1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Француски диплoмат ќе го толкува францускиот предлог

14 јули 2023

Франција на некој начин треба да биде толкувач на одредбите што ги има во Преговарачката рамка, вели министерот Бујар Османи, пред доаѓањето на нова дипломатска тројка во Скопје.

https://p.dw.com/p/4TsVn
По шефовите на дипломатиите на Австрија, Словачка и Чешка, (на фотографијата со македонскиот колега на 13 јули, 2023) во Скопје со иста порака ќе допатува нова европска министерска тројка
По шефовите на дипломатиите на Австрија, Словачка и Чешка, (на фотографијата со македонскиот колега на 13 јули, 2023) во Скопје со иста порака ќе допатува нова европска министерска тројкаФотографија: Petr Stojanovski

По шефовите на дипломатиите од Австрија, Чешка и Словачка, нова министерска тројка овојпат од Франција, Германија и Полска ќе дојде во Северна Македонија за да ја образложи важноста од уставните измени за продолжување на европскиот пат на Северна Македонија. Според шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, најважно е присуството на францускиот дипломат, кој јасно би ги протолкувал сите одредби од Преговарачката рамка, за кои постојат дилеми, односно стравувања дека ќе бидат предмет на нови условувања од бугарска страна.

„Францускиот дипломат е најважно да дојде. Франција треба да биде на некој начин толкувач на овие одредби што ги има. Јас очекувам, и тоа сум им го кажал на Французите, ако утре било што од ова што го кажувам - дека протоколите не се дел од одредниците, дека тие не може да бидат пречка, јас ќе ја повикам Франција да биде толкувач на тоа, затоа што со нив е направен овој договор", изјави министерот Османи на ТВ 24. 

Дебатата ќе донесе поддршка

Османи очекува да се обезбеди двотретинска поддршка за уставните амандмани откако ќе почне дебатата за нив, кога и јавноста и пратениците ќе се уверат дека нема ништо спорно ако Хрватите, Црногорците, Бугарите и други етнички заедници се додадат на веќе постојните, бидејќи сите зедно го рефлектираат мултиетничкиот карактер на државата. 

„Јас мислам дека дебатата ќе ја расчисти оваа дилема. Дозволете да почне дебатата. Дозволете да бидат однесени амандманите во парламентот, и пратениците да ги добијат црно на бело, на хартија. И ќе видите во каква насока ќе се одвива дебатата. Очекувам и опозицијата да ги поддржи уставните амандмани. Доколку не ги поддржи опозицијата, ќе работиме индивидуално со секој пратеник“, најави шефот на дипломатијата. 

Повторно во Скопје по само неколку месеци: Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ќе биде дел од новата европска министерска тројка која ќе го посети македонскиот главен град за да укаже на важноста на уставните измени. (на фотографијата со македонскиот колега Бујар Османи на 23 март, 2023 во Скопје)
Повторно во Скопје по само неколку месеци: Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ќе биде дел од новата европска министерска тројка која ќе го посети македонскиот главен град за да укаже на важноста на уставните измени. (на фотографијата со македонскиот колега Бујар Османи на 23 март, 2023 во Скопје)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

На прашањето дали ќе има валкани договори, како што се случи при гласањето на уставните амандмани кои произлегоа како обврска од Преспанскиот договор, Османи изјави дека „нема да има валкани договори“.

Но, доколку процесот не успее, според министерот, од учебници ќе се учи кој е „заслужен" за изолирање на државата.

„Ако не успее, сликата во Собранието, од мониторот со зелените и црвените копчиња, веројатно ќе ја учиме од книгите - кој ја изолираше државата“, порача министерот за надворешни работи.

Тој посочи дека нема друг пат освен европскиот и дека сите дебати треба да бидат разумни.

„Ако ни пречат овие правила на игра на ЕУ, ако ни пречи консензусот, дајте алтернатива - како без ЕУ. Ама не нѐ малтретирајте. Демагогија е кога ВМРО-ДПМНЕ вели ‘не ги гласаме уставните измени, ние сме проевропска партија'. Не сте проевропска партија“, рече Османи.

Ахмети: Земјата има прогресивни сили

Диференцирање по линија на проевропски фронт, е видливо и во соопштението од ДУИ по вчерашната средба на партискиот лидер Али Ахмети со министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка. На средбата се разговарало за неопходноста од одобрување на уставните измени, текот на скрининг-процесот, предизвиците за реформирање на земјата во европски дух и за важноста од одржување на локалната и регионалната стабилност.

Како што се наведува во соопштението, Ахмети ги информирал дипломатите за посветеноста и планот на владината коалиција да го отвори безбедниот пат кон хоризонтот на Европа, за иницијативата за создавање на силен европски фронт кој ќе го води успешно виталниот процес на одобрување на уставните измени, кои не треба да се сфаќаат само како услов за деблокирање на европскиот пат, туку и како механизам за зајакнување на демократските капацитети на земјата.

Лидерот на ДУИ, Ахмети ги информирал министрите на Австрија, Словачка и Чешка за иницијативата за создавање на силен европски фронт
Лидерот на ДУИ, Ахмети ги информирал министрите на Австрија, Словачка и Чешка за иницијативата за создавање на силен европски фронтФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ахмети истакна дека земјата има прогресивни сили кои се грижат за одржување на проевропската ориентација на земјата, посветени на финализирање на скрининг процесот, за таргетирање на клучните точки на реформско дејствување во европски дух и ставање на располагање на сите институционални капацитети за успешно надминување на предизвиците кои произлегуваат од отворањето на преговарачките поглавја“, се наведува во соопштението од ДУИ.

Во него се истакнува дека локалната, регионалната и континенталната европска стабилност е примарен приоритет што може да се гарантира само преку европската интеграција на земјите од Западен Балкан.

„Овој пат не треба да биде загрозен, и европската иднина на граѓаните да не биде заложник на тесни субјективни интереси", било порачано од средбата на Ахмети со министерската тројка.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи