1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиГерманија

Глобален медиумски форум на ДВ: Медиумите под притисок

Кристоф Хаселбах
17 јуни 2024

На претстојниот Глобален медиумски форум на Дојче веле, учесници од целиот свет ќе зборуваат за заканите кон новинарите, дезинформациите и промените предизвикани од вештачката интелигенција.

https://p.dw.com/p/4h2E8
Глобален медиумски форум
Главните дебати на ГМФ се одржуваат во поранешната пленарна сала на Бундестагот во БонФотографија: Philipp Böll/DW

Околу 1.500 медиумски професионалци од повеќе од 100 земји се пријавија на Глобалниот медиумски форум (ГМФ) на ДВ на 17 и 18 јуни во Бон. Овогодинешното мото е „Споделување решенија“. Станува збор за решенија за важни прашања кои се однесуваат на новинарството и медиумите ширум светот.

Бенјамин Парган, кој го води одделот за манифестации во ДВ, ги наведува клучните теми: безбедност на медиумските професионалци - физичка, психолошка, правна или економска. Бидејќи 2024 година е изборна година во, на пример, Индија, ЕУ или САД, покривањето на изборите исто така ќе биде во фокусот. Дополнително, како да се справиме со кампањите за дезинформација, брзиот развој на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз секојдневната работа на новинарите. 

Притисок од многу страни 

Слободните, избалансирани медиуми денес се под различни притисоци, објаснува Парган:

„Има државни актери кои намерно сакаат да ја нарушат довербата во медиумите и новинарите. Популистичките и екстремистичките партии исто така ги гледаат квалитетните медиуми како непријатели и работат на уништување на таа доверба“.

Покрај тоа, според Парган, тука се и технички развој, економскиот притисок и конечно постојаната опасност за медиумските професионалци во воените зони. „Сето тоа ќе игра улога во нашите дискусии“. 

Бенјамин Парган
Бенјамин Парган, раководител на одделот за манифестации во ДВФотографија: Ayse Tasci-Steinebach/DW

И Германија не е имуна на некои од овие проблеми, вели Хендрик Вист (ЦДУ), премиерот на покраината домаќин Северна Рајна-Вестфалија, во снимениот поздравен говор: „И овде радикалните сили се борат против слободата и независноста на медиумите. Противниците на нашата демократија ги негираат фактите. Тие се потпираат на лажни вести и пропаганда, на омраза и агитација“. ГМФ нуди совршена платформа за размена, вели политичарот Вист. 

Многу позитивни примери 

Новинарите се жалат и дека напливот од медиумски понуди предизвикува замор од информации, особено негативните вести. На оваа тема ќе се разговара и на ГМФ. Некои претставници на медиумите се чувствуваат преплавени од големиот број проблеми. 

Но, има и многу позитивни примери кои луѓе од целиот свет сакаат да ги претстават на ГМФ. Како на пример Марија Реса од Филипини. Со нејзината онлајн новинска организација Раплер, таа се бори против дезинформациите и ја доби Нобеловата награда за мир во 2021 година. 

Германија Аналена Бербок
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ќе го отвори ФорумотФотографија: epd-bild/picture alliance

Или Моки Макура, новинарка и публицистка од Нигерија. Со нејзината организација Африка без филтер, таа се бори против штетните приказни за Африка и се обидува да ги истакне достигнувањата и можностите на континентот. Или Нада Башир, репортерката на Си-Ен-Ен која стана позната по известувањето за војната во Појасот Газа и војната во Украина. 

Предавањата и дискусиите се разновидни 

Пред присутните ќе се обрати германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, а потоа ќе се одржи дебата на тема „Моќта на демократијата“. Поранешниот јужноафрикански уставен судија Алби Сакс ќе зборува на темата „Од полемика до компромис - потрага по заеднички јазик во поларизирани времиња“. Ќе се разговара и за чувствително прашање - како адекватно да се известува за блискоисточниот конфликт. 

Вештачката интелигенција - и добра и лоша 

Вештачката интелигенција станува сè поважна тема, особено во медиумскиот сектор - затоа што отвора огромни нови можности, на пример во истражувањето, но претставува и голем ризик од злоупотреба.

„Овој развој е неповратен“, вели Бенјамин Парган. „Медиумските компании треба да учествуваат во обликувањето, а не да се спротивставуваат, но во исто време правилно да ги проценуваат и класифицираат можностите и ризиците. Во разговорите со колегите од целиот свет сакаме да покажеме позитивни примери, да укажеме на шансите и ризиците во отворена размена“.

Глобален медиумски форум на ДВ
Глобален медиумски форум на ДВ: Медиумите под притисок

Во програмата на ГМФ пишува: вештачката интелигенција има способност да го „преврти нашиот медиумски систем наопаку. Може да ги уништи деловните модели, да промовира дезинформации и да ја поткопа довербата во општеството. Но, може да се користи и за поголем пристап до информации и дигитално учество“.

ГМФ, исто така, зборува за тоа како луѓето во глобалниот југ можат да имаат корист од придобивките од вештачката интелигенција. Во едно видео, ГМФ создава визија за иднината: „Замислете свет во кој секој има слобода на говор, печат и пристап до информации за секого“. А, потоа се вели: „Престанете да сонувате! Ајде да се активираме! На Глобалниот медиумски форум на ДВ во Бон. Учесници од целиот свет сакаат да го споделат своето решение со нас и да го обликуваат новинарството на иднината! Придружи ни се!"