1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата Комисија на ЕУ - најважните факти

Бернд Ригерт
18 септември 2024

Познат е составот на новата европска влада, со учество на сите 27 земји-членки. За прв пат во неа има претставник на десничарско екстремистичка партија, на италијанската премиерка Мелони, „Браќа на Италија“.

https://p.dw.com/p/4kkZy
Урсула фон дер Лајен, претседателка на Комисијата на ЕУ
Урсула фон дер Лајен, претседателка на Комисијата на ЕУ, го претстави новиот состав Фотографија: Philipp von Ditfurth/dpa/picture alliance

Урсула фон дер Лајен,  старо-новата претседателка на Комисијата на ЕУ, го претстави новиот состав пред Парламентот на ЕУ во Стразбур. Не беше лесно да се распределат ресорите балансирано според политичката боја, регионите, интересите и полот, објасни претседателката.

„Сите земји-членки на ЕУ би сакале да имаат важен економски ресор, но нема толку многу такви",  истакна Фон дер Лајен.

Сосема нови се одбранбениот ресор кој го доби Андриус ​​Кубилус (Литванија), комесарка за Медитеранот - Дубравка Суица (Хрватска) и комесар за домување - Дан Јоргенсен (Данска).

Кои ресори сѐ уште постојат во новата Комисија?

Покрај класичните ресори како буџетот, надворешната политика и проширувањето на ЕУ, фокусот е на комесари кои се занимаваат со конкурентност, внатрешниот пазар и индустриската политика.

Целата работа треба да се поврзе со таканаречениот Зелен договор, односно свртување кон климатска неутралност и одржливо производство на енергија. За ова има посебен оддел со кој ќе раководи Холанѓанецот Вопке Хоекстра.

Контроверзно е назначувањето на десничарскиот екстремист, Италијанец Рафаеле Фито за извршен потпретседател за регионален развој, инвестиции и Фондот за обнова по короната. Фито припаѓа на партијата „Браќа на Италија" на премиерката Џорџија Мелони.

Тој е првиот десничарски екстремистички политичар кој има толку влијателна позиција во Комисијата на ЕУ. Урсула фон дер Лајен, наводно, ѝ ветила на италијанската влада составена од десничарски екстремисти и демохристијани дека на Италија ќе ѝ биде доделен важен оддел.

Во спектарот на парламентот, Фито сè уште се смета за релативно умерен десничарски екстремист од групата „Конзервативци и реформатори“. Уште подесно се парламентарните групи „Патриоти за Европа“ и „Европа на суверени нации“.

Комплексна слика на новиот состав на Европската комисија предводена од Урсула фон дер Лајен
Комплексна слика на новиот состав на Европската комисија предводена од Урсула фон дер Лајен Фотографија: Jean-Francois Badias/AP Photo/picture alliance

Кој е одговорен за луѓето надвор од ЕУ?

Комесарот за меѓународни партнерства, Јозеф Сикела (Чешка), ќе се грижи за развојната помош и инвестицискиот фонд „Глобална порта“, со кој Комисијата на ЕУ сака да поентира на глобалниот југ.

Австриецот Маркус Брунер, всушност финансиски политичар, ќе биде одговорен за миграцијата. Тој треба да ги спроведе новите процедури на ЕУ за азил и да ја ограничи нерегуларната имиграција.

Словенката Марта Кос во иднина ќе ги води преговорите за проширување со државите од Западен Балкан, Турција, Украина и Молдавија. Таа треба да се грижи и за реконструкција во Украина по руската агресорска војна. Високиот претставник Каја Калас  (Естонија) ќе биде одговорна за глобалната надворешна политика.

Каја Калас (Естонија)
Каја Калас (Естонија) ќе биде одговорна за глобалната надворешна политика на ЕУФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Како функционира процесот на селекција?

Владите на земјите на ЕУ предлагаат по еден кандидат. Сепак, идните еврокомесари експлицитно - како што е наведено во европските договори - не се претставници на нивните национални држави.

Со заклетва тие се изрично обврзани да ги следат европските интереси. Тие потоа работат заедно како тим.  Претседателката на Комисијата  има целосна слобода да им ги додели на кандидатите нивните ресори и одговорности.

Сепак, однапред има неформални договори со владите. Шест комесари веќе беа членови на старата влада на ЕУ.  Во Брисел се очекуваат 20 нови лица.  Многу од нив се поранешни министри или шефови на влади.

Рафаеле Фито (лево), човек од доверба на Џорџија Мелони
Рафаеле Фито (лево), човек од доверба на Џорџија Мелони, ќе биде потпретседател на ЕК (архивска фотографија, 2022)Фотографија: Roberto Monaldo/LaPresse/ZUMA/picture alliance

Каква е структурата на новата Комисија на ЕУ?

Шефица е Урсула фон дер Лајен. Таа е на функција од 2019 година и ќе остане на функцијата уште пет години. Така одлучија шефовите на држави и влади на ЕУ, со што Парламентот се согласи во јули.

Фон дер Лајен назначува шест извршни потпретседатели. Притоа таа се грижи пропорционално да се земат предвид европските региони и бројните партиски семејства.

Претседателката на Комисијата, и самата прва жена на оваа функција, сè уште не постигна родова еднаквост. И покрај повторуваните барања, земјите-членки испратија 16 мажи и 11 жени во Брисел.

Но, Фон дер Лајен го сврте изборот за нејзините потпретседатели, на врвот има четири жени и само двајца мажи.

Брисел, Европска комисија
Во 56 генерални директорати и агенции работат околу 32.000 службеници и вработени во Комисијата и во подредените службиФотографија: Lukasz Kobus/European Commission

Еврокомесарите се назначуваат на секои пет години. Административната служба на Комисијата останува главно незасегната од овие промени на највисоко политичко ниво.

Во 56 генерални директорати и агенции работат околу 32.000 службеници и вработени во Комисијата и во подредените служби. Овие ќе бидат подредени на новите комесари.

Кој ќе добие најмногу и најголеми дирекции, се смета за моќен во Брисел. Овие структури се споредливи со министерствата во владите на земјите-членки.

Што ќе следува?

Сите еврокомесари го имаат поминато „ситото“ од Комитетот за правни прашања на Европскиот парламент и се сослушани и испрашувани три часа од соодветната техничка комисија на Парламентот. Пратениците можат да ги отфрлат кандидатите или да бараат друг состав на ресорите.

При формирањето на Европската комисија последниот пат, беа сменети тројца кандидати. На крајот, пленумот гласа за целата Комисија на ЕУ. Доколку и Европскиот совет, претставничкото тело на земјите-членки, се согласи со квалификувано мнозинство, втората Комисија на Фон дер Лајен треба да го започне својот петгодишен мандат најдоцна на 1 декември.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија