1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големата кашлица зема замав - досега регистрирани 15 случаи

ДТЗ
6 февруари 2024

Лекарите апелираат до родителите да ги вакцинираат децата, за да се спречи ширење на болеста. Се очекуваат препораки од Комисијата за заразни болести.

https://p.dw.com/p/4c6Pv
голема кашлица
Големата кашлица зема замав - досега се регистрирани 15 случаи, од кои повеќето се децаФотографија: Matej Kastelic/Zoonar/picture alliance

Големата кашлица зема замав и во Северна Македонија. Откако нагло порасна бројот на заразени во регионот, се повеќе случаи се детектираат и во земјата. Надлежните информираат за три нови случаи на голема кашлица кои се регистрирани во државата, со што бројката се зголеми на вкупно 15 од почетокот на годината. Комисијата за заразни болести најави нова средба на која ќе се разговара и за оваа заразна болест, но и за  грипот и ковидот чиј пик се очекува до крајот на февруари. 

Доктор Кристина Ставридис, епидемиолог од Институтот за јавно здравје, за државната агенција МИА изјави дека преку системот за следење заразни болести, евидентирани се вкупно 15 случаи на голема кашлица од почетокот на годината. Меѓу заразените има и бебиња од два месеци кои се хоспитализирани. Ниту еден од заболените не е вакциниран. 

Брзо се шири меѓу децата 

Директорот на Центарот за јавно здравје во Скопје, Бесим Зеќири за ДВ вели дека во моментот има 12 случаи на магарешка кашлица, од кои 11 се деца, а само едно лице е возрасно. Неколку случаи се во фаза на испитување. Тој апелира до родителите да ги вакцинираат децата, со што ќе се спречи понатамошно ширење на болеста. 

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, вели дека ќе остави на професионалците да одлучуваат какви мерки ќе се преземат понатаму во врска со големата кашлица.

„На седницата на Комисијата за заразни болести ќе се разгледа каква е состојбата. Таму има врвни професионалци, јас сум невролог. Ќе оставам на професионалците кои се во таа комисија, да се одлучува како понатаму. Но, тоа што ветувам и досега што тврдев, состојбата е под контрола и ние ги надгледуваме сите состојби во здравството, не само за заразни болести. Веќе е месец февруари, ќе им дојде крај и на овие вируси и други состојби што го влошуваат здравјето на пациентите“, рече Меџити, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе побара од Комисијата за заразни болести да се прогласи епидемија во Скопје.

Големата кашлица е заразна болест. Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека во 2014 година ширум светот имало приближно 24,1 милиони случаи. Во следните години, овој број брзо се намали благодарение на вакцините. 

Големата кашлица се пренесува преку бактеријата бордетела пертусис (Bordetella pertussis). Тоа е инфекција преку капки. Патогените се пренесуваат од едно на друго лице на растојание до еден метар при кашлање, кивање или дури и зборување. 

грип
Првите симптоми на болеста се слични на симптомите на настинка.​​​​​​​ Тие се појавуваат околу девет до десет дена по инфекцијата. Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand

Какви се симптомите?  

Првите симптоми на болеста се слични на симптомите на настинка. Тие се појавуваат околу девет до десет дена по инфекцијата. Но, дури и пред да се појави типичната кашлица, заразените можат да бидат преносители на болеста, а тоа се случува брзо. Околу 70 до 80 проценти од оние кои доаѓаат во контакт со заразено лице - се заразуваат.

Бактериите што заразените лица ги собрале преку инфекцијата, се населуваат во горниот респираторен тракт и бронхиите. Таму се множат. Тие произведуваат токсини кои ги оштетуваат цилиите и ги иритираат слузницата и центарот за кашлање во мозокот. Ова доведува до спазматични напади на кашлање.

Најчесто се погодени доенчињата и малите деца. Тие на моменти кашлаат толку силно што може да се помисли дека се гушат. Кај малите деца може да се појават сериозни компликации, како што е респираторна инсуфициенција - запирање на дишењето. Ситуацијата може да биде опасна по живот за нив бидејќи нивните дишни патишта сѐ уште се тесни и можат да отечат за кратко време. Доенчињата и малите деца за кои постои сомневање дека имаат голема кашлица треба да бидат прегледани од лекар што е можно побрзо. Околу две третини од нив мора да одат на болничко лекување.

Возрасните исто така лесно можат да се заразат, особено ако не се вакцинирани. Вакцината мора да се освежува на секои десет до 15 години. За разлика од доенчињата и децата, болеста за возрасните е опасна по живот само во исклучителни случаи и е повеќе слична на бронхитис.

Оние кои прележуваат голема кашлица не се доживотно заштитени од разболување. Ако еднаш се прележи, болеста потоа е само малку полесна. Затоа, во секој случај се препорачува вакцинација. Ова е единствениот начин за лична и заштита на другите.