Германската економија ѝ пркоси на кризата
25 ноември 2022Економската моќ во летниот квартал е подобра отколку што сојузната влада прогнозираше во својата проекција, изјави портпарол на Министерството за економија. Статистиката ја покажува силната отпорност на германската економија во однос на војната во Украина и енергетската криза. „Многу договори за набавка на руска нафта, гас и јаглен беа пренасочени“, изјави портпаролот.
За порастот е одлучувачка домашната потрошувачка. И покрај инфлацијата и енергетската криза, потрошувачите го искористија укинувањето на речиси сите корона-рестрикции во третиот квартал, за да патуваат повеќе или да излегуваат, објаснуваат статистичарите. Севкупно, приватната потрошувачка е за еден процент поголема отколку во вториот квартал од годинава. Државната потрошувачка, пак, е останата на исто ниво како и во претходниот квартал.
Трговијата со странство е зголемена и покрај тензичната меѓународна ситуација, велат статистичарите. Благодарение на континуираниот голем обем на нарачки и подобро функционирањето на глобалните синџири на снабдување, во третиот квартал се извезени 2% повеќе стоки и услуги отколку во претходниот квартал. Зголемувањето на увозот пак е нешто повисоко - 2,4%.
„Изненадувачки позитивен“, како што се вели, е развојот во преработувачката индустрија. Главно поради зголемувањето на производството во автомобилската индустрија и во машинството, економското постигнување од јули до септември забележа пораст од 0,9%.
Бруто додадената вредност, пак, има „особено динамично“ зголемување во областа на трговијата, транспортот и угостителството, како и во делот на давателите на јавни услуги, образованието и здравството.
Сепак, актуелните конјунктурни податоци и натаму сигнализираат рецесија назима. „Предуслов за блага рецесија е да нема акутен недостиг на гас, да нема тежок корона-развој и синџирите на снабдување да продолжат да се стабилизираат“, констатираат експертите.
Освен тоа, се очекува позитивен ефект одпланираните сопирачки за цените на гасот и електричната енергија „бидејќи тие се конкретна помош за потрошувачите при плаќањето на авансите за електрична енергија и гас/топлина“, се вели во извештајот.
Економистите се воздржани во однос на очекувањата за зимата и кварталите кои доаѓаат. Главниот стратег на банката Мерк Финк, Роберт Грајл, вели: „По топлото лето и благите температури есенва, германското стопанство е соочено со студена зима. И натаму сметам со рецесија. Ако зимата не е остра, блага рецесија би била поверојатна од длабока рецесија.“
Јерг Цојнер од фондот Унион Инвестмент исто така смета дека не треба да се биде еуфоричен: „Потрошувачите сè уште не чувствуваат голем дел од товарот. Студените недели од грејната сезона допрва доаѓаат. Домаќинствата во наредните недели веројатно ќе добиваат и повисоки сметки за авансните плаќања. Како последица на монетарната политика, ќе се почувствуваат и построгите кредитни услови.“
Но, Цојнер не гледа причина ниту за песимизам: „Заклучокот е дека треба да се очекува намалување на економското постигнување за 1,5 отсто во текот на зимата. Добрата работа, сепак, е што не треба да се очекува полошо од тоа.“