Гласање за азилот во ЕП – ќе биде тесно
10 април 2024По повеќе од осум години дискусии, државите-членки и Европскиот парламент на средината на декември во принцип се сложија околу тн. Пакт за азил и миграции. Но, уште не е совладата последната препрека. Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер тогаш апелираше: „Стануза збор договореното да го исполниме со живот и да го имплементираме.“
За системот на азил и неговите десет законски акти да бидат „исполнети со живот“, конечна одлука денеска попладне (10.04.) мора да донесе Европскиот парламент. Потоа државите-членки на ЕУ имаат време до две години за да ги применат новите прописи.
Поголемо растоварување за Италија и Грција
Целта на Пактот е подобро управување со миграциите. Секој кој има мали шанси да добие право на останување во ЕУ, би требало да биде побрзо депортиран и директно од надворешните граници на Европската унија.
Зад тоа стојат задолжителни гранични процедури, кои по правило би требало да бидат завршени по дванаесет недели. Евентуалната депортација потоа би требало да биде извршена исто така во рок до дванаесет недели.
Од постапката се исклучени малолетниците без придружба. Под притисок на Зелените, германската влада сакаше да ги исклучи од постапката и семејствата со деца, но не успеа.
Пактот за миграција има за цел да им помогне на земјите на надворешните граници на ЕУ, оние кои први ги примаат мигрантите, како што се Италија и Грција. Во случај на многу голем број пристигнати мигранти, тие земји мора да се потпрат на солидарноста на другите членки. Во таков случај, граничните процедури би требало да бидат проширени на поголем број мигранти.
Планиран механизам на распределба
Во ЕУ внатрешно ќе бидат прераспределени до 30.000 луѓе. Членките кои не сакаат да прифатат бегалци, мораат да помагаат на друг начин, на пример со пари. Би требало да важи принципот: колку е поголема потребата, мора да биде повисок и придонесот за солидарноста. Европската комисија уште ги разработува деталите.
Во иднина би требало да се знае повеќе за тоа кои се бегалците кои влегуваат во ЕУ: во централна база на податоци на Унијата ќе се собираат отисоци на прстите и биометриски податоци, а планирани се и безбедносни проверки.
Делови од реформата остануваат контроверзни
Делови од реформата и натаму се сметаат за контроверзни, дури и во завршната фаза на законодавниот процес. Затоа се очекува тесна одлука на гласањето.
„Не очекува големо мнозинство, дека одеднаш 705 пратеници ќе се согласат. Очекувам мешана слика кога се во прашање правните акти, но очекувам дека Пактот во целина ќе биде усвоен“, вели европратеничката од редовите на ЦДУ, Лена Дипон.
Притоа е посебно важно мнозинството од демохристијаните, социјалдемократите и либералите. Покрај левите и десните популисти, веројатно и Зелените ќе гласаат против, барем против повеќе делови од реформата.
„Во суштина ова е реформа на азилот која значи заострување на законите за азил, а тоа веројатно не помага да оствариме поправедна распределба или побрза интеграција на оние кои добиваат заштита во Европа, туку спротивно“, вели европратеникот на Зелените, Ерик Маркварт.
И натаму главна цел – Германија
Политичарите од демохристијанската Европска народна партија (ЕНП) предупредуваат дека Пактот за азил и миграција ќе пропадне на гласањето. Во тој случај, прашањето за миграциите веројатно ќе игра уште поголема улога во предизборната кампања за изборите за Европскиот парламент кои се одржуваат од 6. до 9. јуни. Тоа посебно ќе им користи на десничарските популисти.
Агенцијата на ЕУ за азил очекува барањата за азил оваа година да останат на високо ниво. Минатата година ги имало повеќе од еден милион. Главна целна земја и натаму е – Германија.