ФАЦ: Српската „совршена стапица“ за Косово
29 април 2024Парламентарното собрание на Советот на Европа во средината на април со убедливо мнозинство гласаше за прием на Косово во членство. Но, последниот збор сепак го имаат министрите за надворешни работи на земјите членки, потсетува „Франкфуртер алгемајне цајтунг."
Редовниот годишен состанок на министрите се одржува во средината на мај.
„Се чини дека поддршката за Косовците таму е убедлива како и во Парламентарното собрание“, пишува франкфуртскиот весник.
„Од повеќе европски метрополи се слуша дека Косово пред да гласа за прием, прво мора да дозволи формирање на заедница на српски општини и енклави, со цел да се обезбедат правата на српското малцинство“, наведува ФАЦ.
„Како што се слуша, таа аргументација исто така ја делат и во Берлин, меѓу другото во канцеларскиот кабинет“, се додава.
Според мислењето на авторот на текстот, новинарот Михаел Мартенс, на Србија како да и` е дадено „право на вето“ иако тоа не постои во Советот на Европа.
Во текстот се наведува дека Заедницата на српските општини била предвидена во договорот меѓу Белград и Приштина од 2013 година, но дека „ништо“ не се случило долго време.
Според Мартенс, „српската страна дури во 2023 година конечно го претставила нацрт-статутот “, кој, сепак, не ги исполнувал критериумите на Советот на Европа. Од октомври минатата година, се вели, на маса е „неформален нацрт“ кој доаѓа од Брисел и групата Квинте.
Дипломатите сега, пишува ФАЦ, бараат косовскиот премиер Албин Курти да го проследи тој нацрт до Уставниот суд на Косово на проверка за да го изгласаат приемот на Косово во Советот на Европа.
Во текстот се додава дека Курти при минатонеделната посета на Германија се обидел да објасни дека Уставниот суд не може да се занимава со неформален документ.
„Зачудувачки е што досега не е официјално определен ниту еден избран претставник на српската заедница во Косово според планот за Заедницата на општини предложен од западните земји. Во четирите општини на северот на Косово, каде Србите го сочинуваат мнозинството од населението, во моментов нема избрани српски градоначалници“, пишува весникот.
Имено, Србите ги бојкотираа и изборите и референдумот за смена на градоначалниците Албанци, што можеше да биде увертира за предвремени избори.
Како што пишува Мартенс, ова се обидел да го нагласи и Курти во Берлин – дека само општините можат да се поврзат во Заедницата на општини и дека тоа не треба да им се октроира од Приштина.
Според толкувањето на новинарот, не е чудно што нема поттик од српска страна за што поскоро формирање на Заедницата. „Бидејќи, од гледна точка на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ги контролира и диригира политичарите од косовските Срби, овој конфликт е совршена замка за Косово."
Мартенс објаснува како изгледа оваа „стапица“: „Белград им забранува на српските политичари од неговата поранешна покраина да прифатат изгледни иницијативи за формирање Заедница на општини или да поддржат идеи кои се во согласност со стандардите на Советот на Европа, но во исто време гласно се жали дека нема Заедница“.
„Така во Белград одгледаа златна кокошка на српската дипломатија за да ја спречат западната интеграција на Косово“, пишува ФАЦ. „Со левата рака се поставуваат услови за Косово, а со десната се гарантира дека овие услови никогаш не можат да се исполнат."
Се додава дека Курти во Берлин разговарал со германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, но ништо не се знае за содржината на разговорот. Курти се сретна и со други политичари.
ФАЦ како „мотор“ на приемот на Косово во Советот на Европа го претставува социјалдемократот Франк Швабе, лидер на делегацијата на социјалдемократите и зелените во Советот на Европа.
Според извештаите, Швабе силно се залага за тоа министрите на земјите-членки да не го торпедираат она за што гласале парламентарците на Советот на Европа. Како еден од можните излези се споменува западниот нацрт на статутот на Заедницата на српските општини наместо до Уставниот суд на Косово да биде испратен до „извонредните уставни правници“ на Советот на Европа,
„Тоа би можело да биде излез од српската замка, велат социјалдемократските политичари во Берлин“, заклучува Мартенс во написот за ФАЦ.