Германија: Владата планира да ги стабилизира пензиите
5 март 2024Сојузниот министер за финансии Кристијан Линднер и министерот за труд, Хубертус Хајл го претставија денеска (05.03.2024) одамна најавуваниот Пензиски пакет за Германија. Со него владејачките СПД, Зелените и ФДP сакаат до 2039 година да ја загарантираат висината на пензиите од 48 проценти од просечната плата и да избегнат зголемување на придонесот за пензиско осигурување. За финансирање на пензиите на тоа ниво меѓутоа потребен е дополнителен извор, па владата планира создавање додатен пензиски столб.
Сојузната влада ќе ги вложи милијардите евра на пазарот на капитал, а од нивните приходи од средината на 2030-те години би требало да бидат уплаќани субвенции на пензиското осигурување, најавија министрите Хајл и Линднер на конференцијата за новинари во Берлин. Тој нов столб е наречен „генерациски капитал“ и би требало да биде трет столб од кој ќе се финансираат државните законски пензии, покрај фондот кој се создава со месечни придонеси и редовните дотации од државниот буџет секоја година. Моментално од државниот буџет годишно на финансирање на пензиите се трошат околу 100 милијарди евра.
Хајл: Неизбежно осигурување на висината на пензијата
Среднорочно, придонесите за пензиско осигурување би требало да бидат покачени, тоа е јасно. До 2025 година тие би требало да останат на 18,6 проценти од бруто платата, при што половината ја плаќа работникот, а половината работодавачот, но од 2035 година придонесите би требало да бидат зголемени на 22,5 проценти од бруто платата.
Хајл смета дека со пакетот, реформата на пензиското осигурување е на добар пат. „Нема да има намалување на пензиите и нема да има ново зголемување на старосната граница за одење во пензија“, изјави тој. Моментално законската старост за пензионирање е 67 години, при што таа постепе но етапно се зголемува, така што оваа година достигна 66 години, а полна висина од 67 години ќе достигне за шест години. Без додатни државни субвенции пензиите уште од 2026 година би паднале на помалку од 48 проценти од просечната плата. Затоа е нужно обезбедување на дополнителен извор на финансирање, за да се загарантира висината на пензиите, смета Хајл.
Освен тоа, законската пензија е генерациски договор кој мора да се почитува, нагласува Хајл: „Оној кој денес уплатува придонеси, мора и во иднина да може да се потпре на законска пензија.“
Линднер: Ги користиме шансите на пазарот на капитал
Линднер објасни дека создавањето фонд на пазарот на капитал од околу 200 милијарди евра ќе го ублажи очекуваното зголемување на придонесите поради сѐ повисоката просечна старост на населението. Тој тоа го нарече „вистинска промена на парадигми“.
Гаранцијата за висината на пензиите која моментално е на сила истекува во 2025 година. ФДП уште одамна бара пензиското осигурување да се дополни со компонента која ќе биде покривана од капитал. Но, Линднер избегна користење на спорниот поим „акциска пензија“. „Повеќе од сто години е пропуштена шансата пазарот на капитал да се искористи за осигурување на законските пензии. Сега ја користиме таа шанса“, рече министерот за финансии и лидер на ФДП, Линднер.
Хајл и Линднер нагласија дека не станува збор за ризично вложување или краткорочни шпекулации. „Тоа се долгорочно добро вложени пари“, рече министерот Хајл. Исто така не станува збор за тоа граѓаните да вложуваат пари во акции, туку за вложување исклучиво државни пари. Соодветниот предлог закон би требало да биде ускладен во владејачката коалиција, по што владата ќе го предложи на парламентот. Целта е прифаќање на тој закон за реформа на пензискиот систем пред летната пауза на Бундестагот.