ЕК загрижена поради визната регулатива на Унгарија
2 август 2024Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон е загрижена поради новите унгарски посебни правила за гастарбајтери од Русија и Белорусија. Во писмо до унгарскиот министер за внатрешни работи, кое го објави на платформата Х, таа ја споделува загриженоста изразена во последните денови од страна на европарламентарци: „Русија е безбедносна закана“, напиша таа. „Ни треба повеќе, не помалку, будност. Дозволата за потенцијални руски шпиони и саботери за лесен пристап до ЕУ ќе ја поткопа безбедноста на сите нас“.
Според Јохансон, мора да се осигура дека „руските државјани кои можат да се вклучат во шпионажа или да претставуваат други безбедносни закани се предмет на строга контрола“. Специјалната регулатива претставува закана за безбедноста на Шенген зоната, пишува Јохансон и ја повикува унгарската влада да даде објаснување. Ако акциите на Унгарија претставуваат ризик, „ние ќе дејствуваме“, најавува таа.
Брзи визи и за Русите и Белорусите
На почетокот на јули, унгарскиот премиер Виктор Орбан потпиша указ за проширување на брзата процедура за издавање визи за осум земји, вклучувајќи ги Русија и Белорусија. Граѓаните на овие земји сега можат да аплицираат за таканаречените национални картички за да можат да работат во Унгарија. Претходно, овие картички беа достапни само за украинските и српските граѓани. Според регулативата, гастарбајтерите можат да доаѓаат за период од две години, а потоа престојот да им се продолжува за три години онолку долго колку што сакаат. Тие може да работат во секоја професија. За да можат да профитираат од регулативата, тие мора да докажат дека имаат работа, сместување и здравствено осигурување во Унгарија.