ЕУ сo горна ценовна граница за руски нафтени продукти
4 февруари 2023Членките на Европската унија, според шведското претседателство со Унијата, се договориле за горна граница на цената за барел висококвалитетни руски нафтени продукти, како дизелот, од 100 долари и цена од 45 долари за поевтини нафтени продукти, како маслото за греење.
Одлуката за горна ценовна граница за руски нафтени продукти се носи на предлог на Европската комисија, а би требало да важи од утре (5.02). Според дипломатски извори, Полска и балтичките држави пледирале за пониска горна граница, што ги одолговлече преговорите за неколку дена.
Државите од Г7 и Австралија исто така постигнале согласност за горна ценовна граница, која, како што се вели, одговара на онаа од ЕУ.
На почетокот на декември ЕУ, Г7 и Австралија веќе воведоа горна граница за руска сурова нафта од 60 долари. Лимитот се спроведува така што на западните компании им е забранет транспорт на руска нафта, а од утре и нафтени продукти, како и осигурување на танкери доколку тие имаат цена над договорената горна граница.
Според проценката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дадена во четвртокот, постоечката горна ценовна граница за руска нафта веќе ја чини Москва околу 160 милиони евра дневно.