1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: тешки времиња за владејачката коалиција

10 јуни 2024

За владејачките партии во Германија, европските избори се разочарување. Две големи партии (СПД и Зелените) тагуваа, додека третата (ФДП) здивна со олеснување. Преговорите за буџетот би можеле да бидат турбулентни.

https://p.dw.com/p/4gsb7
германска влада
Состанок на германската влада (2023)Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Кога двајцата претседатели на СПД заедно со водечката кандидатка Катарина Барли дадоа изјава во седиштето на оваа партија во Берлин, владееше тежок молк. Никогаш по војната СПД не поминал полошо на изборите. Партијата очигледно мора прво да го свари овој пораз и јавно да тагува. 

Целите на изборите всушност и не беа високи. Резултат како во 2019 година би бил доволен за социјалдемократите да бидат донекаде задоволни. Ларс Клингбајл и Саскиа Ескен велат дека секако ќе ги анализираат причините за ваквите лоши изборни резултати. Но, успехот на АфД беше прифатен со најголема горчина. 

Погрешни теми во СПД? 

СПД во кампањата за европските избори се фокусираше на борбата против десницата и со тоа очигледно привлече само дел од своите потенцијални гласачи.

Партијата очигледно ги загуби своите традиционални гласачи, работничката класа,  во корист на АфД . 

Сепак, нема да има персонални промени во СПД. Двајцата претседатели на партијата се цврсто во седлото. Иако Олаф Шолц не е најпопуларен меѓу членовите на СПД, многумина велат дека не постои реална алтернатива за него. 

Каде тогаш да се зајакне делувањето? Анкетата на АРД по изборите може да даде некои индиции: 85 отсто од гласачите се согласуваат со изјавата дека Олаф Шолц треба појасно да ја насочува владата, 77 отсто се согласуваат дека СПД вети многу, но постигна малку. 

Берлин СПД
Седиштето на СПД во Берлин за време на изборната вечер на 9 јуни 2024 годинаФотографија: Christian Mang/REUTERS

Клингбајл во вечерната изјава по изборите најави содржајно профилирање на партијата. Гласачите на СПД очекуваат стабилни пензии, поволни кирии и инвестиции во инфраструктурата. „Нашите луѓе сакаат да не видат како се бориме, особено во претстојните преговори за буџетот. Затоа, преговорите за буџетот се следното поле на конфликт. СПД јасно ја прифаќа пораката на гласачот. 

Политиката на СПД - дури и со отпор особено од ФДП, но и од Зелените - може дополнително да ја влоши и онака лошата клима во коалицијата. 

Криза на идентитетот на Зелените 

Со Зелените како коалициски партнер, СПД се соочува со партија која исто така треба да се собере по катастрофалниот резултат на европските избори. Зелените се во криза на идентитетот. Во нивните партиски штабови атмосферата по изборите е слична на онаа во штабот на СПД. Нема причина за славје. 

Не дојдоа ни Аналена Бербок и Роберт Хабек, можеби за да избегнат да им се стави на товар лошиот резултат, кој веќе се наѕираше. 

Сите во партијата очекуваа дека Зелените ќе имаат полош резултат во однос на претходните европски избори. Но, дека ќе потфрлат толку - тоа предизвика вистински шок. Затоа што новиот рекорден број членови, кој партијата го објави во последните недели, беше погрешен, давајќи надеж на многумина. Зелените велат дека поддршката е посилна во гласачката база. Но, надвор од таа база во моментов тешко добиваат поддршка.  

Рикарда Ланг, Тери Рајнтке и Омид Нурипур
Рикарда Ланг, Тери Рајнтке и Омид Нурипур - Зелени, 9.06.2024.Фотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Зелените и мирот 

Заштитата на климата беше најважното прашање на изборите во 2019 година - овој пат тоа елементарно прашање на Зелените не беше во фокусот. 

Многу испитаници во анкетите рекоа дека мирот им е поважен. Зелените сега треба да се запрашаат зошто, како самопрогласена мировна или пацифистичка партија, немаат корист од тоа. 

Зелените ги губат гласовите на младите гласачи  

Во салата беше особено тивко кога на големо видео на ѕидот се појавија проекции на гласовите на младите гласачи. 

Зелените забележаа голем пад и минус од 18 отсто кај младите до 30 години. Ова е токму групата гласачи на која Зелените секогаш можеа да се потпрат во минатото. Голем дел од гласовите на младите оди кај помалите партии како Волт, додека АфД исто така има голем раст во оваа возрасна група.

Зошто е тоа така? Дали младите гласачи всушност помалку се залагаат за заштита на климата отколку што се мислеше? Дали се разочарани од Зелените во владата? Тоа е секако прашање на кое Зелените ќе треба да се занимаваат како дел од нивната постизборна анализа. 

Олеснување во ФДП 

Додека двете големи коалициски партии се во лошо расположение, ФДП славеше кога на екраните се појавија првите бројки и покажаа дека ФДП освои 5 отсто од гласовите. Во анкетите за време на предизборната кампања, ФДП долго време беше под 4 проценти. Традиционално, германските гласачи често ги казнуваат владејачките партии на европските избори. 

Агнес Штрак Цимерман, ФДП
Агнес Штрак Цимерман, ФДПФотографија: Carlo Bansini/WDR

ФДП го припишува својот резултат на фокусот на економијата за време на изборната кампања. Од ФДП сметаат дека коалицијата треба да постави соодветни приоритети во буџетот. Тие инсистираат економската пресвртница да се постигне без зголемување на даноците и придржувајќи се до буџетските ограничувања.

По „значителен успех на европските избори“, како што гледаат либералите, ФДП во коалицијата сигурно нема да бидат тивки. Изборниот резултат може дополнително да ги интензивира конфликтите во германската влада.