ЕУ: Реформи пред следното проширување
12 март 2024Европската Унија мора да ги реформира своите институции - Европската комисија, Советот и Парламентот - да се осигура дека тие ќе имаат капацитет да функционираат и делуваат и во случај на проширување до 35 членови, се наведува во извештајот објавен во вторникот од Келнскиот институт за економски истражувања (IW).
Според германскиот истражувачки институт, без овие реформи ЕУ не би била во позиција да се прошири. Авторите на извештајот, кој го објави ДПА, како посебен проблем го истакнуваат принципот на едногласност за одлуките на членките на ЕУ. Досега, земјите-членки мораа да гласаат едногласно за прашања од надворешната, безбедносната и даночната политика.
Мнозински принцип за да се избегне вето
Ако ЕУ се прошири, ќе има поголеми шанси една од членките да може да стави вето на одлуките во овие три области. Затоа, Институтот предлага наместо едногласност да се воведе мнозински принцип.
Проширувањето на ЕУ повторно стана главна тема по одлуката во декември за почеток на пристапните преговори со Украина и Молдавија, во услови на руската инвазија на Украина во 2022 година. Формалните разговори со Албанија, Северна Македонија, Србија и Црна Гора се веќе во тек, додека Босна и Херцеговина , Грузија и Турција се исто така формални кандидати за членство во ЕУ.
Комисијата во вторник ќе препорача ЕУ да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Преговорите за пристап со Турција беа отворени во 2005 година, но оттогаш се во застој поради загриженоста за авторитаризмот под претседателството на Реџеп Таип Ердоган.
Косово - кое не е целосно признаено меѓу земјите-членки на ЕУ - исто така е наведено како „потенцијален кандидат“ од Европската комисија.