Германија: Највисока инфлација во последните 70 години
30 септември 2022Поттикната од растечките цени на енергијата и на животните производи, инфлацијата во Германија во септември се зголемила за 10 проценти во однос на истиот месец од претходната година, соопшти Сојузниот завод за статистика во Висбаден. Во август порастот изнесуваше 7,9 проценти.
Економистите очекуваат стапката на поскапување да остане на двоцифрено ниво и во следните месеци. Толкава инфлација во Германија немало од повторното обединување на земјата. Високата инфлација ја намалува куповната моќ на потрошувачите, финансискиот маневарски простор на луѓето се стеснува.
Според анкета на Здружението на трговците во Германија (ХДЕ), веќе 60 проценти од потрошувачите ги ограничуваат купувањата, а дури 76 проценти најавиле уште поголемо воздржување при купувањето и стегање на ременот за идните месеци.
„Многу домаќинства моментално се принудени да издвојуваат повеќе пари за енергија, да вршат заштеди за покривање на надоаѓачките повисоки сметки за греење. Соодветно на тоа, нужно е редуцирање на купувањето други производи“, објаснува Ролф Биркл, експерт од ГфК, Нирнбершкиот центар за истражување на потрошувачката.
За најголемата економија во Европа тоа нема да остане без последици, со оглед што приватната потрошувачка е важен столб на конјунктурата.
Посебно висок пораст бележат цените на енергијата и прехранбените производи, што е една од последиците на војната во Украина, која се надоврза на кризата со пореметените синџири за снабдување по пандемијата на коронавирус. Во септември енергијата чинела 43,9 проценти повеќе отколку пред една година, прехранбените продукти поскапеле за 18,7 проценти.