Ден на сеќавање на Холокаустот врз Синтите и Ромите
2 август 2024Залудно се бранеле – мајки со мали деца, стари и болни луѓе... Во ноќта меѓу 2 и 3 август 1944 година масовно се убиени во концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау. Само во текот на таа ноќ, есесовците убиле 4300 лица, што е страшна епизода на геноцидот на Синти и Роми во Европа. Нацистичка Германија уби околу 500 илјади припадници на најголемото европско малцинство - во логори и гета. Овие луѓе биле убивани со гас, стрелани, изгладнувани до смрт, умирале на принудна работа или служеле за медицински експерименти.
Европски ден на сеќавање
Во 2015 година, Европската унија го прогласи 2 август за Европски ден на сеќавање на Холокаустот над Синтите и Ромите. На комеморацијата по повод 80-годишнината од страшната ноќ, покрај преживеаните и членовите на семејствата на убиените, ќе учествуваат и политичари.
Германија на настанот ќе ја претставува претседателката на Бундестагот, Бербел Бас. По тој пвод таа порача: „Прогонот на Синтите и Ромите во националсоцијализмот сè уште не им е познат на многумина. Затоа за мене е многу важно да зборувам на Европскиот ден за сеќавање на Холокаустот над Синтите и Ромите – и да придонесам за одржување на споменот на жртвите“.
„Се молам да не се повтори“
Покрај Аушвиц, во Европа има безброј други места на прогон и убивање на Синти и Роми. Кристијан Пфајл го преживеал геноцидот како бебе - заедно со неговите родители и браќата и сестрите. Денес има 80 години и ја користи секоја прилика да зборува за прогоните и уништувањето, за да не излезе дека, како што вели за ДВ, „многу луѓе умреле за ништо“. Тој држи говори во школите, а на Денот на сеќавање зборувал и во Њујорк - пред Обединетите нации, во Берлин, Брисел и Аушвиц - каде биле убиени четири деца на еден од неговите роднини. „Се надевам дека идните генерации ќе учат од историјата и се молам тоа да не се повтори“, рече тој во Аушвиц во 2022 година.
„Во цела Европа има расистички тенденции“, предупредува Пфајл. Тој вели дека антициганизмот е облик на расизам насочен против Синтите и Ромите. Кристијан Пфајл им се обраќа на младите: „Затоа мора да се залагате за демократијата и решително да се спротивставите на антициганизмот, антисемитизмот и расизмот. Посетете ги спомениците и местата на прогон и создадете слика за тоа што им се случило на тие луѓе“.
Раѓање во гето: глад, студ и насилство
На 16 мај 1940 година, родителите, како и браќата и сестрите на Кристијан Пфајл, биле одведени од нивниот стан во раните утрински часови. Од Трир најпрво биле депортирани во збирен логор во Келн, а потоа во окупираната Полска.
Кристијан Пфајл е роден на почетокот на 1944 година во гетото Лублин. Целото семејство гладувало и вршело тешка принудна работа. Неговите родители и браќата подоцна му рекле дека неколку пати биле носени на лажни егзекуции. Кога офицерите на Ес-Ес правеле забави во вечерните часови, нивниот татко морал да пушта музика. За тоа добивал остатоци храна. Така успеал да го одржи семејството во живот.
За Пфајл како бебе немало ни пелени, ни облека. Тој вели дека мајка му го носела со себе на принудна работа завиткан во остатоци од ткаенина и го ставала до себе на снегот. Му кажувала дека чуварите и есесовците убивале деца кои плачат и дека си мислела „подобро покрај мене да смрзнеш отколку да те убијат тие ужасни луѓе во бараката“.
Ученици во Аушвиц - вознемирувачка обиколка
„Чудо е што преживеавме“ - под тој наслов здружението „АГ Фриден“ (AG Frieden – Работна заедница мир) организираше предавање на Кристијан Пфајл во Трир. Салата беше полна до последно место, многумина не успеаја да влезат. До Пфајл, на говорницата седеа и двајца средношколци кои на почетокот на годината го посетиле меморијалниот центар во Аушвиц.
Јаник Ланге (17) за ДВ вели дека тоа било значајно искуство. Тој ги споменува личните работи на затворениците како чевли, облека, очила, а особено делот каде што има купишта исечена коса: „Оној што таму нема да заплаче... Јасно е дека таму човек целосно совладуваат емоциите и дека тоа не се заборава“.
И по војната биле прогонувани и понижувани
Откако Црвената армија го ослободила Аушвиц, семејството Пфајл се вратило во Трир – во нивната татковина. Но, Кристијан Пфајл нагласува дека дискриминацијата и прогонот не престанале по 1945 година. Неговите најблиски роднини биле тешко болни и не можеле да работат. И семејството било упатено на социјална помош.
Луѓето кои биле одговорни за депортации за време на нацистичката ера сè уште биле на функции. И токму од такви луѓе тие требало да бараат помош. За таа цел татко му одел по службите, а бидејќи бил неписмен, често со него одел и неговиот син. „Беа разочарани што сè уште бевме живи“, вели Кристијан Пфајл.
Германија го призна расистичкиот геноцид врз Синтите и Ромите дури во 1982 година. А во 2022 година, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во говор спомена дека неправдата кон Синтите и Ромите продолжила и по 1945 година, нарекувајќи го „втор прогон“. По тој повод тој побара прошка од Синтите и Ромите.
Како да се одбраниш?
Кристијан Пфајл вели дека бил малтретиран на училиште и секогаш бил првоосомничен кога нешто исчезнувало или било украдено. Подоцна, тој правел сѐ за да се докаже, прво како пејач, подоцна како угостител. Отворил и бар во кој настапувале познати музичари, а подоцна и ресторан со кој бил успешен.
Среќен крај? Во никој случај.
Во 1990-тите, јавниот ТВ сервис Зидвестфунк емитуваше филм во кој Пфајл, на ромски јазик со германски превод, ја пее песната „Голема Германија, хајл Хитлер - никогаш повеќе“.
Следело телефонско малтретирање, добивал смртни закани. Неговиот локал бил демолиран и на него биле испишани кукасти крстови и логото на Ес-Ес трупите. Пфајл го реновирал локалот и го отворил повторно, но следел уште еден напад во кој повторно сѐ било уништено. Сакал да оди во странство, но не можел поради неговите постари браќа и сестри – тие имале трауми и паничен страв од затворени простории, особено во транспортни средства. И така прво се преселил на село и таму продолжил да се занимава со угостителство, а подоцна се вратил во Трир, каде во 2024 година бил прогласен за почесен граѓанин.
Борбата против дискриминацијата
Од 1990-тите до сега во Германија се променија многу работи. Државата доби свој комесар за антициганизам – Мехмет Дајмагулер. Тој предупредува на сите форми на расизам против Синтите и Ромите и предлага измени во закони. Канцеларијата за пријавување расистички инциденти и информации за антициганизам МИА известува дека во 2023 година имало повеќе од 1.200 расистички злосторства, меѓу кои десет случаи на екстремно насилство.
Тоа е речиси двојно повеќе од 2022 година. Годинава едно семејство Синти од Трир пријавило дека на нивната влезна врата биле насликани свастики.
Веднаш до катедралата во Трир има споменик на прогонетите и убиени Синти и Роми, поставен во 2012 година.
Аушвиц, Њујорк, Трир - секаде каде што Кристијан Пфајл држи говор, тој првенствено им се обраќа на младите. „Десниот радикализам е сѐ поприсутен во Европа“, предупредува тој и додава: „Мора да се браниме и да ја едуцираме младината!"
А ученикот Јаник Ланге вели дека „мора да внимаваме како се развива општеството и да се грижиме секој да придонесе за негов правилен развој“.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик