1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија 2023: Повеќе десен екстремизам

21 септември 2023

Какви ставови има просечниот припадник на германското општество? Одговорите на овие прашања во долгорочна студија редовно ги бара фондацијата „Фридрих Еберт“. Актуелниот наод е алармантен.

https://p.dw.com/p/4WdYV
Фотографија од обидот за упад во зградата на Рајхстагот за време на пандемијата на корона во август 2020 година
Фотографија од обидот за упад во зградата на Рајхстагот за време на пандемијата на корона во август 2020 година како симбол на демократијата во ризикФотографија: JeanMW/imago images

Секое 12-то лице во Германија има десноекстремен поглед на светот. Тоа е резултатот до кој дојде тимот од Универзитетот Билефелд во истражувањето нарачано од фондацијата „Фридрих Еберт“ која политички е блиска до Социјалдемократската партија на Германија, СПД.

За репрезентативната студија која од 2002 година се прави на секои две години, во јануари и февруари 2023 година беа анкетирани околу 2 илјади лица на возраст од 18 до 90 години. Од нив, според студијата, осум проценти имаат јасна десноекстремна ориентација. Во претходните истражувања тој процент беше помеѓу 2% и 3%.

Сѐ повеќе луѓе сакаат диктатура

Актуелно меѓу пет и седум проценти од испитаниците на сите возрасти се за диктатура со една единствена силна партија и лидер на чело на Германија, што е двојно повеќе отколку просекот од изминатите години. Франциска Шретер, која го води проектот против десен екстремизам во рамки на фондацијата „Фридрих Еберт“, растечките симпатии за авторитарни ставови во предговорот на студијата си ги објаснува со бројните кризи од поновото минато и денес.

„Последиците од корона-пандемијата не се надминати, климатската криза е во полн ек и од февруари 2022 година руската инвазија на Украина носи нова несигурност и стравови во однос на енергетската безбедност или порастот на цените. Таквите бројни кризи може да се обработат заеднички и солидарно, или со изолација“, вели Шретер.

Десниот екстремизам е прашање и на пари

Студијата е издадена под наслов „Дистанцираната средина“, од тројца научници под водство на социјален психолог Андреас Цик. Во неа се посочува дека десноекстремните ставови се дотолку повеќе распространети колку што помалку заработуваат дотичните лица.

„Кризите од страна на сѐ повеќе луѓе се перципираат како национални кризи. А, таквите кризи потешко ги погодуваат луѓето кои имаат помалку капитал на располагање. Меѓу испитаниците кои имаат помали примања, секој втор (48 проценти) се чувствува лично погоден од кризите наспроти 27,5 проценти од лицата со средни примања и само 14,5 проценти од лицата со високи примања“, вели Цик.

Паѓа довербата во државата

Со тоа во пакет очигледно оди и намалена доверба во државните институции и во функционирањето на демократијата, иако и натаму значително мнозинство стои зад таквата форма на државно уредување. Но, 38 проценти од испитаниците застапуваат позиции на теории на заговор, 33 проценти популистички, а 29 проценти имаат националистичко-авторитарно-бунтовни ставови.

Во споредба со анкетата за време на пандемијата во 2020/21 година, во просек тоа е пораст за една третина. И скепсата во однос на класичните медиуми, или нивно одбивање, е зголемена – 32 проценти сега веќе веруваат дека медиумите шуруваат со политиката, наспроти 24 проценти пред две години.

Дали демократијата е загрозена?

Како може да се стопира таквиот развој и да се сврти во обратната насока, е прашање со кое се занимаваат многу луѓе, меѓу кои и Цик. Тој смета дека живееме во време во кое апели или подобра политика за благосостојба се само делумно погодни за смирување на конфликтите, незадоволството и протестите.

„Во кризни времиња луѓето политички се поместуваат и заземаат нови позиции. Тоа позиционирање може да оди од средината кон десно“, смета издавачот на студијата. Неговата грижа гласи: „Кога луѓе од средината на општеството, кои себеси можеби и не се перципираат како десноекстремни и не се така организирани, прифаќаат ставови од десните маргини на општеството, тогаш демократијата е во опасност“.

Корона пандемијата ги разниша нештата

Андреас Цик вели дека е многу тешко да се процени таквиот феномен и посочува на студијата за авторитарно владеење изготвена од Универзитетот Лајпциг во 2022 година, според која десноекстремните ставови во втората година од пандемијата биле намалени, но незадоволството со демократијата останало на високо ниво и многу предрасуди и натаму биле застапени во голем обем.

Германија неонацисти
Сѐ повеќе екстремисти има и меѓу младитеФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

„Денес се знае во колкав голем број десноекстремни лица се обидувале да се организираат заедно со други деснорадикални групи и приврзаници на теории на заговор, како и антидемократски настроени лица“, потсетува Цик на развојот во тоа време, кога многумина се приближија до милјето на Граѓаните на Рајхот и дури и формираа терористички ќелии.

Укажување на националсоцијалистичката диктатура

Шефот на Институтот од Билефелд за интердисциплинарно истражување на конфликти и насилство, студиите во овој контекст ги сфаќа како дел од германската култура за предупредување и потсетување на минатото. Притоа со експлицитно посочување на националсоцијалистичката диктатура од 1933 до 1945 година:

„Националсоцијализмот настана од средниот слој на општеството и на него се потпираше, иако идеологијата и спроведувањето на фашистичкото општество сосе пропагандата, агитацијата и државниот терор беа осмислени и реализирани од една нацистичка организација.“

Повеќе од половината за наводни германски вредности

Во актуелната студија испитаниците се прашани и како според нив општеството треба да се постави спрема многуте кризи. 53 проценти бараат враќање на националното, изолација кон надвор и како клучни за справување со кризите ги сметаат наводните германски вредности, доблести и чувство на должност.