1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундесверот ќе ја штити инфраструктурата во Балтичкото Море

ЖА /ДВ
14 јануари 2025

На конференција во Хелсинки, државите на НАТО - Германија, Данска, Естонија, Финска, Летонија, Литванија, Полска и Шведска разговараа за заштитата на критичната подводна инфраструктура во Балтичкото Море.

https://p.dw.com/p/4p8j3
Финска го конфискуваше танкерот со нафта „Игл С“
Финските власти на крајот на декември го конфискуваа танкерот со нафта „Игл С“, за кој се верува дека е дел од руската флота во сенка - и чиј екипаж е осомничен дека намерно ги оштетил каблите во Балтичкото Море (архивска слика)Фотографија: Antti Aimo-Koivisto/Lehtikuva/dpa//picture alliance

Германија планира да учествува со бродови во заштитата на инфраструктурата во Балтичкото Море. Во поглед на растечката закана од таканаречената руска флота во сенка, канцеларот  Олаф Шолц  објави дека Германија е подготвена да преземе одговорност „во рамките на сопствените можности“. „Се разбира, тоа значи дека ние исто така ќе обезбедуваме сигурност во Балтичкото Море со германски бродови“, изјави Шолц на самитот за  критичната инфраструктура во Балтичкото Море,  кој се одржува во финскиот главен град Хелсинки.

Во флотата во сенка се вклучени товарни бродови со нетранспарентна сопственичка структура. Москва на тој начин ги заобиколува западните санкции за транспортот на нафта, на пример, кои беа воведени по  руската инвазија на Украина.  Во меѓувреме, германското Министерство за надворешни работи на список наведува дури 79 такви бродови, а еколошката организација Гринпис дури 192.

Несреќа со 100.000 тони нафта на бродот

Употребата на често дотраените товарни бродови претставува еколошки ризик. Танкерот „Евентин“ со речиси 100.000 тони нафта доживеа хаварија во петокот северно од островот Риген. Бидејќи сите системи на бродот откажаа, бродот, кој исто така е дел од руската флота во сенка, според Гринпис, остана заглавен во Балтичкото Море, не можејќи да маневрира. Конечно „Евентин“ беше извлечен до брегот на Засниц.

Со самитот во Хелсинки, НАТО-земјите Германија, Данска, Естонија, Финска, Летонија, Литванија, Полска и Шведска реагираат и на неодамнешните инциденти во кои, наводно, намерно биле оштетени линии и кабли во Балтичкото Море. Ова вклучува кабли со оптички влакна во два случаи во ноември и уште еден на Божиќ. Покрај Русија, западните држави веруваат дека и Кина е одговорна за  подводна саботажа.

„Многу сериозна работа“

Во божиќниот инцидент, беше прекинат и  далноводот Естлинк 2 меѓу Финска и Естонија  - веројатно со сидро влечено по морското дно. Канцеларот Шолц оцени дека станува збор за „многу сериозна работа“. Како одговор,  НАТО сака  значително да го прошири своето присуство во Балтичкото Море. Генералниот секретар Марк Руте пред печатот го објави почетокот на операцијата „Балтик Сентри“, која што вклучува и мала флота на поморски беспилотни летала за да се обезбеди подобрен надзор и одвраќање.

Двете нови членки на НАТО  Финска и Шведска  најавија дека во мисијата ќе учествуваат со свои бродови. Според информациите на германската новинска агенција ДПА, тоа ќе опфаќа десетина бродови.  Естонија веќе има брод кој патролира во Финскиот Залив.  „Ние сме посветени на одвраќање, откривање и борба против какви било обиди за саботажа. Секој напад врз нашата инфраструктура ќе биде проследен со силен и решителен одговор“, се вели во заедничката изјава на учесниците на конференцијата.