1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Германските лекари се жалат на насилни пациенти

СН/агенции
17 август 2024

Во германските лекарски ординации сѐ почесто доаѓа до закани, па дури и до физички напади од страна на пациентите. Шефот на германското Здружение на лекари бара построги казни за насилниците.

https://p.dw.com/p/4jYW9
Германските лекари зачестено се соочени со насилство од страна на пациентите
Германските лекари зачестено се соочени со насилство од страна на пациентитеФотографија: Peter Byrne/empics/picture alliance

Лекарите сѐ почесто пријавуваат случаи на насилство. „Агресивното однесување, вербалните закани, па дури и физичките напади стануваат сè поголем проблем во лекарските ординации“, изјави Андреас Гасен, претседател на германското Здружение на лекари кои работат со државни здравствени осигуреници во Германија, за весникот Ноје Оснабрикер Цајтунг. „Сѐ почесто ситуацијата ескалира, не само во одделенијата за итни случаи, туку и кај приватните лекари.“

Отворената агресија и многу напорното однесување значително се зголемија. „Се работи за вербално и за физичко насилство. Самиот имав пациент кој ми ја скрши вратата од ординацијата“, вели Гасен, кој работи во заедничка ординација во Диселдорф.

Андреас Гасен
Андреас Гасен Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Најтешко погодени се медицински сестри

Ваквото однесување не е правило, проблемите потекнуваат од „мала, но за жал растечка група“, вели Гасен. Тоа е најтешко за медицинските сестри. Тие се најчести жртви на насилство и агресија од страна на пациентите.

„Феноменот дека пациентите не знаат како да се однесуваат и имаат искривена проценка за итноста на сопствената состојба е независен од етничкото потекло. Освен тоа, сѐ почесто се случува некој да биде болен, а шест луѓе да дојдат со него на лекар или во итната медицинска помош и направат неред. Тоа е зачудувачки и крајно непријатно“, нагласува германскиот доктор.

Тој бара јасни и брзи казни за вакви случаи. „Во спротивно пораката нема да допре до некои луѓе.“

Сè повеќе пациенти во Германија се сè попребирливи - и поагресивни
Сè повеќе пациенти во Германија се сè попребирливи - и поагресивниФотографија: Klaus Rose/picture alliance

Се бараат построги казни

Министерот за правда Марко Бушман има намера, меѓу другото, подобро да ги заштити спасувачките служби од агресија и од насилство со благо заострување на Кривичниот законик. Гасен побара законот, кој сѐ уште се подготвува, да се прошири и на медицинските ординации. „На заострувањето на Кривичниот законик во оваа насока предолго се чекаше. Вработените во ординациите не мора да го трпат сето тоа“, нагласува тој.

Шефот на лекарското здружение се пожали дека политиката сѐ уште доволно не го препознала овој проблем. „Подеднакво е неприфатливо кога на пожарникарите се фрлаат шишиња, како и кога персоналот во болница или во ординација е под закана или е физички нападнат затоа што некој идиот мисли дека неговата настинка треба веднаш да се лекува и дека не бил третиран доволно љубезно во ординацијата или во болницата“, предупредува претседателот на Здружението на германски лекари.