1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европскиот парламент одлучува за наследникот на Каили

Штефан Убербах | АРД
18 јануари 2023

По корупцискиот скандал околу поранешната потпретседателка на ЕП, Ева Каили, европратениците избираат нејзин наследник. Во меѓувреме, продолжува дебатата околу контролата на лобистите.

https://p.dw.com/p/4MLhC
Европскиот парламент денеска треба да избере наследник на Ева Каили
Европскиот парламент денеска треба да избере наследник на Ева КаилиФотографија: DW/B. Riegert

Европскиот парламент извлекува консеквенции од корупцискиот скандал познат како „Катаргејт“. Најверојатно денеска напладне (18.01), за наследник на поранешната потпретседателка на ЕП, Ева Каили, ќе биде избран луксембуршкиот социјалдемократ Марк Ангел. Каили важи за една од клучните фигури во аферата и е во притвор од крајот на минатата година.

Освен тоа, продолжува дебатата за можните и неопходни антикорупциски реформи. Зашто, гневот поради наводните обиди за поткуп од странство е сè уште огромен во Европскиот парламент. „Незаконското и неприфатливо однесување на поединци уништи многу доверба и на тој начин им наштети на сите“, вели словачкиот демохристијанин Владимир Белчик. Тој во исто време е убеден дека „Европскиот парламент може да се справи со проблемите што ги имаат предизвикано неколку гнили јаболка.“

И други членови на парламентот на аферата гледаат како на можност да се донесат построги правила за лобирање и поголема транспарентност. На пример, холандската социјалдемократка Лара Волтерс: „Во овие темни облаци на хоризонтот има и сребрена линија, бидејќи сега навистина можеме да направиме голем чекор кон отворен и доверлив парламент“.

Ева Каили важи за една од клучните фигури во аферата
Ева Каили важи за една од клучните фигури во аферата Фотографија: Eric Vidal/AFP

Многу идеи за реформи

Во меѓувреме има доволно идеи. На пример, дека парламентарците треба да ги обелоденат средбите со трети страни. Или дека претставниците од земјите надвор од ЕУ мора да се регистрираат ако сакаат да контактираат со пратениците. На крајот на краиштата, како што гласи образложението, и земјите се „лобисти“ кои имаат свои интереси.

Зелените бараат и истрага на скандалот од страна на посебна комисија, која треба да даде и предлози за реформи. „Бидејќи ја сакаме оваа куќа и сакаме да ја заштитиме, мораме да направиме сè што можеме, и тоа сега“, рече шефицата на пратеничката група на Зелените во ЕП, Тери Рајнтке.

Сепак, не сите европратеници сметаат дека се неопходни далекусежни реформи. Европратеничката од ЦСУ, Ангелика Ниблер, вели дека не познава ниту еден парламент што е транспарентен како европскиот. Затоа нема толку многу потреба од нови правила. И нови правила немаше да го спречат сегашниот скандал, смета таа.

Според шефот на пратеничката група ЦДУ/ЦСУ, Даниел Каспари, на слободно избраните пратеници им е потребна слобода. На пример, можност да водат доверливи разговори. Доколку парламентарците треба да ги обелоденат сите состаноци, нема веќе да добиваат одредени информации, уверен е тој.

Дел од европратениците бара построги правила за лобирање
Дел од европратениците бара построги правила за лобирањеФотографија: Fotolia

Се бара независна контрола

Експертот на Зелените за прашања од сферата на борба против корупцијата, Даниел Фројнд, на работите гледа поинаку: „За сеопфатни реформи разговаравме во декември - и сега првите почнуваат да велат: 'Ох, сепак нема да го правиме тоа сега, тоа оди предалеку.' Но, ни треба обелоденување на имотот, ни треба обелоденување на сите состаноци со лобисти, конечно ни треба ефикасна заштита на свиркачите и, пред сè, ни треба независна контрола на правилата“.

Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон сака наскоро да предложи европски закон за борба против корупцијата, со униформни казни ширум ЕУ и заедничка дефиниција за она што се подразбира под корупција. И таа е убедена дека Европската унија може да ги реши актуелните проблеми. ЕУ се справи со Ковид, таа е во процес на справување со војната и, се разбира, може да се справи и со корупцијата и „да ја искорени каде и да ја има“, вели Јохансон.