1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европскиот суд пресуди во полза на мајката на Пригожин

ЕМФ | агенции
8 март 2023

Виолета Пригожина, мајка на Евгениј Пригожин, кој е шеф на платениците на Вагнер, поднесе тужба против ЕУ-санкциите и пресудата е во нејзина полза.

https://p.dw.com/p/4OOzP
Евгениј Пригожин, шеф на платениците на Вагнер
Евгениј Пригожин, шеф на платениците на ВагнерФотографија: Konkord Company Press Service/ITAR-TASS/IMAGO

Санкциите против Виолета Пригожина, мајка на шефот на платеничките трупи Вагнер, Евгениј Пригожин, се укинати поради тоа што не можело да се докаже оти таа преку семејните врски била директно вмешана во нападот на Украина, соопшти Европскиот суд.

ЕУ воведе санкции против Пригожина во февруари 2022 година, со образложение дека таа „поддржува дејства и политички стратегии кои ги поткопуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина“. Против ваквата одлука Пригожина поднесе тужба во април 2022 година.

Сега Европскиот суд во Луксембург соопшти дека роднински однос не е доволен за да оправда казнени мерки. Виолета Пригожина во времето на носење на санкциите против неа очигледно не била сопственичка на компании кои имаат врски со нејзиниот син, како што се тврдеше од ЕУ.

Адвокатот на Пригожина, меѓу другото, аргументираше дека ЕУ не ја испочитувала обврската за образложение на одлуката за санкции и со тоа направила фактичка грешка. Пригожина демантира дека е сопственичка на две компании основани од страна на нејзиниот син. Освен тоа, таа аргументира дека од врските со нејзиниот син не може да се извлече заклучок дека на каков било начин влијаела на територијалниот интегритет на Украина. Според Виолета Пригожина, целта на санкциите всушност е индиректно да се погоди нејзиниот син Евгениј.

Евгениј Пригожин од страна на ЕУ се опишува како „познат руски бизнисмен со тесни врски со претседателот Путин и руското Министерство за одбрана“ и се обвинува за испраќање платеници од групата Вагнер во Украина.

Европскиот совет може да се жали на одлуката на Европскиот суд во врска со мајката на Пригожин. Се очекува земјите членки на ЕУ брзо да донесат нов заклучок за санкции кој ќе биде подобро образложен.