ЕУ: Повторно царини за земјоделските производи од Украина
9 април 2024Во ЕУ, наскоро повторно ќе доспеваат царини за големи количества на некои украински земјоделски производи.
Членките на Европската унија привремено се договорија за ограничување на увозот на украинско жито и земјоделски производи, откако претставниците на Европскиот парламент и Белгија, која во моментов претседава со Унијата, постигнаа договор за тоа. За таква одлука е потребно и официјално одобрение од сите членки на Унијата и од Европскиот парламент.
Носителите на одлуки во ЕУ со недели дебатираа околу споменатите ограничувања за бесцарински пристап за украинските производи. За тоа време, земјоделците протестираа поради евтиниот увоз, а некои земјоделци во Полска ја блокираа границата со Украина и демонстративно истураа украинско жито над железничките шини.
Во јануари Европската комисија предложи продолжување на бесцаринскиот пристап до јуни 2025 година, но со можност за примена на тарифите за животни, јајца и за шеќер, доколку нивниот увоз го надмине просечното ниво од 2022 и 2023 година.
Оттогаш, на списокот се додадени овес, пченка, житарки и мед, а тарифниот просек треба да се пресмета врз основа на втората половина на 2021 година. Таа година, пред да започне војната во Украина, увозот од земјата беше многу помал, бидејќи се применуваа царински давачки на украинската стока.