Германија: На сила стапува новиот закон за државјанство
27 јуни 2024Германскиот бордо пасош со орел е популарен. Не е ни чудо - германските граѓани уживаат речиси неограничена слобода на патување, можат да живеат и работат низ цела ЕУ, да соодлучуваат во политичките одлуки и слободно да ја изберат својата професија.
Патот до добивање германски пасош сега е поедноставен. Новиот закон за државјанство во Германија се применува од денеска, 27 јуни 2024 година. Многумина од дванаесетте милиони странци во Германија сега може да аплицираат за германски пасош.
1. До државјанство по брза лента
По пет години легален престој во Германија, странците можат да аплицираат за германско државјанство. Со „посебни постигнувања за интеграција“, тоа е можно дури и по три години. Имено, секој што може да покаже јазични вештини на високо ниво (Ц1, т.е. да може течно да се изразува), волонтерски ангажман или особено добри резултати на училиште или на работа, може побрзо да добие германски пасош. Досега, странците можеа да аплицираат за државјанство најрано после осум години.
Сојузната влада составена од Социјалдемократи, Зелени и Либерали, се надева дека ќе го зголеми бројот на лица кои добиле германско државјанство и на тој начин ќе создаде стимулации за побрза интеграција. Стапката на натурализација на Германија досега беше ниска во споредба со ЕУ, но неодамна се зголеми. Опозицијата од делумно десноекстремната Алтернатива за Германија (АфД) и конзервативната Унија (ЦДУ/ЦСУ) стравува дека германскиот пасош сега може да стане „евтина стока“.
2. Потребен приход
Досегашните предуслови за стекнување државјанство остануваат на сила. Секој што сака да се натурализира и натаму мора да заработува доволно за живот. Во овој дел правилата се заоструваат, така што на лицата со ниски приходи во иднина ќе им биде потешко.
3. Нема пасош за расисти и антисемити
Заложбата за слободниот демократски поредок определен со Уставот веќе беше задолжителна за секој што аплицира за германски пасош.
Ова конкретно значи дека се исклучени антисемитски, расистички или други нехумани дејства. Германски пасош не може да добијат и оние кои одбиваат еднакви права меѓу мажите и жените или живеат во бракови со повеќе партнери.
4. Одговорноста на Германија од историјата
Освен тоа, сега има и посветеност на посебната историска одговорност на Германија. За време на нацистичката ера, Германија ја започна Втората светска војна напаѓајќи ја Полска и уби околу шест милиони европски Евреи во геноцид организиран од државата.
Затоа и новонатурализираните Германци треба да се заложат за заштита на еврејскиот живот, како и забрана за водење на агресивна војна. Секој што не го дели овој став, не треба да стане Германец. Каталогот на прашања за тестот за натурализација треба да се прилагоди соодветно на тоа.
5. Одземање на германски пасош
На секој што лажел при натурализацијата може да му биде одземено германското државјанство во рок од десет години. Тоа веќе беше случај и досега.
Сега германскиот пасош може да го загуби и секој што не е сериозен во врска со својата посветеност на историската одговорност на Германија - на пример затоа што шири антисемитски пораки на омраза.
6. Двојно државјанство за секого
Секој што ќе стане Германец веќе не мора да се откаже од своето претходно државјанство. Тоа значи дека за сите мигранти е можно да имаат повеќе националности. Претходно ова беше предвидено само за луѓе од земјите на ЕУ.
На овој начин, германската влада сака да им излезе пресрет на луѓето кои се чувствуваат тесно врзани со својата земја на потекло. Аргументацијата гласи: факторите како што се јазичните вештини, образованието и посветеноста на демократијата се поважни за интеграција отколку имањето втор пасош.
7. Олеснување за гастарбајтерите и работниците со договор на ГДР
Помалку строги правила важат за луѓето од генерацијата на т.н. гастарбајтери кои дошле во Западна Германија помеѓу 1955 и 1972 година, како и за „работниците со договор“ на ГДР во Источна Германија. На тој начин треба да се изрази почит кон нивниот значаен придонес во развојот на Германија.
За нив, како доказ за јазични вештини, треба да биде доволно да може лесно да се комуницира на германски во секојдневниот живот. Покрај тоа, тие не мора да полагаат тест за натурализација.
8. Децата можат побрзо да станат Германци
Децата на странски родители добиваат германско државјанство доколку едниот родител законски престојувал во Германија повеќе од пет години. Претходно тоа беше можно само по осум години. Според студиите, колку порано децата со странски корени добиле германско државјанство, толку се поуспешни на училиште и на работа.
Но, новата регулатива не се применува ретроактивно. Тоа значи дека од ова ќе профитираат само децата родени по 27 јуни 2024 година.