Германија и Франција сакаат да посредуваат во Косово
1 јуни 2023Канцеларот Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон планираат заеднички разговори со косовската претседателка Вјоса Османи и српскиот претседател Александар Вучиќ, соопшти портпаролот на германската влада, Штефен Хебештрајт. Четворицата политичари би требало да се состанат денеска (01.06.2023) на маргините на состанокот на Европската политичка заедница во Молдавија.
Франција и САД за ескалацијата наситуацијата во северно Косово го обвинуваат раководството во Приштина. Макрон изјави дека „сосем јасно постои одговорност на косовските власти за моменталната ситуација“.
Американскиот амбасадор во Приштина Џефри Ховенијер претходно изјави: „Мерките кои ги презеде косовската влада (...) ја создадоа оваа атмосфера на криза во северот на Косово.“ Косово ќе биде исклучено од заедничката воена вежба Дефендер 23. „За Косово оваа вежба е завршена“, изјави амбасадорот за локалните медиуми.
Брисел во март соопшти дека владите на двете земји постигнале договор за нормализација на односите, но не го потпишале ни Белград, ниту Приштина. Макрон ја критикува Приштина за непочитување на тој договор.
Бодликава жица и знамиња
Демонстрантите во Звечан во средата рашириле српско знаме долго повеќе од 200 метри, кое се протегало од зградата на општината до центарот на градот. Знамето го носеле во чест на тениската ѕвезда Новак Ѓоковиќ, кој на Отвореното првенство на Франција во тенис пред камерите испрати порака дека „Косово е срцето на Србија“.
Според извештаи на новинари на новинската агенција АФП, војниците на КФОР формирале обрач околу општинската зграда и го затвориле просторот со метална ограда и бодликава жица. Демонстрантите закачиле српски знамиња на оградата. Пред зградата и натаму се гледаат три возила на косовската полиција.
Подоцна е прекинат уште еден протест на стотина српски демонстранти пред зградата на општината во Звечан. Како што извести државната српска телевизија РТС, денеска се очекува враќање на демонстрантите, кои бараат повлекување на специјалните сили на косовската полиција од регионот со мнозинско српско население и смена на албанските градоначалници.
Контроверзни градоначалници
Спротивно на апелите на ЕУ и САД да ги намали тензиите во регионот наместо да ги подгрева, косовскиот премиер Албин Курти минатата недела им наложи на градоначалниците да ја преземат должноста.
На тоа претходеа локални избори кои косовските власти ги одржаа на 23 април. Но, косовските Срби, кои се мнозинско население во северно Косово, во голема мерка ги бојкотираа изборите, така што албанското малцинство презеде контрола над општинските совети, без оглед на излезноста од 3,5 проценти. Косовските Албанци победија и во заедниците со српско мнозинство.
Во текот на протестите во Звечан избија насилни судири меѓу демонстрантите и војниците на КФОР, на кои од 1999 година задача им е обезбедување на мирот врз основа на мандат од ОН. Повредени се 30 војници и 52 демонстранти.
Реакции од САД, ЕУ, НАТО и Русија
САД и ЕУ остро го осудија насилството, а НАТО одговори со зајакнување во регионот. КФОР моментално брои околу 4.000 војници, а би требало да добие уште најмалку 700 војници.
Русија во средата ја поддржа Србија. „Безусловно ги поддржуваме Србија и Србите“, изјави портпарол на претседателската канцеларија во Москва.
Косово има 1,8 милиони жители, од кои мнозинство се етнички Албанци, и во 2008 година прогласи независност од Србија, иако Белград до денес го смета за српска покраина. Во Косово живеат околу 120.000 Срби, главно на север. И многу други земји, вклучувајќи ги Русија и Кина, како и пет членки на ЕУ исто така не ја признаваат независноста на Косово.