Германска тајна служба: Путин нема желба да преговара
22 февруари 2023Една година по почетокот на руската инвазија на Украина, рускиот претседател Владимир Путин не е подготвен на преговори, оценува шефот на германската тајна служба БНД, Бруно Кал. На прашањето дали гледа волја кај Путин да склучи мир, шефот на БНД во интервју за РНД одговара: „Воопшто не. Во моментов се бара одлука на бојното поле и остварување на што е можно поголема предност таму - а потоа можеби во одреден момент да диктира мир според негови услови“.
Според Кал, Русија би можела да испрати уште еден милион војници во војната во Украина. „Минатата есен беа мобилизирани и регрутирани околу 300.000 луѓе. Дел од нив се обучуваат, а дел се веќе испратени во борба. Натамошниот потенцијал за мобилизација во Русија е резервоар од еден милион луѓе, доколку Кремљ смета дека е тоа неопходно“, изјави Кал за РНД.
Според него, одбраната на Украина против бројчено надмоќните Руси во моментов е сѐ уште ефикасна, „но тоа на долг рок е тешок судир, кој за Украинците може да биде успешен само доколку поддршката на Западот е навистина одржлива“. Кал вели дека на Русите во меѓувреме им успеало да ги запрат изненадувачките успеси на Украинците и дека војната сега е „војна со фронтови, многу ужасна, брутална војна на исцрпување“.