1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Газпром повторно ги прекинува испораките на гас за Германија

СН/агенции
20 август 2022

Рускиот енергетски концерн за крајот на август најави тридневен прекин на испораките на гас за Германија преку гасоводот Северен тек 1. Причината за прекинот на испораките е сервисирањето на гасоводот.

https://p.dw.com/p/4FoVX
Нов прекин на снабдувањето на Германија со руски га
Нов прекин на снабдувањето на Германија со руски гасФотографија: Kirill Kudryavtsev/AFP/Getty Images

Руската државна компанија Газпром соопшти дека на крајот на август три дена ќе ја запре испораката на гас низ гасоводот Северен тек 1 која води низ Балтичкото море. Газпром синоќа соопшти оти гасот, поради работи на одржувањето на гасоводот, во Германија нема да пристигнува од 31 август до 2 септември.

Во тек на овие три дена би требало да биде испитана и ремонтирана единствената турбина од компресорската станица Портоваја која е во функција. Оваа работа Русите би требало да ја направат во соработка со стручњаците од Сименс Енерџи, чија управа не ја коментираше најавата на Газпром.

Дали прекинот ќе биде краткотраен како што најавува Газпром?
Дали прекинот ќе биде краткотраен како што најавува Газпром?Фотографија: Barbara Gindl/APA/AFP/Getty Images

Враќање на моменталното ниво на испорака по сервисирањето

Како што е соопштено од Газпром, по најавените тридневни работи на одржувањето, 33 милиони метри природен гас секојдневно ќе се испорачуваат преку Северен тек 1 - ако нема технички проблеми. Тоа одговара на 20 отсто од максималната дневна испорака, на која Русија пред неколку недели го намали дотокот, укажувајќи на неопходни поправки на системот на гасоводот.

Германското Министерство за економија и заштита на климата соопшти дека примило извештај за сервисирањето на гасоводот. „Ја следиме ситуацијата во блиска соработка со Сојузната агенција за мрежи. Протокот на гас преку Северен тек 1 во моментов е непроменет и изнесува 20 отсто“, се наведува во соопштението. Претседателот на Сојузната агензија за мрежи, Клаус Милер, даде слична изјава на Твитер.