Доколку ги истресеме низ сито на проверката и минеме низ решето на логиката, огромното и доминантно мнозинство на информации, вести и настани во ова предизборие се помалку поврзани со реалните собитија и многу повеќе со ПР стратегиите на партиските актери и машинерии. Сведочиме на нов вид на предизборна кампања која е речиси целосно фокусирана врз специjални психолошки операции за јакнење на самоувереноста и подривање на довербата по модели и примери користени во (пред)воени операции. Доколку е веста поволна, се користи за мобилизација на база на моќ и агресија. Доколку веста е неповолна, се користи за мобилизација на база на страв и одбрана. Во оваа тековна борба на психолошки манипулации со општеството не се бираат средства, но не се надминуваат ни постулатите врз кои се изградени таквите спинови.
Клучната допирна точка врз која се потпираат двата пристапа во психолошката манипулација со масата е улогата на потсвеста во креирањето на мислењето и диктирањето на поведението. Разликата е во односот кон улогата на потсвеста во дизајнирањето на индивидуалното и колективното. По таа линија на размислување и основоположниците на современите науки на психологијата Карл Јунг и Зигмунд Фројд, на сцена имаме две школи на манипулација со потсвесното, кои би ги нарекле СДСМ-овска школа на Јунг и ВМРО-вска школа на Фројд.
Пристапот на Јунг во дизјанирањето на ВМРО-вскиот пристап е видлив преку наслонувањето и фаворизирањето на колективната свест според параметрите на Јунг, во случајот со манипулацијата во градење на националното македонско чувство на загроза, опкружување и одбрана. Од другата страна, СДСМ-овскиот концепт на Фројд се наслонува врз индивидуализмот, врз личните интереси, индивидуалниот развој на единката. Пристапот на Јунг и ВМРО црпи од наследените колективни трауми, конзервативната репресија и „стравот од летање”, т.е. од новото кое е надвор од опсегот на разбирањето или адаптирањето и водено од максимата „среќата на колективот го гаранитира успехот на поединецот”. Пристапот на СДСМ пак се диктира од искуството на искусениот идеолошки глобализам, фокусот врз социјалната компонента и убеденоста дека „среќата на поединецот е предуслов за успех на колективот”.
„Цело е кога има сѐ“
Предизвикот или проблемот на овде две виенски школи на психологијата на крајбрежјето на Вардар е не само горкото искуство со минатите апликации применети од СДСМ и ВМРО (со длабоки трауматични последици), туку пред се поради појавата на третата, современа и доминантна школа на психолохијата. Наречена Гешталт психологија, која за разлика од посебните индивидуалистички наспроти колективистички пристапи, се базира на сеопфатно вклучување на сите компоненти во креирањето на заокружената перцепција која не исклучува, туку вклучува. Во теоријата пристапот на Гешталт се дефинира како „сумата е поголема од целината на сите нејзини делови”, додека пак во нашиот жаргон е најблиску дефинирана како „цело е кога има сѐ”. Затоа, Гешталт е на извесен начин психологија на филозофијата на меѓународната заедница во пристапот кон Македонија во кој не е јакнење на општествената психолошка база дека оваа цела Македонија не може да биде поголема од сумата врз која припаѓа денес (НАТО) или пак треба да се приклучи утре (ЕУ).
Доколку би се повеле според медиумската „јавност”, впечатокот е дека Фројд и Јунг доминираат во политичката свест на општеството. Но доколку ги игнорираме „јавностите” и ги согледаме поведенијата, слободно може да се утврди дека Гешталт психологијата веќе има длабоко продрено во потствеста на политичките раководства. Оттаму, неодамнешните чистки во СДСМ се несомнено модел врз кој Гешталт психологијата ја истиснува манипулативната фројдштина на егоистичен индивидуализам. Сличното се случуваше и во пристапот кон ДУИ во отстранување на излитената Јунгова командантура, но со ужасно болен превид на нивна замена со Фројдовски егоцентрици и нарцисоиди. На крај, доколку ги следиме именувањата од ВМРО на министерските позиции во техничката Влада, исто така ќе утврдиме дека Гешталт полека ги има истиснато Фројдијанците на Груевски и Јунговистите на Мијалков.
На внатрешен план, борбата помеѓу Фројд и Јунг (отсликана преку СДСМ, ВМРО, ДУИ) се одвива во аспект на освојување на целината, но од аспект на Гешталт гледиштето сите три партии се блиски, речиси сплотени во дистанцирањето од сумата во која тие не се чувствуваат комотно, слободно и неказниво. Нивното славопоење на ЕУ е рефрен позајмен од "друже Тито, shoku Enver” со иста интонација на лажлива патетика, но нивните ученици практично и имиграционо масовно се приклонуваат кон Гешталт реалностите во кои своеволно и ентузијастички се претопуваат во вредни единки на сумата.
Како што е веќе наведено, сите три партии се далеку од адаптирањето кон Гешталт. Но доколку мораме да укажема која од нив има предност, колку и да е во милиметри, тоа би требало да биде СДСМ. Не по нивна волја, туку по реал-политички наметната и со цмиздрење прифатена нужда. И токму последната смена на премиери е индикација на таа мала, но значајна промена. Имено, скраја медиумската психолошка борба помеѓу Јунг и Фројд, битниот настан во неделата не беше доаѓањето на вториот по ред албански технички премиер Талат Џафери туку заминувањето на Таќе Ковачевски со кое занавек се прекина традицијата на скопската тапкарошка олигархија да во содејствие со еден џандарски банкар, еден банкарски синдикалец и еден џандарско-банкарски бард(овец) со едно тап-тап сменат и со друго тап-тап инсталираат премиери. Врескањето со кудење и славење на Талат беа координирани обиди да преку удирање врз самарот не се сознае вистината дека некое мазгино копито болно ги има удрено по сред чело и олигарсите и банкарите и бардовштината. Што значи тоа? Значи дека навистина стануваме реална членка на сумата, т.е. НАТО.
Но што има тоа врска со СДСМ? Навидум ништо, потсвесно многу. Имено, заминувањето на двоецот Заев-Шеќеринска на извесен начин ја ослободи таа партија од теговите на своевидните гладио-структури на старите системи во безбедноста и економијата и ја принуди да истите ги предадат во надлежност на стопанството и безбедноста, т.е. НАТО. Во минатиот период, СДСМ се одвои од државата, оставајќи празнина која ДУИ миопично и ненаситно се залета да ја покрие и притоа нанесе штета на партнерите и се докажа како некадарна да ја разбере поголемата, сума слика на нештата. Од друга страна, уште помиопичната и по ненаситна ВМРО-ДПМНЕ умисли дека тоа е шансата за да ривалот се покаже како „слаб кон Албанците” и не успеа да ја разбере играта во која СДСМ се ребрендираше како „силна со партнерите" од сума-Гешталт клубот. Вистина, на чекор пред влезот во техничката влада некој шепнал во Белата Палата за што станува збор, принудувајќи ги Мицкоски да ги отфрли Ковачки, Јанушев, Чулев и се определи за „нови, свежи, современи ликови” кои по се судејќи ќе ја имаат судбината на македонски Груби, Османи, Бектеши, Бесими.
Мисловна именка
Ребрендирањето и реформирањето на СДСМ во сума-Гешталт субјект е се уште на самиот почеток, неизвесно дали ќе биде заокружен, но сепак получекор пред ДУИ и чекор пред ВМРО. Особено во смисла на градење урамниловка помеѓу авторитетот на лидерот и демократијата на раководството. Што е се уште мисловна именка во партиите на Мицкоски и Ахмети. Кои колку и да е самодефинираат и редефинираат како спротиставени колективистички лидери, токму поради само-наметнатиот им таков имиџ се сметаат како неспоиви, некомпатибилни и спротивни на филозофијата на сума-Гешталт психологијата. Поради што, за разлика од раните пост-воени години кога капитализираа од логиката „оние кои војуваат знаат да прават мир”, во очите на сегашната меѓународна заедница доминира заклучокот дека комбинацијата ВМРО-ДУИ е заедно деструктивна на власт и уште подеструктивна во опозиција. Затоа, спротивно на домашниот дискурс, темата на дебатата не е изводливоста на комбинацијата ВМРО-ДУИ како дует, туку нивната вродена карактеристика на деструктивност како субјекти. Нешто како Бони и Клајд, фини деца кои се кротки кога се оделно, но прераснуваат во машинерија на деструктивност и лудило штом легнат во ист кревет.
Дали албанската опозиција може да се приклони, адаптира и да ја прифати психологијата на сума-Гешталт филозофијата? Гледано во целина, тешко, речиси невозможно. Но доколку се согледа улогата на Изет Меџити како своевиден smooth operator во градење мостови, коалиции, соработки уште од 2014 наваму (помеѓу СДСМ и ДУИ), па заклучно со градењето на сегашната коалиција со Беса, Алтернатива, Таравари и Курти, тој секако се наметнува како политички созреан реалист кој може да биде со голема употребна вредност како нов пост-Ахмети коалициски архитект. Особено во однос на зајакнувањето на соработката помеѓу сега владеачката сума-Гешталт филозофија на двоецот Османи-Курти и овдешната СДСМ.
Наместо заклучок, би повторил дека е неверојатно да се очекува да било Фројд или Јунг добијат честитки на изборниот ден, па кој и да од нив победи. Бидејќи, гледано од сума-Гешталт перспектива, пред нас настапува изборна епизода од изборен циклус со многу турбуленции, пресверти, драмолетки, оперети, патрдии и пародии на крај на кои едно е извесно: Гешталт победува, а ВМРО и ДУИ ќе завршат во опозиција. За целосен ремонт или продавање на парче.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.