Новоизбраниот лидер на СДСМ, Венко Филипче е загрижен дека потезите на премиерот Христијан Мицкоски ја водат земјата кон политичко заложништво во однос на Унгарија и вели дека стравува дека Мицкоски сака да го имплементира системот на Виктор Орбан во Македонија.
Мицкоски во четвртокот соопшти дека со унгарскиот премиер Виктор Орбан договорил државен заем од 500 милиони евра со камата од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата.
Филипче за ДВ вели дека е загрижен поради ваквиот чекор на премиерот.
„Јас сум навистина загрижен дека станува збор за една форма на политичко заложништво кон Унгарија и директно од Виктор Орбан. Очигледно е дека тој сака да стане патрон на Христијан Мицкоски. Да потсетам дека неговата партија е исфрлена од европското семејство ЕПП и сега таа партија од Унгарија соработува со партиите на радикалната десница. Стравувам дека под диктат на Виктор Орбан такви политики Христијан Мицкоски ќе почне да имплементира тука кај нас“, вели Филипче.