Ескобар: Сакаме да ве видиме во ЕУ
25 август 2023„Нема никого да подложам на тортура. Соединетите Американски Држави не избираат влади за земјите на НАТО, но поставуваме очекувања. САД ги гледа како природни партнери оние коишто се посветени на европската интеграција, на НАТО и на борбата против корупцијата“, порача заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на прес-конференција со македонскиот премиер, Димитар Ковачевски во Скопје.
„Сакам да слушнам и да имаме многу отворена размена на гледишта“, рече Ескобар одговарајќи на новинарско прашање каков е неговиот став за изјавите на Христијан Мицкоски кој порача дека нема да дозволат тортура и притисоци врз ВМРО-ДПМНЕ од меѓународната заедница, со цел да се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот за уставните измени. Ескобар по средбата со премиерот Ковачевски, напладне треба да му ги пренесе своите пораки и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во пресрет на собраниската седница на која што ќе треба да се гласа за уставните измени.
Пријател и сојузник
Ескобар кој е во дводневна посета на земјата, на прес-конференција во Владата рече дека Северна Македонија е земја која се покажала како вистински пријател и сојузник на САД. Ова тој му го потенцирал и на македонскиот премиер со кој разговарале за билатералните разговори за проширувањето на ЕУ и регионалната стабилност и предизвиците со носењето на уставните измени коишто се соочува земјата.
„На секој чекор од американските предизвици ние сметавме на Северна Македонија и сакам и земјата да смета на нас при предизвиците со кои се соочува“, рече Ескобар потсетувајќи на македонската помош за Авганистан, Украина, но и во постигнувањето договор меѓу Србија и Косово.
„Сакаме да ве видиме во ЕУ, ние сме најентузијасти да станете дел од Трансатланската заедница. Западен Балкан е најнадежниот дел од Европа во моментов, со брз економски развој, со огромна можност да даде придонес во многу сектори кои ќе придонесат за растот на Унијата. Европа и САД имаат потреба од вас, вие сте стратешки партнер и пријател. Сакаме да имате корист од тоа партнерство, во носењето на тешките одлуки кои ќе донесат посветла иднина за граѓаните“, вели Ескобар.
Тој изрази задоволство што е започнат процесот на уставни измени во македонскиот парламент и изрази надеж дека постапката ќе продолжи.
Рационален оптимист
Премиерот Димитар Ковачевски повтори дека е рационален оптимист дека земјата ќе продолжи на патот кон ЕУ. „Верувам во остварување на целта и работам таа да се оствари“, порача Ковачевски. Тој смета дека САД е на иста линија со владејачкото мнозинство во однос на иднината на земјата во ЕУ - чекот кој е клучен и важен за обезбедување на подобра иднина и стандард за граѓаните.
„Преговарачката рамка која што е основа на нашите преговори со ЕУ, е документ одобрен од сите 27 земји-членки на ЕУ. Таа содржи услови кои ние треба да ги исполниме. Нов договор нема да има, ниту пак има можност за преотворање на Преговарачката рамка“, дециден е премиерот. Тој е дециден дека со неа целосно ќе се заштити македонскиот јазик и идентитет. „Билатералните односи со Бугарија се билатерални и нема да влијаат на процесот на евроинтеграции. Потврдивме дека нови барања нема да има и секогаш ќе ја имаме поддршката од нашите искрени пријатели“, дециден е Ковачевски.
Тој ги повика пратениците да донесат храбра одлука за продолжување на евроинтеграциите и ќе дозволат земјата до 2030 година да стане членка на ЕУ.
„Граѓаните сакаат интеграција, а не изолација“, рече тој.
ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од позициите
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на партијата, Александар Николоски на средбата со Ескобар го потврдиле ставот на коалицијата за уставните измени.
„Од двете страни беше потенцирана потребата за јакнење и продлабочување на стратешкото пријателство меѓу двете држави.Мицкоски потенцираше дека актуелната власт во Македонија за многу внатрешни политички прашања погрешно ја информира меѓународната заедница вклучително и САД“, информираат од партијата.
Уште еднаш беше афирмиран ставот на партијата дека суштинската заложба и приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е ЕУ и евроатланските вредности. Мицкоски укажал дека единствено решение за излез од една ваква исклучително тешка ситуација, се одржување на предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе изберат влада со легитимитет.
Ескобар е во дводневна посета на државата, во пресрет на продолжувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов за продолжување на преговорите со Европската Унија.
Ескобар во четвртокот (24.08) беше на работна вечера со државниот врв, а претходно и на средба со претседателот Стево Пендаровски, на која што го пренел очекувањето на официјален Вашингтон дека Северна Македонија ќе го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија.