнот и стационираше руски трупи за заштита на Ерменците.

Тешки борби меѓу ерменските и азербејџанските војници
Тешки борби меѓу ерменските и азербејџанските војнициФотографија: Armenian Defense Ministry/AP/dpa/picture alliance

Азербејџан создава факти

Сегашната цел на азербејџанското раководство е да издејствува мировен договор по свој вкус, сѐ додека Ерменија е слаба, а Русија е зафатена во Украина. Со воените напади, Азербејџан врши притисок врз Ерменија и создава факти, пред решенијата да бидат договорени на преговарачка маса. Притоа станува збор за три теми.

Конфликтот околу Нагорно Карабах Азербејџан го прогласи за внатрешнополитичка тема во рамките на сопствените граници. Ерменците кои живеат таму треба да бидат ставени под контрола на азербејџанското раководство и тогаш би уживале права како и сите други граѓани. Но, откако Азербејџан од 2020 година презеде контрола врз области, досега тоа значеше  бегство на Ерменците што живеат таму.  Преостанатите Ерменци живеат под заштита на „мировни трупи“, кои Русија ги стационираше таму по војната во 2020 година. Баку обвинува покрај тоа дека таму има вооружени ерменски сили, кои се нелегални и мора да бидат разоружени.

Втора тема е спорната гранична линија меѓу Ерменија и Азербејџан во претежно планинскиот регион. Како и во најновиот случај, азербејџанските сили и во 2021 година нападнаа ерменска територија, ја уништија тамошната воена инфраструктура и освоија стратешки важни области, за кои веќе се водат преговори околу граничната линија.

Кон тоа се надоврзува досега неотварена точка од мировната спогодба од 2020: создавање транспортни патишта од Азербејџан до ексклавата Нахтишеван преку ерменска територија. Азербејџан зборува за коридори, над кои Ерменија очигледно не би можела веќе да полага суверено право. Тоа отвора многу прашања, дотолку повеќе што Азербејџан изразува повторно сѐ подалекусежни „историски засновани“ аспирации врз ерменска територија.

Ерменија мора да попушти

Соочено со масивниот притисок, на ерменското раководство досега не му преостануваше друго освен да попушти, чекор по чекор. Така, премиерот Пашинјан го призна суверенитетот на Аџербејџан во неговите граници, што значи  откажување од независност на Нагорно Карабах,  тој бара натамошни  безбедносни гаранции и посебен статус за Ерменците во Нагорно Карабах. вОпозицијата и голем дел од населението му префрлаат распродажба на Нагорно Карабах и јужна Ерменија.

Единственото ефикасно средство засега за Ерменија е меѓународното внимание, кое досега секогаш водеше до запирање на азербејџанските офанзиви.

Иако Русија и воениот сојуз ОВКС не применуваат воени средства против Азербејџан, раководството во Москва постојано успева да издејствува прекин на огнот со политички и веројатно економски притисок. И  азербејџанскиот сојузник Турција  и јужниот сосед Иран сакаат да избегнат масивна воена ескалација во која би биле евентуално вовлечени.

Во оваа ситуација, во интервали од неколку недели, постојано доаѓа до воени ескалации со делумно висок број жртви, како зачера.

Тоа веројатно нема да се промени сѐ додека нема дипломатски решенија за одделни конфликти и тие не бидат поврзани со соодветни безбедносни гаранции. Меѓутоа, проширување на „мировната единица“ во Нагорно Карабах со повеќе руски војници или пак создавање сосем нов формат со приклучување на други држави, засега не е на повидок.