ЕСМ ќе го преземе управувањето со Топланата Скопје Север
30 ноември 2022ЕСМ ќе го преземе управувањето со Топлана Скопје Север и затоплувањето на жителите на овој дел од главниот град. Премиерот Димитар Ковачевски најави дека Топланата „Скопје Север“ и ЕСМ денеска ги завршуваат преговорите и ќе потпишат договор за деловно техничка соработка.
„Раководството на Топланата „Север“ денеска е на состанок во АД ЕСМ каде треба да ги заврши преговорите, да потпишат договор за деловно техничка соработка и да се обезбеди затоплување на граѓаните во општините Чаир и Бутел, како и на институциите, градинките и училиштата, со оглед на тоа дека ЕСМ го презеде затоплувањето и на тој дел“, изјави Ковачевски.
Претходно АД ЕСМ објави дека испораката на топлинска енергија тече непречено и така и ќе продолжи и во следниот период, како и дека за декември е обезбеден природен гас од „Макпетрол пром – гас“ и топлинска енергија од ТЕ-ТО.
Министерството за животна средина и просторно планирање денеска повторно потсети декатопланите треба да ги почитуваат условите пропишани во еколошките дозволи, по најави дека ако нема гас,мазутот е резервна опција за затоплување на домовите.
Топлана Север има Б-интегрирана еколошка дозвола издадена од Град Скопје во која се пропишани позитивните правни прописи од националното и европското законодавство за овој индустриски сектор, т. е. снабдување на пареа и топла вода, како и енергенсите што согласно дозволата може да ги користи оваа инсталација. Контролата на исполнувањето на обврските и условите за работа пропишани со Дозволата се во надлежност на инспекциски служби на Град Скопје.