Можеби е веќе депласирано да се анализира начинот на кој новата претседателка го започна својот мандат. Нема што понатаму да се зборува - нејзината позиција е јасна, јасно е како планира да се однесува, и тука нема многу простор за нови заклучоци. Сепак, сметам дека е важно, во оваа бура од реакции и бројни контроверзи, да се осврнеме на вистинските аргументи и позиции кои произлегуваат од, најблаго речено, гафот на новата шефица на државата. И, да се разбереме, поентата на сите реакции, особено оваа, не е да натриеме сол на рана, или да поентираме од грешките. Поентата е да избегнеме истите да се повторат.
Приказни за мали деца
Најнапред, за основните правни аргументи. Апсолутно е неточно дека Сиљановска-Давкова, во својство на избран Претседател, има право, во било која интерпретација, да ја избегнува употребата на уставното име на државата – Република Северна Македонија. Напротив, Преспанскиот договор, а Уставот особено, ги обврзуваат сите избрани и именувани лица, но и сите вработени во државниот апарат и јавната администрација, де факто сите буџетски корисници, на употреба на уставното име на државата, ерга омнес, значи во сите прилики. Приказните за колоквијална, граѓанска слободна употреба на терминот „Македонија“ за името на државата, па небулозите од типот дека изборниот законик не бил сменет, и други паралегални перипетии и фантазии, се токму тоа – приказни за мали деца. Кога сме го смениле Уставот, ние не можеме одеднаш да ги препишеме сите закони во употреба, а кои го користат старото име. Токму затоа, во Уставот се номинира новото име, за сите употреби, и тоа автоматски, правно, ги менува сите досегашни референци во домашниот правен промет.
Значи, без оглед дали конкретниот закон е физички сменет или не, уставното име важи. Потоа, што се однесува за „граѓанската" употреба на името, претседателката не е по дома да пржи ајвар, туку положува заклетва пред Собранието. Не постои поофицијална прилика од тоа – така што тука нема простор за некакво толкување дека таа имала право „на личен став“, или некаква колоквијално-креативна употреба. Ниту функцијата, ниту приликата, дозволуваат таква интерпретација. На крајот, Преспанскиот договор, а особено нашиот Устав, не се полица во супермаркет, па секој функционер, спонтано да одлучува: „ова ми се допаѓа, ќе го почитувам, а ова не, ќе го игнорирам". И едниот и другиот документ се целосен пакет, од кој двете страни не се целосно задоволни, но неговото почитување е знак на возрасен и објективен однос кон еден, секако, болен компромис.
Политика не се води со финти
Значи, недвосмислено, избраната претседателка, при читањето на својата заклетва пред пратениците, го прекрши и Преспанскиот договор, и Уставот, и тука не треба да имаме понатамошни дилеми. Дополнително, да сме на јасно: мотивите за таквиот однос на ниту еден начин не се правни, туку исклучиво политички, поттикнати од занесот на предизборната реторика, автентичните болки од самиот договор, зачинети со дарежлива доза популизам, а без доволна доза одговорност кон последиците. Во основа, единственото нешто кое е автентично во оваа позиција, е можеби емотивната болка, која, верувам, искрено ја чувствуваат противниците на Преспанскиот договор. Оттаму и онаа небулоза – премногу претходно сме го користеле името Северна Македонија, сега малку само Македонија. Демек, премногу сме го почитувале Преспанскиот договор претходно, и со тоа, претходната влада направила некаква штета, која ја донела јавноста во емотивен дебаланс, кој сега, претпоставувам, ќе го поправиме, ако малку го игнорираме договорот.
Политика, особено меѓународна, во вака чувствителен период, не се води со финти, ниту со нечист наратив. Претседателката, и било кој наш сограѓанин, колку и јас да мислам различно, апсолутно има право да смета дека цената на Преспанскиот договор е повисока од придобивките – тоа право е загарантирано во демократијата. Но, ако е тоа така, тогаш, повелете, таа теза јавно застапувајте ја, со сите нејзини аспекти и последици. Тоа значи: раскинување на Преспанскиот договор, излегување од НАТО, и „името да го вратиме“. Ако е тоа позицијата, тоа треба да биде јасно кажано, а претседателката да работи на оформување двотретинско мнозинство за таа политика да се спроведе, за што, впрочем, е на добар пат. Ама не ја потценувајте нашата интелигенција, и онаа на меѓународната заедница, со ваков пасивно-агресивен тантрум во манир на инаетлив адолесцент – „ќе потпишам, ама не изговарам", „ќе почитувам, ама само кајшто мора", читај „само ако ме фатите“. Тоа не е сериозна политика. Со други зборови, или почитувајте ја спогодбата и молчете, или раскинете ја, па зборувајте. Вака, ние сме дупло голо: ниту придобивките ги користиме, ниту името сме го вратиле.
Поразителен резилтат за сите вклучени
На крајот, резултатот од ваквиот потег, мислам дека ќе се покаже поразителен, за сите вклучени: за Претседателката Сиљановска-Давкова, за државата, но и за нејзината партија.
Најнапред, за неа лично, претставува пораз што, веќе во првите 24 часа, доби лавина негативни реакции на нејзиното политичко поведение, кое серизоно ќе го искомплицира првиот период од нејзиниот мандат како шеф на државата. Само еден пример – извршната наредба 14033, Секција 1(а), дел iii, на Претседателот на Соединетите Американски Држави, јасно вели дека секој оној, кој на било кој начин, директно или индиректно, ќе се противи или ќе го попречува Преспанскиот Договор и неговата имплементација, е по службена должност, кандидат за т.н. „црна листа“ на непожелни лица. Сигурен сум дека никој не сака неговото име да биде споменато во таков контекст. За државата, исто така ќе имаме последици: ваквиот однос дополнително ќе ги наелектризира и Грција и Бугарија, кои ќе се постават „во гард“, поради својата домашна јавност, но можно е нашите сојузници да се тенчат, па на крајот да завршиме наместо со ниедно, со две „вета“. Конечно, таа и направи штета и на сопствената партија, потсетувајќи ги гласачите, особено разочараните поранешни гласачи на СДСМ, зошто претходно гласале за нив. Продолжувајќи со истата реторика со која заврши Груевски во 2016, мислам дека таа и наштети на својата партија, а на политичките противници им даде неочекуван подарок.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.