Германија: Како Уставниот суд да се заштити од екстремисти?
6 април 2024Како што пишуваат германските медиуми, коалициската влада на канцеларот Олаф Шолц планира да го промени Основниот закон, како што се нарекува Уставот во Германија, во делот кој се однесува на Уставниот суд.
Власта и опозицијата се согласуваат
Како што пренесува весникот „Рајнише пост“ од нацрт законот, членовите 93 и 94 ќе бидат изменети со следните реченици: „Сојузниот уставен суд со сите други уставни органи е самостоен и независен највисок суд во земјата“. Понатаму се дефинира дека Уставниот суд се состои од два судски совети со по осум судии избрани на 12 години од долниот и горниот дом на германскиот парламент- Бундестагот и Бундесратот. Дополнителни промени на судиите нема да бидат можни.
На основниот закон треба да се додаде реченицата: „Одлуките на Сојузниот уставен суд се обврзувачки за сите уставни органи на државата и на сојузните покраини, како и за сите судови и државни канцеларии“.
Според медиумите, опозициските партии на Унијата- ЦДУ/ЦСУ, без чии гласови во Бундестагот промените се неостварливи, сигнализирала подготвеност да ја поддржи владината намера. Има, како што се наведува, „потреба од појаснувања“, за кои опозициската Унија и Владата ќе разговараат по велигденските празници.
Уставниот суд е на удар на екстремистите
Во последните месеци, политичките партии расправаа како да ги заштитат судските органи, а особено Уставниот суд, од влијанието на екстремистите како партијата Алтернатива за Германија (АфД). Оваа партија, поради тоа што некои нејзини ограноци беа прогласени за радикални десничарски организации од Канцеларијата за заштита на уставниот поредок, покрена бран противтужби во повеќе судови во земјата.
Досега можеше со едноставно мнозинство во Бундестагот да се менува законот за регулирање на овластувањата и методите на Уставниот суд, што отсега нема да биде можно. Досега за измените во самиот Основен закон беше потребно двотретинско мнозинство гласови од пратениците.
И германското здружение на правници ја поддржува промената на законот.