Германија треба да штеди - навистина?
31 јануари 2024Оваа недела, германскиот Бундестаг прави нешто што всушност требаше да го направи на почетокот на декември 2023 година: го носи сојузниот буџет за годината што веќе започна. За доцнењето е одговорна Владата. СПД, Зелените и ФДП до неодамна не се согласуваа околу тоа дали и како може да се заштеди во 2024 година.
Државата ќе смее да потроши околу 477 милијарди евра, од кои 39 милијарди евра треба да се финансираат со кредити. Ова е максимумот што го дозволува во Уставоот внесената должничка кочница, кој ги поврзува кредитите со економското постигнување на земјата.
Долг од две и пол илјади милијарди евра
Пред да се воведе должничката сопирачка, вообичаено беше владите да земаат големи кредити кога државните приходи беа недоволни. Со текот на времетоо се натрупа планина од долгови, кои сега изнесуваат околу 2.500 милијарди евра. Неколку стотици милијарди евра беа додадени за време на пандемијата на коронавирус и откако Русија ја нападна Украина. Кочницата за задолжување во тој период беше прекината поради вонредни ситуации.
На долгот мора да се плати со камата. Само во 2024 година висината на каматите изнесува 36 милијарди евра. Затоа, „разумот диктира“ повторно да се почитува кочницата за задолжување, рече сојузниот министер за финансии и лидер на ФДП, Кристијан Линднер во Бундестагот. Коалициските партнери, СПД и Зелените, од друга страна, би сакале да земат повеќе кредити за да ја модернизираат земјата. Од двете страни постојано се слуша дека должничката сопирачка е „кочница за иднината“.
Голема потреба од инвестиции
Во Германија се дотраени многу нешта. Дотраени се патиштата, мостовите, железничката мрежа, но и зградите на државните образовни институции, односно училиштата и универзитетите. Ќе треба да се инвестира и во дигитализација. Во овој поглед, Германија заостанува во меѓународна споредба, исто како и во постигнувањата на своите ученици.
Институциите и судовите се префорсирани, а предметите се трупаат во администрацијата. На државно ниво недостасуваат стотици илјади станови, особено социјални станови за лица со ниски примања.
Тешко збогување со гасот, нафтата и јагленот
Сепак, најголем дел од парите недостасува за постепено исфрлање на фосилните горива и климатско неутрално преструктуирање на економијата. Владата за ова предвиде 60 милијарди евра, финансирани преку кредити кои не беа потребни за време на корона-пандемијата. План кој беше стопиран од Уставниот суд.
Тесно е и во воениот сектор. Бундесверот, кој со години е во лоша состојба, повторно треба да биде подобро опремен. За ова се предвидени 100 милијарди евра, распоредени во неколку години. Парите нема да траат вечно.
Како натаму во Украина?
Особено што од таканаречениот специјален фонд на Бундесверот сега треба да се финансира и испораката на оружје за Украина. Вонредно решение со оглед на затегнатата буџетска ситуација. Ова може да стане уште полошо доколку на Украина ѝ бидат потребни повеќе пари. СПД и Зелените веќе побараа во таков случај повторно да се прекине сопирачката за задолжување.
Ситуацијата би можела да стане уште потешка во 2025 година доколку следен американски претседател биде Доналд Трамп. САД се најголемиот финансиер во Украина, а на второто место е Германија. Ако Трамп ја прекине поддршката за Украина, Европејците ќе мора да го покријат тоа финансиски. Тоа би имало огромно влијание врз германскиот буџет.
Сојузни избори во 2025 година
Ситуацијата со следниот буџет е веќе тесна. Како што стојат работите во моментов, во финансиското планирање за 2025 година има дупка од најмалку 16 милијарди евра. Деталите би можеле да станат познати во март доколку министерот за финансии Линднер тогаш ги претстави клучните точки од предлог буџетот.
2025 година ќе биде клучна година за трите владејачки партии, бидејќи следните сојузни избори ќе се одржат во септември. СПД, Зелените и ФДП имаат слаби резултати во анкетите. Линиите на конфликт во буџетското планирање се предвидливи. СПД ќе се обиде да спречи кратења во социјалниот сектор, Зелените ќе се залагаат за доволно средства за заштита на климата, а ФДП ќе сака да продолжи да штеди.
Германската економија во рецесија
Министерот за финансии Линднер бара да има три блока на трошоци за кои треба повторно да се преговара: надоместокот што го добиваат невработените и неспособните за работа и меѓународна финансиска помош и субвенциите кои не помагаат да се олесни товарот на економијата.
Додека економското постигнување ширум светот, а и во еврозоната, се зголемува, тоа во Германија се намалува. Ова ќе има влијание и на даночните приходи. Следната даночна проценка, која исто така ќе биде основа за планирање на буџетот, ќе биде направена во мај.
Не е само АфД таа што сака да заштеди пари за бегалците
Најголемата опозициска пратеничка група во Бундестагот, ЦДУ/ЦСУ, исто така бара намалување на социјалните бенефиции. Унијата (ЦДУ/ЦСУ) во визир го има и надоместоткот за невработени и лица неспособни за работа (т.н. граѓански надоместок), кој изнесува 44 милијарди евра годишно, како и издатоците за бегалците.
„Имаме 1,7 милиони корисници на граѓанскиот надоместок кои се регистрирани како невработени, а кои би можеле да почнат со работа утре“, рече заменик-претседателот на парламентарната група на Унијата, Матијас Миделберг, во Бундестагот. „Темата азил сега е исто така голем фактор на трошок - ние трошиме 27 милијарди евра за тоа, вклучително и за борба против причините за бегство“.
Помалку пари за развојна помош
Борба против причините за бегство - тука се мисли и на развојна соработка и хуманитарна помош. Двете области се веќе најголеми губитници во буџетот за 2024 година, се жалат невладините организации како што е ВЕНРО. Буџетот на Сојузното министерство за економска соработка БМЗ ќе се скрати за речиси десет отсто, а хуманитарната помош за 20 отсто. Заедно тоа изнесува добри 1,4 милијарди евра.
Михаел Хербст, прв човек на ВЕНРО, смета дека е загрижувачки тоа што намалување веќе не бара само АфД, која е делумно десноекстремна. „Она што е особено загрижувачко е тенденцијата во центарот, па и полево од него, кон популистичка критика на развојната политика, која инаку е стандардна кај екстремната десница.“
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик